- Македонски
- English

Седумнаесеттиот Конгрес на Сојузот на синдикатите на Македонија е легитимен и неговиот легитимитет, како и легитимитетот на претседателот на ССМ, може да ги оспори само неговото членство.
Ова е дел од изјавата на портпаролот на ССМ Милан Живковиќ, на денешната конференција за печат. Под други, надворешни влијанија, се сака со сила да се руши ССМ, кој опстојува 102 години, а работниците тоа нема да го дозволат, дополни Живковиќ.
Како што е познато, дел од гранските синдикати го оспоруваат легитимитетот на претседателот на ССМ, со тоа што со наводни информации од Министерството за труд и социјална политика се докажува дека СОНК – ССМ во време на одржувањето на 17. Конгрес не бил регистриран. На претходната конференција за печат ја запознавме јавноста со вистинската фактичка состојба, ги приложивме сите документи, од каде се гледа дека 17. Конгрес на ССМ е потполно легитимен.
На денешната конференција се приложени копии од решението на Министерството за труд за пререгистрација на ССМ, потпишано од министерот Џељаљ Бајрами. Исто така на новинарите беше поделено решението на Централниот регистар на Република Македонија од 22.03.2010 година.
Од страна на истите синдикати за утре, во хотелот “Континентал“, е свикана вонредна седница на Претседателството, која, меѓутоа, нема да се одржи регуларно. Се повикуваат на Деловникот за работа на Претседателството на ССМ, но седница на Претседателството на ССМ може да свика само претседателот на ССМ, појасни Живковиќ.
Сакаме да истакнеме дека ССМ е легитимен претставник на работниците во Република Македонија. Како што знаете, на последниот конгрес членството веќе се изјасни. Никој друг не може да ја оспори легитимноста на Конгресот, ниту на органите и телата на ССМ, вклучувајќи го претседателот. Погрешен е пристапот на Министерството за труд, дека со нивните изјави за наводната нелегитимност на Конгресот ќе може да го сменат претседателот на ССМ, и тоа на само десет месеци пред редовниот конгрес, дополни Живковиќ.
Со ова се поставува прашањето на нелегитимноста на овие грански синдикати и на нивните делегати на конгресот. Ќе се сложите дека ова е нон – сенс. Според нашите сознанија “шемата“ е следна – да се свикаат членовите на Советот на ССМ на нелегитимен начин и да се донесе одлука за отповикување на претседателот.
Упатуваме порака до членовите на Советот на ССМ дека нивното учество е нерегуларно, затоа што не ги повикал законскиот застапник на ССМ, како и тоа дека нивното доаѓање го кршат Статутот на ССМ и Деловникот за работа на Советот, рече Живковиќ.
ССМ го задржува правото да ја процени ситуацијата и против организаторите и учесниците на овој нелегитимен собир да спроведе соодветна постапка за нивна одговорност. Исто така, упатуваме порака до Министерството за труд да се придржува до Законот за работни односи, како и до Регистарот на синдикати, каде што законски застапник на ССМ е претседателот на ССМ, дополни Живковиќ.
ССМ и понатаму ќе продолжи да работи согласно Статутот на ССМ – впрочем ќе се закаже редовна седница на Советот на 22 април. За сите овие незаконски случувања ќе биде запознаена делегацијата на Меѓународната организација на трудот, која утре доаѓа во Македонија.