- Македонски
- English

30.01.2013
Измените во Законот за работни односи имаат за цел да ги заштитат правата на работниците и да ги спречат злоупотребите при спогодбените откази, како и да ја намалат бројката на непријавени работници, изјави вчера министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски на обуката “Тековни процеси во ЕУ интеграцијата – предизвици и можности за синдикатите“, што во организација на Европската конфедерација на синдикати и на Сојузот на синдикатите на Македонија се одржува на 29 и 30 јануари во Скопје.
Со последните измени на Законот за работни односи, кои се на јавна расправа, во консултација со синдикатите и работодавачите се обидовме да ги коригираме состојбите што се детектирани како проблеми. Со нив се предвидува да не постои бланко потпишана изјава за отказ, ситуација која што често пати се случуваше и предвреме беше потпишуван отказот. Работодавачите дополнително само го допишуваа датумот. Сега се предвидува само горниот, односно суштинскиот дел на текстот да биде унифициран и изработен, но долниот дел каде што се потпишува работникот и работодавачот да остане целосно празен. Тука работодавачот и работникот ќе имаат обврска комплетно своерачно да го напишат името, презимето, датумот и местото на престанок на работниот однос.
Со ова многу ќе се намали веројатноста дека некој ќе се обиде да фалсификува нечиј потпис или целосно име и презиме или датум, објасни Ристовски.
Друга значајна измена е предлогот за воведување мандатни казни за непријавени работници. Има делумна промена на прекршочната политика, со тоа што ќе се воведат мандатни казни доколку се затекнат до две непријавени лица. Притоа, работодавачот ќе треба да плати по 1.000 евра за секое од двете непријавени лица и обврска да ги пријави во рок од осум дена и да ги плати казните. Доколку тоа не го направи објектот каде се извршуваат работните задачи ќе биде затворен. Доколку се најдат три или повеќе непријавени работници мандатни казни нема да има, туку објектот веднаш ќе биде затворен. Во услови кога објектот ќе биде затворен работодавачот нема да смее да отпушти ниту еден вработен, туку ќе треба да им исплаќа плати во висина од 70 проценти од последната исплатена плата, информираше министерот Ристовски.
Министерот зборуваше и за ангажманите за намалување на невработеноста. Тој рече дека во Република Македонија во последните три години и покрај тешките економски и финансиски услови, кои се јавија како последица на кризата, Владата многу фокусирано работи на процесот на намалување на невработеноста.
Секоја година пристапуваме со нов оперативен план за активни политики за вработување кој што генерално го модифицираме од година во година соодветно на претходните искуства и потребите генерално на пазарот на трудот. Во редовна комуникација со бизнис заедницата генерално и знаеме што им се потребите за да може да го планраме тој оперативен план. Сепак станува збор за еден комплексен систем. Неспорно е дека Европа и кризата во ЕУ има влијание како што има влијание и врз целокупниот економски раст и развој на сите земји во ЕУ, вклучително и на Македонија бидејќи наш најголем извозен партнер е ЕУ, меѓутоа ние како Влада и понатаму ќе продолжиме.
Тој нагласи дека покрај редовните мерки за вработување кои што во просек опфаќаат некаде меѓу шест до осум илјади граѓани кои што се опфатени со овој оперативен план годишно, редовно се работи на привлекување на странските инвестиции, корегирање и корекција на работното законодавство во делот на трудовите гаранции, гаранциите за правата на работниците со кој што се овозможува поквалитетна заштита на нивните права и де факто се јавува намалување на можностите од нивна злоупотреба. Во однос на измените на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност.
Ристовски изјави дека во изминатите неколку години имаме континуирано пад на невработеноста, и покрај тоа што посебно опозицијата во неколку наврати се обиде тоа да го прикаже како наше вештачко бришење на невработени лица. Јас не би се сложил со тоа и тоа ќе го потврдам со аргумент. Имено, само шест проценти од лицата кои што го изгубиле правото и се тргнати од евиденцијата на Агенцијата за вработување поднеле жалба до Министерството за труд како второстепен орган со што се покажува дека и тие самите веруваат во тоа дека не бараат работа, меѓутоа од друга страна моите најголеми очекувања се дека со завршување на процесот за евиденцијата од областа на труд на активни и пасивни лица баратели, односно небаратели на работа со тоа ќе се добие многу појасна слика за тоа колкава е реалната бројка на невработени лица кои што активно бараат работа во Република Македонија кои што сакаат да бидат вклучени во работниот процес.