
Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Дарко Димовски, ги посети канцелариите на Сојузот на синдикатите на Македонија во градовите Штип и Струмица и остари средби со Секретарите, Верица Тасева и Бранко Георгиев, а на средбите присуствуваа и Миќо Стојановски, претседател на Синдикатот на работниците од сообраќај и врски на РМ (СРСВМ) и Лазе Георгиевски, Секретар од РСП Скопје.
На средбите се разговараше за предизвиците со кои се соочуваат работниците во овие градови и региони, состојбата со Корона вирусот COVID-19 и почитувањето на мерките и протоколите за заштита од ширење и внесување на заразната болест, како и за активностите кои претставниците на ССМ ги преземаат за заштита на работничките права и овозможување на правна заштита.
Истовремено при посетата на Штип и Струмица, беше остварена средба со работниците и Директорот на АД Баргала од Штип како и со работници од неколку компании од Струмица ( Хотел Сириус, Струмица Експрес, ЈКП Турија – Општина Василево), а како заклучок од средбите произлезе дека „Работодавачите се должни да ги преземат сите мерки за заштита на здравјето на работниците како на работните места така и при организирање на превозот на работниците од и до работните места, а во спротивно истите подлежат на одговорност за последиците на здравјето на работниците“.
Сојузот на синдикатите на Македонија, активно работи на зајакнување и подигање на капацитетите на синдикалните канцеларии на територија за обезбедување и заштита на работничките права, нешто што не е направено во последните 15 години, а како потврда на тоа е и идното опремување на овие канцеларии со техничка опрема преку активноста која ја спроведува ССМ „Правна заштита – сигурност на работничките права“ со финансиската поддршка од проектот Зајакнување на социјалниот дијалог, кој го спроведува Меѓународната организација на трудот, а е финансиран од Европската Унија.


