Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

Одржана првата конференција на проектот “антимобинг мрежа – мк“

 

На конференцијата се изнесоа фрапантни податоци за раширеноста на мобингот во Македонија
На конференцијата се изнесоа фрапантни податоци за раширеноста на мобингот во Македонија

 

Покажаните резултати од анкетата за мобингот во Република Македонија го потврдуваат нашиот став дека за мобингот е потребно да се донесе посебен закон. Ова денес го изјави претседателот на ССМ Живко Митревски на Првата конференција на Проектот “Антимобинг мрежа – МК“, што се одржа во ССМ.

На конференцијата беа претставени две презентации, Резултати од Анкетата спроведена од ССМ на 1.114 испитаници, како и Извештајот од работењето на Канцеларијата за помош и едукација на жртвите од мобинг.

Обработените податоци говорат дека 44 отсто од анкетираните изјавиле дека се жртви на мобинг, изјави Гоце Селовски, претседател на СФДМ. Податоците од анкетата се фрапантни и загрижувачки и очигледно е дека постои потреба оваа област законски да се догради.

Митревски и Селовски изјавија дека мобингот објективно тешко се докажува  и дека се забележани нови појавни облици. За Синдикатот посебно прашање е утврдување на динамиката на третирањето на овие состојби.

Во анкетата се опфатени скоро сите дејности, додека истата е спроведена со помош на Експертскиот тим на Канцеларијата за помош и едукација на жртвите од мобинг, на територијалните единици на ССМ - регионалните претставништва и канцеларии на ССМ, односно на вкупната структура на ССМ.

Анкетата се спроведуваше целата измината година. Од вкупно 3.000 прашалници добиени се 1.114 повратни одговори, од сите дејности и од целата територија на земјата, така што резултатите се репрезентативни.

Емилија Угриновска, психолог и член на Екепсертскиот тим, информирапе дека досега се поднесени 11 тужбени барања, со тоа што два случаи се решени преку медијација. Инаку, за споредба во Хрватска исто така не постои посебен закон, но завршени се 17 правосилни судски процеси.

Маја Ристова изјави дека се забележува промена кај луѓето, кои се повеќе се информираат и се охрабруваат да побараат помош. Претседателот на синдикатот УПОЗ Пецо Грујовски рече дека кај членството се забележува пораст на боледувањата, отсуствата, поплаките до притисоците и сите други елементи на мобингот.

На конференцијата беа изнесени податоците за цената на чинење на мобингот. Пресметано е дека во Германија годишно мобингот продуцира загуби од две милијарди евра. Македонија со 45 пати помналку вработени, според истата пресметка, по основ на нарушено здравје, отсуства, лекување и други интервенции годишно трпи штета од 12,9 милиони евра, додека ако се сметаат сите последици (трајни последици по здравјето, семејството, стопанството) вкупната штета може да изнесува 39 милиони евра.  

НАПОМЕНА: Двете презентации, Анкетата и Извештајот за работењето на Канцеларијата за помош и заштита на жртвите од мобинг, се интегрално објавени на истиов портал, во банерот “АНТИМОБИНГ МРЕЖА – МК“.

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2026 | Сите права се задржани.