Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

4-та СИНДИКАЛНА АКАДЕМИЈА

4-та СИНДИКАЛНА АКАДЕМИЈА

СГИП, УПОЗ, СИЕР, АГРО-Синдикат, СУТКОЗ, СРСВМ, СРТ со поддршка на Сојузот на Синдикатите на Македонија (ССМ)  на Фондацијата Фридрих Еберт Скопје (ФЕС) организираше дводневна Академија за синдикализам за синдикалните претставници, синдикални активисти и правните застапници од гранковите синдикати здружени во ССМ.

Синдикалните претставници на синдикатите здружени во ССМ, односно претставниците на СГИП, УПОЗ, СИЕР, АГРО-Синдикат, СУТКОЗ, СРСВМ, СРТ преку презентации, работа во групи и активно учество на синдикалната академија разговараа за мошне значајни теми од областа на синдикалното здружување и организирање, се запознаа со неопходноста на синдикатите, основите на синдикализмот, колективното договарање, правото на штрајк, правата на работниците и синдикатите кои произлегуваат токму од слободата на синдикално здружување и правото на организирање, понатаму за начините како да се направи еден мошне посакуван баланс помеѓу работниот процес и приватниот семеен живот потребно за секој работник, а особено синдикалната академија оваа година се посвети на дискусија за можните идни синдикални активности кои ќе овозможат синдикална обнова или зголемување на синдикалното членство и проширување на синдикалните организации на ССМ како во јавниот, така и во приватниот сектор.

 

На отварањето на Синдикалната Академија свое обраќање имаа Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов заедно со Валон Садики, Менаџерот на програми на ФЕС, кои на присутните учесници им посакаа успешна работа и испратија порака дека само силни синдикати и силни синдикални претставници, ќе значи и заштита и подобрување на работничките права.

Дадоа ветување дека Синдикалната Академија и во иднина како дел од годишната работна програма на ССМ и ФЕС ќе се посвети на синдикалната едукација и ќе настојува да ја оствари целта да како резултат на истата излезат синдикални претставници кои јасно ќе ја разберат целта на синдикатите, кои ќе веруваат во работата што ја вршат и ќе дејствуваат како идни промотори на синдикатот како столб на сето она што ги засега работниците и нивните права. На Синдикалната Академија за стекнувањето и проширувањето на знаењата на присутните учесници за сите теми кои се поврзани со трудот, синдикатите и синдикалното здружување, работничките права, колективното договарање и правото на штрајк, меѓу останатите теми на дискусија, беше задолжен Проф. д-р Александар Ристовски од Правен факултет Јустинијан Први во Скопје.
Преку кратки теоретски предавања и презентации, динамична работа во групи и богата дискусија, присутните учесници се стекнаа со драгоцено знаење за синдикалното движење, имаа можност да ги разменат своите искуства за синдикалното дејствување во јавниот и приватниот сектор, да направат споредби, да ги истакнат предностите на синдикатите, перспективите и идни можности, меѓутоа и да ги истакнат постоечките слабостите кои ќе претставуваат идна основа за подобрување на работата и работната програма на Сојузот на Синдикатите на Македонија како најстар и најброен Македонски синдикат. 
На последниот ден од Синдикалната академија, преку прашања и одговори и споделување на примери и постоечките активности од своите синдикални организации во јавниот сектор и приватниот сектор, присутните учесници даваа предлози за идните синдикални активности кои несомнено ќе придонесат до зајакнувањето на синдикатот. Само преку вакви синдикални академии и работилници ќе се овозможи ССМ да стане посилна и поотворена организација и со тоа ќе успее да ја зацврсти својата улога во општеството, а особено ќе ја зацврсти својата положба како подеднакво значаен социјален партнер кој преку социјалниот дијалог ќе учествува во креаирањето на идните државни политики и кој несомнено ќе настојува преку своето дејствување да ги подобри правата на работниците, ќе овозможи подобрување на нивните плати и услови за работа, зголемување на животниот стандард, како нешто кое ќе ги потикне македонските работници да членуваат во синдикатите и да се уверат дека тоа членство несомнено ќе им донесе само корист, а никако нема да им наштети.
Само здружени работници, ќе дадат посилни синдикати!

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2025 | Сите права се задржани.