- Македонски
- English

Утре Собранието на Република Македонија ќе расправа по предлогот на пратеничката група на ДОМ за дополнување на Законот за работни односи. Сојузот на синдикатите на Македонија смета дека двата предложени члена се несоодветен начин за регулирање на оваа обемна појава, истакна на денешниот брифинг Милан Живковиќ, портпарол на ССМ.
Со други зборови, предлогот е нецелосен и не ги одразува вистинските потреби на работниците за заштита од психичките притисоци. Утрешните предлог – измени нема да ја подобрат положбата на работниците, туку единствено значат лажна сигурност.
Во предлогот не е доволно објаснет терминот “психичко вознемирување“, не се дава прецизен опис на можните начини и видови на притисоците и не се овозможува објективно препознавање на однесувањата кои доведуваат до мобинг, објасни Живковиќ.
Неприменливи се недореченостите во предлогот на ДОМ и оттаму ССМ смета дека тоа е само обид на предлагачот за добивање политички поени. Се поставува прашање: од кои причини една толку значајна и штетна појава се сместува во само два члена во законот?
Во европската законска регулатива се утврдени сите елементи за препознавање и документирање на мобингот, за дефинирање на нарушувањето на здравствената состојба, за губењето на работната способности слично. Последиците објективно се утврдуваат од надлежни, стручни институции, чие мислење е основа за судски спорови.
Вистинска заштита од мобинг единствено може да се направи со посебен закон за заштита од притисоците на работното место. Некои европски земји имаат донесено посебни закони, други наскоро ќе го сторат истото и затоа Македонија треба да оди по истиот пат.
Од нашите служби имаме сознанија дека притисоците на работното место се се пораширена појава во Македонија, информираше Живковиќ. Оттаму и се јавува потреба од донесување обемен и прецизен пропис кој ќе биде вистински применлив во практиката.
ССМ поведе иницијатива за донесување посебен закон и на почетокот на месецот ги повика сите релевантни фактори во државата да се придружат во оформувањето посебна работна група. Инаку ССМ најави изработка на комплетен предлог на посебен закон за мобинг, кој ќе го претстави во месец септември.