Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

АПЕЛАЦИОНИОТ СУД ВО ШТИП ГО УКИНА СКАНДАЛОЗНОТО И СРАМНО РЕШЕНИЕ НА СУДИЈАТА ПИЛАТОВ СО КОЕ НЕ СЕ ОТВАРИ СТЕЧАЈНА ПОСТАПКА ВО БАРГАЛА АД ШТИП

По жалба на Сојузот на синдикатите на Македонија и доверителите – работниците кои беа предлагачи за отварање на стечајна постапка над должникот Друштво за производство и трговија за чевли БАРГАЛА АД Штип, Апелациониот суд во Штип со Решение ја усвои жалбата на ССМ и Решението на Основниот суд Штип СТ.12/21 го укина и предметот го врати на повторно судење.

Со Решението, Апелациониот суд го задолжува Основниот суд во Штип при повторното постапување со сигурност да утврди дали доверителите – работниците имаат доспеани, а неплатени парични побарувања врз основа на важечки основи за плаќање ( дали исплаќал плата во износ и висина утврдена во согласност со Закон и колективен договор) и дали должникот е неспособен за плаќање повеќе од 45 дена од која било негова сметка кај кој било носител на платниот промет.

Судијата Емил Пилатов кој во тој период во врска со поднесеното барање за отварање на стечајна постапка во АД Баргала Штип, во изјава за медиумите кратко одговорил : - ,, Нема стечај засега, ќе чекаме Апелација што ќе каже“ го доби одговорот од Апелациониот суд кој со Решение ја усвои жалбата на ССМ и Решението на Основниот суд Штип СТ.12/21 го укина и предметот му го ​ врати на повторно судење заради суштествени повреди на постапката со оглед на тоа што причините се нејасни и контрадикторни врз основа на кој судел Судијата.

Иако за сите државни институции и за ССМ, работењето во Баргала АД Штип е скандалозно и без почитување на законите во државата, ​ судијата Емил Пилатов и привремениот стечаен управник Пепи Панев дозволија да страдаат околу 300 вработени и нивните семејства, оставени без плати , со незаконити отказни решенија и без стабилен статус и егзистенцијална иднина што се потврдува и со оваа пресуда.

Кредибилитетот и независноста на Основниот суд во Штип со ваквите судии и ваквите пресуди е сериозно нарушен, а очигледно е развиена мрежа од поединци судии и стечајни управници која слугува на газдите на АД Баргала и дозволуваат работниците со месеци да гладуваат и покрај решенијата за исплата на неисплатените плати и решенијата за враќање на работниците и работничките на своите работни места.

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2026 | Сите права се задржани.