Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

КОНФЕРЕНЦИЈА НА ТЕМА: ЖЕНИТЕ, ТРУДОТ И СОЦИЈАЛНАТА ПРАВДА

На ден 09.06.2026 година Сојузот на синдикатите на Македонија преку својата Секција на жени на ССМ во партнерство со Фондацијата Фридрих Еберт – Канцеларија Скопје како дел од својата тековна Кампања и воедно во рамките на одбележувањето на својот значаен јубилеј 80 години синдикат,  ја одржа Конференцијата “Жените,трудот и социјалната правда” на која сите присутни учеснички и учесници можеа да слушнат нешто повеќе за улогата на жените во синдикалното движење во Република Македонија, но и за мобингот, борбата против дискриминацијата и вознемирувањето на работното место и патот до социјалната правда, благодарение на ценетите панелистки и панелисти кои прифатија да земат учество на оваа Конференција.

Конференцијата беше поделена на два дела во кои се одржаа две панел дискусии и тоа првиот дел и првата панел дискусија беше целосно посветена на улогата на жените во рамките на синдикалното движење во нашата држава, а Сојузот на синдикатите на Македонија е единствениот синдикат во Република Македонија, кој во составот на своите највисоки органи и тела има огромна застапеност на жени – синдикални претставнички и тоа околу 50 % и тоа врз основа на својот Статут, а воедно има и активни Претседателки на гранкови синдикати и синдикални организации како во јавниот сектор, така и во приватниот сектор, чија улога е од огромно значење за ССМ и за сите жени – работнички во нашата држава. 

Во вториот дел на Конференцијата и втората панел дискусија беа разгледани актуелните состојби кога станува збор за положбата на жените - работнички во светот на работата, а воедно се разговараше и за тоа на што се се изложени жените на нивните работни места, а особено на тоа што треба државата и работодавачите да направат за да ги унапредат правата на жените, а поготово што треба да направат за го спречат насилството, дискриминацијата и вознемирувањето на жените на работа и со тоа да креираат атмосфера во областа на трудот која ќе значи надминување на сите предизвици со кои се соочуваат жените во остварувањето на праведни, безбедни и пристојни услови за работа.

Конференцијата ја отворија Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов, Претседателката на Секцијата на жени на ССМ Ивана Димитрова и Програмскиот менаџер на Фондацијата Фридрих Еберт-Канцеларија Скопје Ваљон Садики кои заеднички ја истакнаа важноста од континуирана борба за достоинствени услови за работа, еднакви можности и поголемо учество на жените во процесите на носење одлуки на секое ниво и во рамките на секој сектор како значајно за напредокот на нашата држава. Беа испратени пораки дека работничките права, достоинствените услови за работа и социјалната правда треба секогаш да бидат во фокусот на јавните политики, а токму на ова поле синдикатите мора да ја имаат една од водечките улоги каде активноста и заложбата на синдикалните претставнички и претставници е најважна. Мораме сите заедно преку заедничко дејствување и соработка да изградиме посигурна и поправедна работна средина за сите, бидејќи работничките и работниците се столбот на секоја држава, па и на нашата.

Панелистите упатија порака до сите дека е важно секој што се соочува со неправда да знае дека не е сам и дека постојат механизми за заштита, дека мобингот се докажува и ги охрабрија сите жртви да не молчат и да ги заштитат своите права. Социјална правда не може да постои без работни места ослободени од страв, притисоци и дискриминација. Потребни се посилни механизми за заштита, поголема информираност и заедничко дејствување на синдикатите, институциите и граѓанскиот сектор. Само така можеме да изградиме општество во кое секој човек ќе работи достоинствено, ќе биде почитуван и ќе има еднаква можност да ги остварува своите права.

Сите панелистки и панелисти со своето присуство и обраќање до сите присутните учеснички и учесници значајно ја збогатија програмата на оваа Конференција и со тоа дадоа силен поттик за работата на Секцијата на жени на ССМ и секако за работата на Сојузот на синдикатите на Македонија во своите заложби за силна поддршка на жените – работнички кое нешто е и дел од нашата годишна програма на синдикални активности и е во сржта на нашето синдикално дејствување.

Преку учеството на оваа Конференција сите заедно испративме силни пораки дека сите жени, а особено жените - работнички имаат клучна улога за економијата на нашата држава, дека заслужуваат повеќе работнички права, а особено дека заслужуваат плата која нема да биде приказ на родовата нееднаквост во областа на трудот што ќе значи намалување на сиромаштијата и ќе даде можност за еднаков пристап на жените работнички до лидерски позиции и нивно зајакнување за кое нешто сите и се бориме, но исто така се испратија и пораки кои значат дека не смееме да го дозволиме постоењето на стравот, мобингот и дискриминацијата во светот на трудот, како единствен начин и пат за остварување на социјалната правда кон која сите тежнееме и за која се бориме како активни чинители во нашето општество.

Сојузот на синдикатите на Македонија, како најстар и репрезентативен синдикат и социјален партнер во државата, повеќе од седум децении се бори и се залага за унапредување на правата, интересите и потребите на работниците, како и за превземање на активности и мерки кои придонесуваат за развој на економијата и општеството во целина, а особено се залага за унапредување на правата, благосостојбата и економската состојба на жените -работнички во сите сектори и на сите нивоа токму преку активно дејствување на Секцијата на Жени на ССМ.

Оваа година ССМ одбележува исклучително значаен јубилеј – 80 години од своето основање и 80 години синдикална борба. Па така, во рамките на одбележувањето на овој мошне значаен јубилеј не само за ССМ, туку и воопшто за синдикалното движење во нашата држава, ССМ меѓу другите активности започна Кампањата за правата на жените - работнички преку својата Секција на жени која е предвидена да трае цела година со низа работилници, синдикални работни состаноци и активности кои не само ќе ги вклучат синдикалните претставнички на 18-те грански синдикати на ССМ, туку и невладиниот сектор како и жените кои имаат значајни улоги во светот на работата, а особено на своите работни позиции каде ги рушат сите стереотипи и претставуваат основата на борбата против родовата нееднаквост во областа на трудот.

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2026 | Сите права се задржани.