- Македонски
- English

Делегацијата на Сојузот на Синдикатите на Македонија (ССМ ) предводена од Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов и составена од Претседателот на СГИП, Иван Пешевски, Претседателот на УПОЗ, Трпе Деаноски, Претседателот на СИЕР, Игор Ѓерасов на ден 19.01.2026 година во просториите на Сојузот на самостојни синдикати на Србија (СССС) одржа средба со домаќините предводени од страна на Претседателот на СССС, Зоран Михајловиќ и потпретседателот на Советот на СССС и претседател на Независниот синдикат на металци на Србија, Зоран Марковиќ.
За време на работната средба двете делегации разговараа за состојбите во двете земји кога станува збор за економската и социјалната положба на работниците и граѓаните, а особено се разговараше за состојбата во која се наоѓаат синдикатите, имајќи ја предвид нивната засилена борба за заштита и унапредување на работничките права, за зголемување на платите и животниот стандард на сите работници, како и борбата за зајакнување на социјалниот дијалог и потикнувањето на колективното договарање на сите нивоа како најзначајни синдикални цели на синдикатите во двете држави.
ССМ и СССС даваат значаен придонес во унапредување на правата, интересите и потребите на работниците во двете држави, а се разговараше и за превземање на уште поголем број на активности и предлагање на мерки кои ќе придонесуваат за развој на националните економии и на општеството во целина, кое нешто е од огромно значење и за целиот наш регион.
Особено беше истакната потребата од заедничко регионално дејствување и меѓусебна синдикална поддршка, бидејќи беше нагласен заклучокот дека нашите две држави и синдикални централи се наоѓаат во многу слични состојби и се застанати пред голем број на исти предизвици, а сето тоа особено кога станува збор за пазарот на труд каде преовладува нашата борбата за зголемување на платите и унапредување на работничкиот стандард бидејќи ниту едно општество не може да се гради без слушнати и заштитени работнички права и без учество на синдикатите.
Главната порака која ја испраќаме е дека ние, синдикатите, секогаш се поддржуваме едни со други и никогаш не се бориме сами и дека кога е потребно, секогаш стоиме рамо до рамо и дека единството е секогаш основа на нашето партнерство и соработка, а сето тоа најмногу поради остварување на заедничката цел да се подобри положбата на работниците и да се зајакне синдикалното движење во регионот.
Силната соработка и партнерството помеѓу ССМ и СССС продолжува и во наредниот период.