Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

ВЛАДЕАЧКОТО МНОЗИНСТВО САКА РОБОВИ И РОБОТИ РАБОТНИЦИ, ПОНИЖЕНИ И БЕЗ ДОСТОИНСТВО ВО СОПСТВЕНАТА ДРЖАВА

ССМ изразува сериозна загриженост и оправдан револт поради тоа што Владата продолжува со намерата докрај да ги понижи македонските работници, да им го одземе достоинството и да ги направи робови во сопствената држава за сметка и интерес на странски компании и корпорации и на тој начин не само што ќе ги одлее парите на македонските работниците и граѓани - даночни обврзници во странски компании туку сака и да им овозможи на овие компании како Бехтел и Енка да ги преработат, преморат и изнемоштат работниците кои очигледно треба да им бидат не само робови туку и роботи.

Спротивно на принципите на меѓународното трудово право, Конвенциите на МОТ, Одлуките на Уставниот суд кој детално се произнесе по тие прашања и ги прогласи за неуставни Одредбите од Законот за градба на автопатиштата од страна на Бехтел и Енка каде што спротивно на сите правни правила и спротивно на здравиот разум сакаа тие работници да работат по 60 и повеќе часови, како и тоа што го апсолвираше прашањето за уставноста на одредбите на Законот за Работните односи со кои недела е неработен ден, за пратениците предлагачи: Арбана Пашоли, Арбен Зибери, Арбер Адеми, Арта Биљали-Зендели, Бајрам Кадрија, Бедри Фазли, Берат Ајдари, Вјолца Адеми, Даниела Николова, Љатифе Шиковска, Мерита Колчи Коџаџику, Рина Ајдари, Фиснике Бектеши Шаќири, Халил Снопче овие Одлуки на Уставниот суд се ништо повеќе од тоалетна хартија и на мала врата по нивен предлог во понеделник, пратениците од владеачкото мнозинство сакаат прекувремената работа да може да трае и подолго од осум часа во текот на една недела, повеќе од осум часа во просек неделно во период од три месеци и повеќе од 190 часа годишно во случаите кога се работи за работи од национален и стратешки интерес за државата, по претходно дадена писмена согласност на работникот и работнциите кои работат на проекти од национален и стратешки интерес за Република Македонија, работниците да немаат слободен ден и да работат во недела.

Владата очигледно заслепена од миљардите евра, не нејзини пари туку пари од даноците на сите граѓани, и пари кои планира наместо на домашните компании да ги даде на странски, а за што веќе има сериозни обвинувања за корупција, не води грижа ниту за своите работници и граѓани, не води грижа за меѓународното и европското трудово право, Уставот на Македонија и најважно не води грижа за здравјето и животот на работниците.

Пратениците не можат да се договорат и во два дена да си ги скратат енормно покачените плати за неверојатни 78%, но затоа без срам во два дена можат да ги претворат работниците во робови и Македонија да ја претворат во едно општество за функционерите и еден режим за граѓаните и работниците.

Апелираме до сите пратеници добро да размислат пред да го дадат својот глас за овие катастрофални предлози за измени на законите по работничките права, кои се предлагаат без социјален дијалог, без јавна дебата, без дискусија и без време да се разберат последиците од истите доколку се усвојат.

Потсетуваме дека еднаш веќе им го оспоривме и им го укинавме ова пред Уставниот суд.

Национален и стратешки интерес на Државата треба да биде да има здрави и добро платени работниците, да ги задржи работниците дома, а не да им дава билет во еден правец надвор од Државата, зошто без работниците и граѓаните нема ниту пратеници, министри и функционери, а нема ниту Држава!

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2026 | Сите права се задржани.