- Македонски
- English

Борбата за зголемување на работничките плати на работниците и на Сојузот на синдикатите на Македонија продолжува....Денеска во Работничкиот Дом на ССМ, на прес-конференција, Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов го најави следниот голем Работнички протест за зголемување на минималната плата и за зголемување на останатите работничките плати кој ќе се одржи на 14-ти март, и кажа:
“Почитувани претставници на медиумите, почитувани работници... Поради игнорантскиот однос и незголемувањето на минималната плата од страна на Владата и на работодавачите, Претседателството на Сојузот на синдикатите на Македонија одлучи да продолжи работничката борба за зголемување на минималната плата на 600 евра и за зголемување на останатите работничките плати за најмалку 6.000 денари. 14-ти март во 12 часот и 5 минути, и 5 минути затоа што одамна помина 5 до 12 и затоа што одамна помина 12 часот. Од пред Работничкиот дом на ССМ започнуваме нов протест до Собранието, Стопанската комора и Владата на кој работниците мора конечно да се охрабат, да излезат и да побараат зголемување на минималната плата како и зголемување на сите останати плати. Ние се бориме за зголемување на платите на работниците за најмалку 6.000 денари, а работниците доколку не излезат да се борат за зголемување на нивните плати, тогаш даваат огромни аргументи на Владата и на газдите дека во Македонија платите се добри, дека тие добро живеат и дека 1.667 денари, онолку колку што планираат да ја усогласат минималната плата им е повеќе од доволно на работниците.
Повеќе од 12.000 работници, во месец јануари покажаа дека не се плашат на никој и дека не му должат на никој ништо, покажаа дека се борат за зголемување на работничките плати и на минималната плата, а Владата исплашена од бројката веднаш понуди за 40% зголемување на платите на 11.000 работници со што се потврди тоа дека колку работници ќе дојдат на протестот толку и ќе добијат. Но, работниците треба да разберат дека коментирањето по социјалните мрежи, разговорите кои ги прават непосредно со нас, не помагаат во борбата за зголемување на работничките плати и дека овие другите, газдите и Владата се плашат само од бројноста на работниците. 14-ти март, сабота, е новиот 1-ви мај, но не е продолжен викенд, немате изговори за да не дојдете и да се придружите на борбата за зголемување на вашите плати. Ќе организираме превоз од сите градови на Македонија, затоа што тоа работниците го побараа од нас, односно оние работници кои не успеаа да дојдат на големиот работнички протест на 28-ми јануари. На таков начин ќе дадеме шанса на секој еден работник да излезе на улица рамо до рамо и да се бори за својата плата, да се бори да однесе повеќе пари во неговото семејство, да се бори за повеќе услови за достоинствен живот. Од почетокот на оваа година за 2000 денари е зголемена вредноста на Синдикалната минимална кошница, а тие сакаат да ви дадат 1.667 денари што ни малку не ја покрива ниту оваа сума која ја немате повеќе во вашите џебови. Последните податоци на Управата за јавни приходи кои ги обезбеди Сојузот на синдикатите на Македонија покажува дека под 30.000 денари плата примаат 160.000 работници во Македонија или една третина од вкупниот број на работници. Ако овие 160.000 работници не се засегнати од потребата за зголемување на минималната плата и од потребата за зголемување на нивните плати за најмалку 6.000 денари, тогаш што може да ги загрижи повеќе. Вработените во приватниот сектор доколку не се зголеми минималната плата и доколку не се промени Законот за минимална плата нема да добијат зголемување на нивните плати, затоа што газдите да сакаа веќе ќе го направеа тоа. Вработените во јавниот сектор, вработените во Министерството за внатрешни работи, вработените во Армијата нема да добијат зголемување на нивните плати оваа година, затоа што такво не е предвидено во Буџетот. Вработените во Управата и Правосудството, вработените и во другите институции каде што основната плата една од компонентите ќе добијат дополнително зголемување на нивните плати согласно растот на минималната плата и ќе покажат дека не се задоволни со срамни 1.667 денари, онолку колку што сака Владата на незаконски начин да ги усогласи нивните плати. Вработените во здравството, во образованието ќе добијат многу повеќе од тоа што им се нуди на маса со срамни 5% или 7% проценти зголемување на нивните плати или повторно во пари помеѓу 1.500 и 2.000 денари на месечно ниво. Мотивот кај сите треба да биде огромен, совеста кај сите треба да проработи, Сојузот на синдикатите на Македонија ги повикува сите работници, ги повикува дури и членовите на синдикатите на кои нивните лидери ги предадоа за грст златници, ги предадоа затоа што тие за себе обезбедија 15.000 денари паушали месечно, а за работниците веќе во Владата дале согласност за само 1.600 денари зголемена минимална плата. Ги повикуваме и нивните семејства да ни се придружат на протестот на 14-ти март во 12 часот и 5 минути од пред Работничкиот дом, во сабота, во неработен ден за најголем број на работници во Македонија, во неработен ден за членовите на нивните семејства и тоа за најголем број семејства во Македонија. Ги повикуваме да си дадат поддршка самите на себе, да застанат во првите борбени линии и да не му се плашат на никој. ССМ и лично јас како претседател покажавме дека не му се плашиме на никој и дека нема да му потклекнеме на притисоците на никој. Ние ќе продолжиме и понатаму да се бориме за зголемување на вашите работнички плати, но морате и вие да почнете да се борите за зголемување на вашите плати. И на крај ќе дозволите да пренесам став на Претседателството на Сојузот синдикатите на Македонија кој беше утврден едногласно... Ги отфрламе сите политички игри на грбот и на маката на работниците, сите политички игри кои се правеа и сите политички игри кои ќе се обидат да ги прават во наредниот период затоа што до нас пристигнуваат и такви загрижувачки информации. Политичарите да сакаа да им ги зголемат платите ќе го правеа тоа кога се на власт и не смеат да ги поддржуваат работниците само кога се во опозиција”.
На новинарското прашање кое се однесува на тоа дали тие политички игри кои се споменаа се поврзани со политичката партија СДСМ, Трендафилов одговори:
“Овие политички игри се поврзани и со политичката партија СДСМ и со политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и со сите политичко активно чинители во Македонија. Сите вие бевте сведоци како сите тие кога се опозиција се со работниците, но каде се кога се власта. Не смееме да дозволиме никој да ги прекршува копјата на ниските работнички плати, на минималната плата и на работничката мака и на работничката пот. Сите тие треба да сфатат дека еден ден ќе бидат и тие работници, нема да бидат цел живот функционери, но функционерите покажаа дека им беше потребен само еден час да ги бетонираат функционерските плати кои се за 79% зголемени. Се обидоа да ги манипулираат работниците дека ги намалуваат нивните плати за 10-12 или 15 илјади денари што е срамно. Не ги намалуваат платите, само ги задржуваат платите од 100, 150, 180 и 200 илјади денари на нивото на кое ги примале и пред завршувањето на минатата година. Срамота е на сите функционери во Македонија да им е тешко да сменат Закон за минимална плати и да им е потребно повеќе од 24 месеци да се зголеми минималната плата на најмалку 600 евра и да се зголемат сите останати плати за најмалку 6000 денари. Не ги бираме за да не владеат, ги бираме за да ни служат и затоа мора на сите политичари да им биде јасно дека кршење на копјата на работничкиот грб е недозволено во едно демократско општество. Улицата е на сите, работниците и нивните семејства, членовите на Сојузот на синдикатите на Македонија, раководството на Сојузот на синдикатите на Македонија, дури ги повикуваме и членовите на другите синдикати кои ги предадоа нивните лидери, да ни се придружат на улица за да се избориме за зголемување на платите. Ако некој во полиција молчи затоа што нема да му се зголеми платата на неговиот член, не значи дека членот треба да го почитува таквиот синдикален лидер и да молчи, а тоа го прават некои синдикати кои не се дел од Сојузот на синдикатите на Македонија и се обидоа да го минираат протестот во јануари во една минута до 12. Тоа е нешто што ние како синдикат нема да го дозволиме”.
На новинарското прашање кое се однесува на тоа дали Сојузот на синдикатите на Македонија ќе се огради од можната поддршка која некои политички партии би можеле да ја дадат на протестот, Претседателот на ССМ изјави:
“Уште еднаш ќе го повторам ставот на Претседателството на ССМ и мојот личен став е ист и непроменет... Ги отфрламе сите политички игри. Не им е местото да ги поддржуваат работниците, а да не прават ништо за нив. Не зборувам само за сегашната опозиција, зборувам и за сегашната власт кога беше опозиција, ако паметите 18 месеци ги напаѓаат претставниците на ССМ, ме напаѓаат мене лично како Претседател, ми го следат семејството, ми ги објавуваат децата по социјалните медиуми само за да ме замочат, а истите тие претходните две недели на 4 прес-конференции се фалеле што се постигнале со Сојузот на синдикатите на Македонија, за сега повторно да не им даваат зголемување на платите на работниците и да се однесуваат како овие кои се сега опозиција кога беа на власта. Да не заборавиме, ние на крајот на 2023-тата година излеговме да протестираме за зголемување на работничките плати, половина 2024-та година кога сегашната опозиција беше власт исто така протестиравме за зголемување на минималната плати и не ја зголемија. На почетокот на новата власт излеговме на протести на улица за зголемување на минималната плата и на сите останати плати. Тоа го правиме и ќе продолжиме да го правиме, но доколку работниците сметаат дека ние погрешно се бориме за работничките плати, доколку сметаат дека работничките плати се добри и доволни за живеење во тековниот месец, ние како Сојуз на синдикати на Македонија и во наредниот период нема да се откажеме од борбата, но борбата ќе ја водиме сами. Сами ќе можеме да постигнеме толку колку што постигнуваме. Потребна е поддршка на секој еден, затоа што секој еден од работниците има ниска плата, има мизерна плата, не може да купи најосновни прехранбени производи за своето семејство и се мисли како да го врзе крајот со крајот на месецот. Оваа година почна со зголемени цени на електрична енергија, најавени се зголемени цените и на енергенсите, најавено е само мизерно усогласување на работничката плата за 1.667 денари, а 2000 денари помалку имаме во нашиот џеб и во нашето семејство од почетокот на годината и тоа заради поскапувањето на цените. Дури и Владината просечна кошница покажува разлика од 6.000 илјади денари од две минимални плати кои не ја покриваат истата, дури и Владата потврди дека треба платите на работниците да се зголемат за најмалку 6.000 денари и ако не го направат тоа, срам да им е”.
На новинарското прашање кое се однесува на тоа дали ССМ останува на најавите за организирање на генерален штрајк и кога би се случило тоа, Трендафилов кажа:
“ССМ донесе одлуки за организирање на протести, донесе одлуки за организирање на блокади со протестите. Со протестите им покажавме дека 12.000 луѓе ќе ги премислат, но им покажавме и дека со 21 човек на улица правиме поголема штета. Па, така потребно е повеќе од 20.000 луѓе да ни се придружат на следниот протест за овие да се премислат. Одлуките за генерален штрајк, одлуките за протестите и за блокадите се веќе донесени, но ќе зависи од работниците во кој правец ќе биде борбата на Сојузот на синдикатите на Македонија во наредниот период. Ако тие сметаат дека платите се добри, дека 1.600 денари им е доволно, тогаш ние ќе продолжиме да се бориме за зголемување на работничките плати, но само Сојузот на синдикатите на Македонија и гранските синдикати дел од ССМ ќе продолжат да го прават тоа. Сите останати како што можете да видите даваат поддршка на 1.600 денари зголемување на минималната плата за работниците, но тоа го прават синдикалните лидери, а не и членовите на тие синдикати и најжалосно е кога предавниците помеѓу нас ќе ви забијат нож во грбот и тогаш е најопасно… Ние можеме да се бориме и против Владата и против работодавачите, но за жал не можеме да се бориме против синдикатите кои мислат на штета на работниците и мислат да обработат за нечии лични интереси”.
На новинарското прашање кое се однесуваше на тоа кои се следните чекори по најавениот протест, доколку Владата се оглуши на истиот, Претседателот на ССМ нагласи дека:
“Работничката борба не е спринт, работничката борба е маратон... Ние покажавме дека секој ден, секој час, секој месец и секоја година можеме да бидеме на улици и тоа го покажавме 8-9 години наназад. Тоа што ние ќе продолжиме да го правиме како Сојуз на синдикати на Македонија е дека нема да престанеме да се бориме и нема да ја продадеме работничката борба и нема да ги предадеме работниците. Генералниот штрајк ќе се одржи, а тогаш поддршката која ќе треба да ја дадат работниците треба да бидат тројно поголема од таа што ќе ја дадоа на протестот во месец јануари и од тоа што ќе ја дадат на протестот на 14-ти март. Се во спротивно ќе значи легитимирање на ваквите лоши политики на сметка на работничките плати, се во спротивно ќе значи ветер во грб на газдите и на Владата, се во спротивно ќе значи дека ќе продолжите како работници да си разговарате во вашите семејства, јас со моето, вие со вашето како е тежок животот во Македонија, ќе продолжите да разговарате со вашите пријатели, ќе продолжите да разговарате со вашите колеги, но ќе треба да запамтите дека ништо не се направиле за да го подобрите тоа и да го унапредите тоа”.
На новинарското прашање кое се однесуваше на тоа дали поради случувањата на Блискиот Исток и најавените покачувања на цените, дали се размислува да се зголеми износот на минималната плата и на останатите плати кој сега ССМ го бара, Трендафилов изјави:
“Македонија 35 години се наоѓа во криза и никој за жал не мисли на работниците, ниту на граѓаните. Ние се соочуваме со кризи и со предизвици секој месец. Најголемата криза моментално е како да врзете крај со крај со работник кој прима плата во висина од 397 евра како минимална плата и како да преживеете во месецот и како да им ги овозможите сите потребни услови на вашето семејство. Ваквите мизерни плати се дури полоши и од војна. Тоа што се случува километри и километри далеку од Македонија, не значи дека нема да не засегне и дека ќе не одмине, но тоа мора да биде само еден дополнителен аргумент за креаторите на политиките или власта и газдите да ги зголемат платите. Верувајте ми дека во наредниот период само ќе ги зголемат цените на производите, иако тие се зголемуваат од месец јануари, а немавме ваква нова воена криза, немавме ниту мерки за заштита на животниот стандард на работниците и очигледно е дека некој сака да тонат работниците во сиромаштија, а тоа што се случува ќе биде само дополнителен придонес. Платите мора да се зголемуваат и сите што може да ги зголемат платите и повеќе од 600 евра треба да го сторат тоа веднаш и да не чекаат да дојде утре”.