- Македонски
- English

Почитувани,
Целта на Владата на Република Северна Македонија е создавање медиумски простор за непристрасно и објективно информирање на граѓаните, бидејќи само вистински информирани граѓани може слободно да донесат одлука за иднината на својата држава.
Вака Владата ја толкува слободата на медуими која, според нив, треба да овозможи простор за непристрасно и објективно информирање и вистински информирани граѓани, а веќе втора недела продолжуваат притисоците за кратење на Буџетот на Медиумската информативна агенција (МИА) иако репрезентативниот синдикат - Синдикатот на Медиумските Информативни Агенции – СМИА испрати писмо до премиерот Димитар Ковачевски, вицепремиерот Фатмир Битиќи и до Генералниот секратар на Владата дека мерките коишто ги предлагаат ќе се рефлектираат негативно врз нормалното функционирање на Агенцијата, а со тоа ќе се намали и информирањето на граѓаните.
Почитувани, МИА беше спомената како позитивен пример во Извештајот на Европската комисија како медиум кој има склучено Колективен договор, и се надеваме дека тоа не е причината Владата да посегне по скромните, односно под секое ниво плати и додатоци кои ги земаат новинарите во државната Агенција.
СМИА, повторно, а сега и јавно, информира за последиците коишто ќе произлезат од кратењето или намалувањето на Буџетот на Агенцијата.
Прво - Ви укажуваме на значајната разлика на институцијата Медиум со која било друга владина агенција или министертво и сметаме дека треба да бидеме изземени од пакетот за штедење особено заради тоа што од МИА се информираат речиси сите релевантни медиуми, традиционални и електронски, амбасадите, меѓународните институции и агенциите во регионот и во Европа.
Второ - Сакаме да укажеме дека МИА ккао медиум функционира 24 часа и не е во состојба да ги диктира настаните, туку ги покрива сите важни настани во државата и во странство, дење и ноќе, за празници и саботи и недели. Природата на медиумската работа не дозволува ограничување ниту на простор, ниту на интернет, ниту на телефонска комуникација.
Трето - Патувањата во странство се исклучиво за покривање на активностите на државните функционери, а работата во недела и прекувремената работа се заради ефикасно покривање на настаните и настапите исто така на државните функционери и општествените чинители.
Четврто- Со кратењето на средствата како што се ноќен труд, прекувремени часови и дневници… кои на вработените им следуваат со колективниот договор, се кршат работничките права, а пак со намалувањето на човечки ресурси, се оневозможува достапноста до информации за граѓаните. За илустрација – доколку има настани по работното време, за празници и недели, со ограничувањето на човечки ресурси во Агенцијата, ќе се ограничи можноста да се информира за активностите на владините министри, опозицијата, невладините….
Вработените во МИА, како и за време на ковид кризата, така и сега, го даваат максимумот поради професионалноста и почитувањето на новинарската етика. МИА во последните години се издигна на ниво на државна агенција од рангот на светските агенции, ја зголеми продукцијата до 400 вести на дневна основа, а го разви и видео сервисот кој се повеќе се користи од останатите медиуми, па дури и од власта и опозицијата.
МИА е генератор на вести, чувар од злоупотребата на лажните вести, медиум респектибилен во земјава и странство кој го одржува нивото на коректното новинарско известување.
Барате да ги намалиме трошоците, а пред неколку месеци на МИА веќе и беа скратени 20 проценти од Буџетот, пари кои беа префрлени на друга институција. Сега, со тие скратени средства ја водите нашата Агенција како „загубар“ која, како „таква“, треба да скрати трошоци, иако МИА има остварен приход поголем од минатата година и по оваа основа не е загубар.
МИА и понатаму ги врши професионално своите обврски иако во моментов работи во адаптирани услови во хол од зграда предвиден за Факултетот за драмски уметности и театар. И во вакви адаптирани услови, правиме напори да се штеди со оглед на актуелната криза. Во холот (чекалната за во театарот) има десет лед сијалици од кои само 3-4 се вклучуваат навечер, а се користат само компјутери кои им се потребни на новинарите на смена значи струја се штеди максимално. Се почитуваат и владините препораки за ротација, односно дел од вработените работат од дома. Максимално се скратени непродуктивните трошоци, а хартија за раце секој носи од дома. Водата не е за пиење оти повремено тече рѓа од неа, се користи само како техничка за тоалетите. Парното е централно за цела зграда во која се сместени СЕП, ДКСК, СОЗР и МЖСПП.
Кога станува збор за вработувањата, на МИА веќе неколку години не и се дозволуваат вработувања кои и се неопходни, а за кои има останати средства поради заминување на колеги во пензија. Со месеци чекаме министерот за финансии Фатмир Бесими да потпише одобрување за 5-6 вработувања кои нема да бидат дополнителен товар на Буџетот.
Доколку се продолжи со ваквото системско оневозможување на работата на единствената државна Агенција, која во моментов е стожер на вистината и транспарентното известување на кое се потпираат граѓаните, Синдикатот на МИА ќе превземе сериозни мерки во одбрана на скоро 25-годишниот труд којшто го вложија вработените во Агенцијата за да го достигне овој, и според Европската комисија, позитивен пример во медиумскиот простор.
Да потсетиме дека во пандемијата и на самиот почеток кога се чувствуваше голем страв кај сите, МИА не престана со работа во ниту еден момент, напротив на многу настани сами без други медиуми пренесувавме во живо од прес-конференциите на терен кои ги одржуваше Владата и здравствените работници. Нашите новинари, и болни од ковид, од дома не престанаа да пишуваат вести, со цел да не се создаде паника поради кризата и дополнително ја зголемивме продукцијата.
За возврат, во два наврати не бевме поштедени од кратењето на средства од Буџетот, додека другите медиумите од Владата добија финансиска помош како дел од антикризните мерки.
Како новинари секојдневно имаме информации за кризата и за ефектите од неа и свесни сме дека се потребни мерки за излез од неа, но од друга страна има и информации за непродуктивни трошоци во државни институции од кадешто може да се скрати, а да не се намали ефективноста на институцијата.
Со погоре напишаното, Ви укажуваме на тоа какви последици може да има доколку пакетот мерки за штедење ја ограничи МИА во нејзината дејност, а тоа е информираност на јавноста.