- Македонски
- English

Правниците на Сојузот на синдикатите на Македонија од 5 до 7 ноември во Струга одржуваат работилница за подготовките и содржината на посебен Закон против психичкиот притисок на работното место (мобинг). Законот е најавен од ССМ и наскоро треба да биде понуден комплетен текст.
Воведно излагање и анализа на членовите од Законот за работни односи кои се однесуваат на психичкиот притисок ќе одржи Гордица Бошковска, правен застапник на Регионалниот синдикален совет на ССМ во Куманово и претседател на Македонското мобинг здружение. Бошковска и портпаролот на ССМ Милан Живковиќ ќе ги пренесат законите за мобинг на САД, Шведска и Србија. Доктор Виолета Арнаудова ќе зборува на тема “Основа на психичкиот притисок на работното место“.
Ова е прва работилница посветена на однесување посебен закон за мобинг во Република Македонија. Втората ќе се одржи на 20 и 21 ноември на пошироко ниво, со учество на судии и правници координирани од Фондацијата “Фридрих Еберт“.
Ставот на ССМ е дека за мобингот треба да има посебен закон. Сојузот во првото полугодие најави изработка на целосен закон, кој требаше да го понуди на разгледување во Собранието. Во меѓувреме замислата се искомплицира со замешувањето на пратеничката Лилјана Поповска од ДОМ, што заврши со внесување на неколку члена во Законот за работни односи. Тие членови практично не значат ништо и ни оддалеку не можат да бидат основа за законско уредување на една многу комплексна материја како што е мобингот.
Иако тајмингот беше пореметен Сојузот на синдикатите продолжува со подготовка на посебен Закон против психичкото вознемирување на работното место (мобинг), така што одржувањето на двете работилници е во токму таа насока.
За материјалот на законот што се подготвува и за неговата практична примена правниците во Струга ќе дискутираат во три групи, кои ќе ги водат Милан Живковиќ, Гордица Бошковска и раководителот на Секторот за правна заштита Драге Јованоски.