- Македонски
- English

Инфлацијата излезе надвор од контрола и истата според последните пресметки достигна високи 18,7%, а Владата не презема ништо во изминатиот период да се спречи ваквиот галопирачки раст, а трендот на осиромашување на работниците и граѓаните никој не го спречува туку напротив газдите се закануваат со откази.
Синдикалната минимална кошница која ја пресметува ССМ, за септември достигна 50.224,00 денари.
Владата и работодавачите го честитаа 07 октомври, Меѓународниот ден за пристојна работа со непристојни плати и непристојна работа, со сиромашни работници и граѓани кои веќе не можат да си ги дозволат основните потреби за егзистенција.
Поради се поевидентното зголемувањето на цените, имаме тренд на осиромашување на работниците и граѓаните и итно е потребно зголемување на платите со кој ние работниците без да се грижиме за нашата егзистенција ќе можеме да си ги овозможиме најмалку трошоците во висина на една синдикална потрошувачка кошница.
Бизнисот и газдите и во време на економска и енергетска криза направиЈА милионски добивки додека работниците едвај преживуваат и го чувствуваат на сопствена кожа најголемото зголемување на трошоците за живот од 18.7%.
Тоа што им е потребно на работниците е едноставно, поголеми пристојни плати и пристојни услови за работа.
Не може да се справувате со зголемените трошоци за живот без зголемување на платите на работниците, поради тоа ССМ инсистира платите во државата да го следат порастот на инфлацијата од 18,7 % но и порастот на синдикалната кошница која ја изработува ССМ.
ССМ бара доследна примена на одредбите од колективните договори за усогласување на платите согласно порастот на инфлацијата, продолжување на важењето на досегашни анти-кризни мерки со замрзнување на маржата кај досега определените продукти како и проширување на повеќе прехрамбени продукти, но и бесплатен градски превоз до и од работа .
Исто така, ССМ бара да се воведе повторно мерката за право на платежна картичка за купување домашни производи и плаќање на сметките за електричната енергија за одредена категорија на работници и граѓани кои се најзагрозени и најпогодени од економската криза односно да се поделат вредносни картички за купување храна и плаќање на сметките за електрична енергија на одредена категорија на семејства, особено на оние чиј вкупен приход е во износ под просечна плата (31.812,00 денари) во едно четиричлено семејство во висина до разликата од синдикалната минимална кошница (50.224,00 денари).
Апелираме на одговорно однесување на владата и бизнис секторот , време е за одговорно однесување и солидарност и поддршка пред се за ранливите категории на работници и граѓани, во спротивно социјалните немири нама да може да ги спречи никој.