- Македонски
- English

ЈП “Македонски шуми“ и Синдикатот за шумарство, дрвна индустрија и енергетика усвоија Измени и дополнувања на Колективниот договор. Со измените од први јули ќе се пресметува теренски додаток...
На 30 јуни директорот на Јавното претпријатие “Македонски шуми“ Жарко Караџоски, претседателот на Управниот одбор на ЈП “Македонски шуми“ Горан Анастасовски и претседателот на Синдикатот на работниците од шумарството, дрвната индустрија и енергетика м-р Живко Митревски потпишаа “Измени и дополнувања на Колективниот договор за работниците во ЈП за стопанисување со шуми Македонски шуми – п.о – Скопје“.
Со потпишаните измени е воведено пресметување на теренски додаток за работниците во оваа индустриска дејност.
Со оглед на тоа дека рецесијата во шумарството полека се надминува се создаваат можности за исплата на надоместоците што се укинати со заклучоците на Владата за штедење, изјави м-р Жарко Караџоски на седницата на Претседателството на Синдикатот за шумарство, што се одржа претходниот ден.
Во прв ред се работи за надоместокот за теренски додаток, затоа што луѓето во оваа гранка навистина работат на терен. Ќе настојуваме истото да се оствари за надоместокот за годишен одмор, како и други надоместоци утврдени со колективниот договор, информираше претседателот на ССМ и на Синдикатот за шумарство, дрвна индустрија и енергетика Живко Митревски.
Митревски и Караџоски се согласија дека односите меѓу двата социјални партнери успешно се развиваат и изразија подготвеност за понатамошна соработка.
Претходниот ден, на 29 јуни, се одржа 39-тата седница на претседателството на СШДЕ, на која присуствуваа претседателите на синдикалните организации. Во рамките на седницата беше одржан семинар за заштита при работа, на кој предаваше Инда Савиќ од ССМ.
“Измените и дополнувањата на Колективниот договор“ се објавени на истиов портал, во одделот на Синдикатот на работниците од шумарството, дрвната индустрија и енергетика, како и на одделот Колективни договори.