Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

Првата судска победа за културните работници – СКРМ беше во право!

Пред точно седум месеци, членовите на Синдикат на културата на Република Македонија (СКРМ) стоевме на ова исто место и протестиравме против доцнењето на платата, која требаше да биде исплатена согласно Закон и Колективните договори.

Во своите очајни калкулации како да не ги испочитува правата на вработените во културата, Министерството за култура остави 3.000 луѓе без плата токму на најголемиот христијански празник – Велигден.

Од „лабораторијата" во министерството, "договорија формула“ – како да се изготват решенија со кои ќе се крати од платите на вработените, мимо Колективните договори и синдикатите. Истиот тој не успешен експеримент денес е на добар пат да доживее тотален дебакл.

Уморни од долгогодишниот неправеден однос и третманот што го добиваа со секое усогласување со минималната плата и примената на ОКД, вработените во културата, под заштита на СКРМ, решија да поведат судски спор.

На повеќето не им беше важен единствено ускратениот дел од платата, туку и принципот на постапување на ресорното министерство и ехидното газење на достоинството што неочекувано го добија од ова Министерство.

Од синдикат со над 1.500 членови, беа поднесени над 1.000 приговори.

Од нив, повеќе од 200 приговори беа усвоени од Управните одбори на институциите, додека за 800 приговори што не беа усвоени, СКРМ поведе судски постапки. Токму така, СКРМ поднесе 800 тужби!

И денес, од ова место, ГЛАСНО објавуваме:

СЕ УСВОЈУВА ПРВАТА ТУЖБА од серијата од 800 судски постапки за заштита на правата на вработените во културата!

СЕ ПОТВРДУВА дека културните работници се жртви на незаконити решенија и неправедна пресметка на платите!

СЕ НАЛАГА институциите конечно да го почитуваат законот и достоинството на културните работници.

Со оваа пресуда, Судот потврди дека правата на културните работници биле повредени со незаконски донесени решенија за плати, и дека законитата основа мора да се почитува.

Оваа прва победа е јасен доказ дека борбата за достоинството во културниот сектор е правно издржана, оправдана и заслужена.

И покрај навремените предупредувања на СКРМ дека решенијата се неправно изготвени, Министерството остана глуво, а резултатот денес го кажа судот.

Со оваа пресуда се поставува темелот за сите останати 799 постапки кои следуваат.

Се потврди дека СКРМ бил во право, а одредени во Министерството за култура кои преку министерот за култура на сила ги спроведоа овие решенија по институциите во грешка.

Истите тие, кои во последните две години ги „кројат“ решенијата за плата, повторно донесоа незаконски решенија со номинални износи наместо законска формула.

Овие незаконски решенија беа подготвувани и во минатата и во сегашната власт, од истите луѓе.

Од Министерството за финансии добивме официјален одговор, потпишан од министерката за финансии, дека пресметките на платите во културата се изготвуваат исклучиво во Министерството за култура, додека финансии само ги одобрува нивните фискални планови.

Како се дојде до фамозната формула со ускратување на платите, одговор побараме и од Министерството за Култура. Иако нашите дописи беа пратени и до финансиски и правен сектор и лично до министерот за култура, одговор не добивме.

Затоа, денес јавно прашуваме:

Кој ја наложи, и кој ја изготви фамозната пресметка со која културните работници беа оштетени?

По кој основ и по кој закон е направена?

Кој ќе ја понесе одговорноста за ваквата штета, кога документите немаат потпис од изготвувач и одговорно лице? [Кој го прати меилот од МК до институциите со упатство, без име и презиме, изготвувач и испраќач]

И, да бидеме прецизни: кои се тие „несудени лаборанти“ што ја создадоа оваа небулозна формула?

Ќе одговара ли некој за судските трошоци на кои сега се изложени институциите?

Дали истите тие сега ќе ги заштитат директорите во културата, за кои СКРМ поднесе кривични пријави за злоупотреба на службената должност и непочитување на законите и колективните договори?

Дали истите тие стојат и зад иницијативата за укинување на Колективниот договор за култура пред Уставниот суд, како очајнички обид да се разруши еден правичен принцип и да се врати хаосот на одредување плата по телефон?

Со над 200 веќе усвоени жалби од Управните одбори и поднесените нови тужби за разлика во плата, финансиските импликации стануваат се посериозни.

Затоа, повторно повикуваме на разум и договор –

Министерството да седне на маса, да се договориме за решавање на спорот, и на тој начин да се избегне финансиски колапс во институциите.

На тој начин институциите нема да плаќаат огромни судски трошоци, а министерот конечно ќе застане зад своите вработени ослободен од притисокот и пласираните лаги.

Доколку тоа не се случи, СКРМ ја продолжува правната битка, но на крајот ќе бара одговорност за оштетениот буџет кој настанал само и само заради нечиј каприц.

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2026 | Сите права се задржани.