- Македонски
- English

На меѓународниот ден на жената 8 –ми март, Сојузот на синдикатите на Македонија, во име на сите жени бара поголема институционална поддршка за родова еднаквост и елиминирање на сите форми на родово базирано насилство и дискриминација како основа за сите демократски процеси во државата.
Жените, членови на ССМ бараат одржливи работни места ,поголеми и подостоинствени плати, здрави и безбедни услови за работа , социјална сигурност и остварување на работничките права.
Порачуваат дека се неопходни поголем број на градинки, згрижувачки капацитети за возрасните членови на семејството, здравствена заштита и социјална сигурност како предуслов за остварување на баланс помеѓу трудот , работењето и остварување на потребите на семејството.
Се залагаат за еднакви услови , можности и обврски во грижата за децата и семејството, без стереотипи и предрасуди.
Сојузот на синдикатите на Македонија укажува на значењето на меѓународниот ден на жената – 8 март кој има за цел да ја подигне свеста за потребата од креирање на општество на родова рамноправност и еднакви можности на мажите и жените како основен предуслов за активно , креативно и продуктивно учество на сите граѓани во градењето и унапредувањето на државата по примерот на европските стандарди и практики.
Националната законска регулатива има утврдено еднакви демократски права за двата пола, но во практиката сеуште жените се дискриминирани и исправени пред одлуката дали да имаат кариера и работа или да се определат за чување на деца и грижа за семејството.
Сеуште има работодавачи кои ги обесхрабруваат жените на начин што работно не ги ангажираат , а и доколку ги вработат ги распоредуваат на пониски работни позиции и пониски плати од нивните колеги мажи,без оглед на тоа што жените се еднакво квалификувани , оспособени и продуктивни.
Единствена причина за ваквиот однос кон жените работнички е поради нивната репродуктивна улога ,грижа за децата и домашната работа .
Дискриминацијата на жените и родовите стереотипи се сеуште присутни и актуелни во дел од компаниите , а често менаџерите и работодавачите бременоста ја третираат како ризик и пречка за работно ангажирање на жените.
Напредокот во областа на родовата еднаквост и зајакнување на позициите на жените во општеството е бавен процес , полн со предизвици и поради тоа потребно е борбата за економска и социјална рамноправност на жените да продолжи и во наредниот период. Жените треба да ги предводат активностите за подобрување на својата економска и општествена позиција , но секако треба да се напомене и важноста од интегриран пристап во решавање на проблемите заедно со мажите .
Од досегашното работење на Сојузот на синдикатите на Македонија може со сигурност да се потврди дека жените синдикалки се оспособени и информирани за своите законски права , а со тоа и се особено решителни во постапките за обезбедување на реално и оправдано место и позиција во компаниите и општеството. Синдикално организираните работнички се бескомпромисни кога станува збор за остварување на работничките права , учествуваат во социјалниот дијалог и колективното преговарање , воедно се и рамноправни учесници на синдикалните протести и штрајкови .
Ова е добра тенденција која треба да се поддржи и развива затоа што борбата за родова рамноправност е далеку од завршена , таа сеуште е актуелна и потребна , се до создавање на општество на рамноправни работници и граѓани без дискриминација по ниту еден основ.