- Македонски
- English

Со цела моја одговорност истакнувам дека 17. Конгрес на ССМ е одржан легитимно и исто таа легитимни се сите донесени одлуки, како изборот на органите и телата, измените на Статутот и друго. Претседателот на ССМ може да го смени само органот што го поставил, а тоа е Конгресот на ССМ.
Ова меѓу другото го истакна претседателот на ССМ Ванчо Муратовски на денешната конференција за печат, која се одржа по повод барањето за негова смена од страна на претседателите на седум гранкови синдикати.
Истапот на претседателот на Синдикатот за шумарство Живко Митревски е обид да се создаде сензација во јавноста. Изгледа дека тоа е поатрактивен начин. Митревски сака со сила да стане претседател на ССМ. Јас по никаква цена нема да дозволам растурање на Сојузот на синдикатите, изјави Муратовски.
Се работи за седум од 17 гранкови синдикати, и тоа, нагласувам, само за претседателите на тие синдикати. Со тоа се настојува да се покрие нивната неактивност, недоволното контактирање со нивните членови. Членовите на тие синдикати не се запознаени со тоа што нивните претседатели го прават. Исто така при контактите со регионалните совети и канцеларии на ССМ низ републиката дознаваме дека никој од нашите територијалци немал поим за истапот на претседателите на овие седум синдикати. Само два дена претходно одржавме седница на Советот и никој тогаш не стана да го пројави ова прашање. Од Конгресот одржавме 48 седници на Претседателството на ССМ и 20 на Советот и никој не спомена никакво барање за моја смена, рече Муратовски.
Се зборува за некаков фалсификат на 17. Конгрес, за учеството на СОНК – ССМ, кој не бил регистриран во тој момент. Вистината е дека СОНК – ССМ беше регистриран, легитимно постоеше во склоп на ССМ, со одлука на Конгресот на СОНК – ССМ и на Советот на ССМ. Превземени се сите законски чекори за регистрирање на СОНК – ССМ и дадена е потврда од страна на Министерството за труд и социјална политика (Бр.08 – 8031/2 од 4.11.2005), каде се утврдува легитимноста на тој синдикат. Легитимноста на постоењето на овој синдикат се утврдува и со потврдувањето на петте делегати на Конгресот од страна на највисоките органи на ССМ, а и на самиот Конгрес. Тие се предложени и утврдени на демократски начин и од самата верификациона комисија, дополни Муратовски.
Сите одлуки за одржување на конгресот се донесени од страна на највисоките органи на ССМ, вклучувајќи ги и гранските синдикати. Делегатите за конгресот се предложени од секој грански синдикат, а измени се направени само за три делегати, и тоа по барање на самите грански синдикати, што е утврдено во извештајот на верификационата комисија. Двајца од тие делегати се од Синдикатот за градежништво и еден е од Синдикатот за хемија.
На конференцијата за печат на новинарите им беа поделени одлуките, дописите, списокот на делегати и сите други документи од одржувањето на 17. Конгрес на ССМ. Во извештајот на Изборната комисија исто така стои дека Муратовски има добиено 74 гласа, Живко Митревски 56 и Бранко Мушкарски четири гласа.
На прашањето на новинарите за изјавата на Муратовски за бројноста на функциите на Живко Митревски, претседателот на ССМ појасни дека Митревски е претседател на Регионалниот синдикален совет во Битола, претседател на Синдикатот на шумарство, дрвна индустрија и енергетика, потоа член на Управниот одбор на Јавното претпријатие “Македонски шуми“, што е неспоиво со функцијата синдикален претседател, и член на регионално здружение за едукација, кое се финансира од дотации на шведските синдикати.
Новинарите се интересираа за постигнатото во изминатиот период, на што претседателот на ССМ одговори дека ќе треба доста време за да се набројат активностите и залагањата на ССМ. Минатата година платите на вработените во правосудните органи се зголемени за 20 отсто, оваа година ќе се покачат за уште 20 отсто, во јавната администрација ќе се зголемат за 30 отсто. Го потпишавме Општиот колективен договор за стопанство, учествуваме во изработката на повеќе закони важни за правата на работниците. Но јас за свој најголем успех го сметам зачувувањето на ССМ од сите напади, дополни Муратовски.