Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

До статутарната комисија не е доставена никаква иницијатива

 

Статутарната комисија на Сојузот на синдикатите на Македонија денес заседаваше и заклучи дека нема по кој предмет да се произнесе. До Статутарната комисија не е доставена никаква иницијатива или барање за смена на претседателот, или поставување вршител на должноста претседател, така што за нас претседател на ССМ е Ванчо Муратовски. Ова е дел од изјавата на Валентин Зафиров, претседател на Статутарната комисија на ССМ, што ја изнесе на денешната конференција за печат.

На обраќање од ССМ, во врска со информациите од медиумите за смена на претседателот на ССМ, за денес свикав седница. Непосредно пред отворањето на седницата побаравме од стручните служби на ССМ да ни ја достават целосната документација во врска со постапката за смена на претседателот на ССМ. Од стручните служби бевме известени дека до седиштето на ССМ, или до Советот на ССМ, нема никакво официјално барање за поведување постапка за именување в.д. претседател, ниту било какво официјално и писмено дејствие превземено од овластени лица. Така констатиравме дека немавме предмет на одлучување, дали е нешто согласно со Статутот на ССМ или не е, појасни Зафиров.

Со оглед на информациите дека нема ништо поднесено до седиштето на ССМ, доколку овие информации не ни се точно пласирани и доколку постои интерес од гранските синдикати за именување в.д. претседател, сите документи можат слободно да се достават до Статутарната комисија. Доколку постои сомневање во службите на ССМ тогаш документите можат да ги достават лично до мене, после што Статутарната комисија би можела да постапува, изјави Зафиров. Бидејќи нема што да разгледуваме, за ССМ официјален претседател на ССМ е претседателот реизбран на 17. Конгрес на ССМ.

Претседателот на Статутарната комисија ја појасни постапката за именување в.д. претседател:

Согласно член 8 од Статутот на ССМ, точка 4. алинеја 10  “Во периодот меѓу два конгреса, ако по било која основа функцијата претседател на ССМ се упразни, со одлука на Советот се именува вршител на должноста од членовите на Претседателството, во период од два месеца. Во овој период се свикува вонреден конгрес на кој се избира претседател на ССМ“.

Функцијата претседател на ССМ може да се упразни со оставка, од здравствени причини или смрт.

Претседател се избира само на Конгрес, кој може да биде редовен или вонреден, и тоа во период кој дава доволно време за негова целосна организација.

За 22 април е свикана редовна седница на Советот на ССМ.

Статутот на ССМ, усвоен на 17. Конгрес, може да се види на истиов сајт, на банерот “ЗА НАС“.

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2026 | Сите права се задржани.