Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

ТРЕНДАФИЛОВ: МИНИМАЛНАТА, НО И СИТЕ ОСТАНАТИ ПЛАТИ МОРА ВЕДНАШ ДА СЕ ЗГОЛЕМАТ!

Минималната плата во државата мора веднаш да се зголеми – порача претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, на денешната дебата на „Текстилијада 9“ во Штип.

„Еден работник работи за себе, за работодавачот и за менаџерскиот тим, а добива плата од само 400 евра со која не може да се преживее месецот“, истакна Трендафилов.

Според податоците од Народната банка, еден работник му заработува на својот газда меѓу 300.000 и 600.000 денари нето-добивка годишно, додека самиот живее со минимална плата.

ССМ досега организирал 22 протести и два штрајка со јасно барање – минимална плата од најмалку 500 евра, со што би се овозможил достоинствен живот.

Трендафилов потсети дека две минимални плати не ја покриваат синдикалната минимална кошничка, која денес изнесува околу 65.000 денари, а според него, „100.000 денари се потребни за живот како што живеат функционерите“.

„Во регионот минималните плати се 500 евра и повеќе – во Србија, Босна, па дури и во Албанија. Работниците не треба да заминуваат во Германија, туку да можат пристојно да живеат дома,“ рече претседателот на ССМ.

Во однос на новиот Закон за работни односи, Трендафилов забележа дека веќе седум години е закочен:

„Овој закон чека подолго од времето потребно едно дете да тргне во прво одделение. Наместо вистински дијалог, гледаме опасни измени на штета на работниците.“

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2026 | Сите права се задржани.