Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

ПРОТЕСТ НА РАБОТНИЦИТЕ ВО ЕУРОНИКЕЛ ИНДУСТРИ

ПРОТЕСТ НА РАБОТНИЦИТЕ ВО ЕУРОНИКЕЛ ИНДУСТРИ

Плаќање на заостаната рата од регресот за годишен одмор К-15 за 2022 година во најбрз можен рок, вредноста на бодот по кој се пресметува платата да се зголеми за осум денари, висината на регресот за годишен одмор за 2023 година да изнесува триесет илјади денари и да се исплаќа еднократно, минималната сума за никел бонус што им се исплаќа на вработените да биде за производство од 1.300 тони никел, без разлика дали производството ќе биде помало, а доколку производството е поголемо да се исплати соодветната сума.

Ова се барањата што синдикалната организација ги има доставено до генералниот директор на „Еуроникел индустри", Димитриос Пахос, а беа соопштени и денеска на мирниот протест пред кавадаречкиот комбинат, од страна на претседателот на Синдикалната организација на СИЕР во ЕУРОНИКЕЛ индустри, Миле Ѓорѓиев.

Истовремено, се бара и бизнис план за работата на фабриката.

Работниците протестираат веќе трет ден, без да го нарушуваат производствениот процес.

На протестот беше кажано дека доколку до петок не се одговори позитивно на нивните барања, синдикално ќе одлучуваат за понатамошните чекори.

Поддршка за работниците денеска дадоа претседателот на СИЕР Игор Ѓерасов, Секретарот на Советот на ССМ, Златко Цветковски како и Претседателот на АГРО синдикат, Игор Китаноски како претставници од ССМ.

- Ние веќе трет ден сме пред капијата на Еуроникел индустри на протест без запирање на работниот процес, нашите членови на синдикат кои не се така мал број, имаме 780 синдикални членови се запознаени со целиот процес на протестот, оваа недела до петок планираме да го изразиме нашето незадоволство без запирање на работниот процес, а имавме состаноци на повисоко ниво и веќе во понеделни или втроник ќе свикаме собрание на Синдикатот на Еуроникел и таму ќе ср донесат одлуки што понатаму. Доколку работодавачите не излезат во пресрет на нашите барања, а се со цел постигнување на заеднички договор во интерес и на вработените и на компанијата, компанија има околу 820 вработени, а околу 400 кооперанти соработуваат со фабриката, ќе ја донесеме најригорозната мерка кај секој работодавач, а тоа е да преминеме во генерален штрајк со прекин на работниот процес - истакна Претседателот на СИЕР, Игор Ѓерасов.

„Од страна на членовите на собранието беше изразено огромно незадоволство од дадениот одговор по однос на барањата, што резултира со носење едногласна одлука за почнување протести без запирање на производствениот процес, со место на одржување пред капијата за влез во фабриката, и тоа секој работен ден во траење од еден час, помеѓу 13 и 14 часот“, стои и во известувањето од Синдикатот.

Одлуката за протест Синдикатот едногласно ја донел на 1 јуни.

Јавното изразување на незадоволство, според известувањето испратено до раководството на фабриката, ќе трае до остварување на договор за подобрување на правата на работниците, или до нова соодветна одлука на Собранието на Синдикатот.

Целото видео на линкот

https://fb.watch/l9Qn0f2hag/?mibextid=Nif5oz

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2026 | Сите права се задржани.