Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

Прва тужба за мобинг во македонија

 

 

За прв пат во Македонија е поднесена тужба за психички притисок на работното место. Работничка од Битола од текстилно претпријатие во мешовит капитал тужи за долготраен психолошки притисок на работното место. Тужбата до Основниот суд  - Битола, на барање на странката, ја поднесе Регионалниот синдикален совет на Сојузот на синдикатите на Македонија во Битола.

На конференцијата за печат претседателот на РСС – Битола Живко Митревски рече дека тужбата е поднесена согласно Законот за работни односи. Во Македонија не постои посебен закон за мобинг, меѓутоа Сојузот на синдикатите на Македонија работи на предлог закон за мобинг, кој ќе го предложи за собраниска процедура кон крајот на месец август или на почетокот на септември.

Во случајов значајно е што поднесената тужба може да се смета за пробивање на една психолошка граница. Се очекува првото рочиште во судот во Битола да се одржи кон средината на септември, но може да се претпостави дека наскоро ќе се охрабрат и други работници да побараат судска заштита.

Македонија не е исклучок од светската појава на се помасовното малтретирање на вработените. За психичките притисоци, понижувањата и злоставувањата не се зборуваше многу, иако е познато дека се секојдневие во работните средини. Во последно време, меѓутоа, се пробиваат низа бариери, се одржуваат советувања, додека минатата година, со поддршка на ССМ, е основано Македонско мобинг здружение.

Синдикатот исто така спроведе пилот анкета, според која 41 отсто од испитаниците изјавија дека се жртви на некој вид психолошки притисок на работното место. Во тек е спроведување на пообемна анкета, која ќе даде уште порелевантни податоци.

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2026 | Сите права се задржани.