- Македонски
- English

ДОСТОИНСТВЕНА РАБОТА НЕ Е САМО ДА ИМАШ РАБОТА И ПЛАТА – ТУКУ ДА МОЖЕШ ДОСТОИНСТВЕНО ДА ЖИВЕЕШ ОД НЕА

МЕЃУНАРОДЕН ДЕН НА ДОСТОИНСТВЕНАТА РАБОТА, 7 ОКТОМВРИ
На Меѓународниот ден на достоинствената работа, ССМ потсетува дека зад секоја статистика за вработеност стои човек – работник кој има право на плата од која може да живее, на работно време што не го исцрпува, на платена прекувремена и празнична работа, на одмор, сигурност и на колективен договор што ги штити неговите права.
Денес во Македонија мораме отворено да прашаме: дали работата е навистина достоинствена ако работникот и по цел месец работа не може да ги покрие основните трошоци за живот?
Минималната плата во 2026 година изнесува 26.046 денари нето. Минималната плата не смее да биде само законски минимум, туку мора да биде основа за достоинствен живот.
Не може работникот да биде оној кој најмногу го чувствува растот на цените, а најмалку да учествува во растот на платите.
Не може работникот да работи повеќе, а да живее помалку.
Достоинствената работа подразбира и достоинствено работно време.
Затоа ССМ предупредува на секој обид да се нормализира прекувременото работно време, особено преку решенија со кои за одредени работници ангажирани на објекти од стратешко или национално значење се овозможува значително зголемување на прекувремената работа. Посебните услови за работа не смеат да станат изговор за трајно намалување на заштитата на работникот.
Националниот интерес не смее да биде над работничкиот интерес.
Ако еден проект е од национален интерес, тогаш и работникот што го гради тој проект е од национален интерес.
Затоа работникот мора да биде платен за секој час што го работи. Прекувремената работа мора да биде евидентирана и платена. Работата во ден на неделен одмор мора да биде платена. Работата во празник и неработен ден мора да биде платена согласно закон и колективен договор.
Не може од работникот да се бара да го даде своето слободно време, своето здравје и своето семејно време, а потоа тој труд да биде невидлив на платниот список., да не го гледа на својата плата, да го нема во свпјот џеб.
Во исто време, сведоци сме на обиди и притисоци кои ја отвораат и најважната тема – колективното договарање.
Колективниот договор не е трошок.
Колективниот договор е гаранција дека работникот не е сам пред работодавачот.
Со колективното договарање работниците добиваат плата, додатоци, работно време, прекувремена работа, одмори, отпремнини, безбедност и здравје при работа и други права и затоа секој напад врз колективните договори е и напад врз механизмот преку кој работниците заеднички ги унапредуваат своите права.
И самата Меѓународна организација на трудот го препознава колективното договарање како еден од клучните механизми за утврдување на платите и подобрување на условите за работа.
Достоинствената работа не се гради со намалување на правата, достоинствената работа се гради со зголемување на платите, почитување на работното време и јакнење на колективното договарање.
На Меѓународниот ден на достоинствената работа, ССМ порачува:
ДОСТОИНСТВЕНАТА РАБОТА НЕ Е ЛУКСУЗ.
НЕ Е ПРИВИЛЕГИЈА.
НЕ Е БЕНЕФИЦИЈА.
ДОСТОИНСТВЕНАТА РАБОТА Е ФУНДАМЕНТАЛНО ПРАВО НА СЕКОЈ РАБОТНИК.
И затоа ССМ ќе продолжи да се бори.