- Македонски
- English
60% ОД РАБОТНИЦИТЕ ИМААТ ПЛАТА ПОНИСКА ОД ПРОСЕЧНАТА ПЛАТА
Дали висината на просечната плата е мит за тоа колку ни е подобро?
Ова ги иритира во Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) кои се борат за поголеми работнички права и секако за повисоки плати за вработените, со кои ќе се зачува животниот стандард на граѓаните.
„Политичарите, особено кога се на власт го користат и манипулираат со податокот за растот на просечната плата како нивно достигнување и голем успех, додека реалноста е сосема спротивна, поради тоа што растот на просечната плата не ја отсликува реалната состојба со платите во Државата, а тоа е нешто што политичарите не сакаат да го слушнат од синдикатите. Изминатата година, растот на просечната плата покрај другото беше и поради растот на платите на функционерите кои се зголемија за 78% како никаде на друго место во Европа“, вели за Само прашај првиот човек на ССМ, Слободан Трендафилов.
Колку се со натпросечна плата?
Така, доаѓаме и до одговорот на прашањето дали поголемиот дел од вработените се во групата со натпросечна плата и дали затоа ова прашање не им е важно?
Инаку, токму ова прашање не се обработува во јавноста. Но, е многу важно за да се види колкумина од вработените што земаат плата, се во групите до и една нето плата, а колку во групите кои се над една просечна нето плата. Точниот одговор го побаравме во Управата за јавни приходи од чии податоци може да се види дека огромен дел од вработените се во групите до една или само со една просечна нето плата.
Од податоците се гледа дека најтешко на вработените им било во 2021 година, кога дури 70% од нив или над 2/3 биле во групите до и од една нето плата. Подобрување има во 2022 кога за речиси 7 процентни поени или за огромни 42,735 вработени се намалила оваа група, додека пак групата од една нето плата до максимум три, се зголемила за 6,4 процентни поени или за 33.624 вработени. За декември 2023 година, УЈП сè уште не ги објавила податоците.
Поедноставено, над две третини од вработените се во групата до една или една нето просечна плата и со тоа не можат да си ја дозволат Синдикалната минимална кошница. Ова значи и дека реалноста за вработените, наспроти пресметките на Државниот завод за статистика, е далеку полоша.
„За жал, информациите со кои и ние располагаме од терен ја потврдуваат оваа загрижувачка состојба во Македонија, а тоа покажува дека работниците во Македонија одат на работа, заработуваат, а се сè посиромашни. Како ССМ, загрижени сме поради ваквата состојба, особено поради тоа што денес, ниту една просечна ниту една минимална плата не ги покриваат основните потреби на едно четиричлено семејно домакинство и тоа не треба да ги загрижува само синдикатите, туку и креаторите на политиките“, вели Трендафилов.
Од Сојузот на синдикати велат дека за жал, до денес, на седниците на Економско социјалниот совет податоците за платите на работниците, особено до границата на минималната плата или просечната плата се многу малку споделувани. На тој начин социјалните партнери многу малку имале можност да дискутираат на оваа тема, а најчесто кога се дискутирало тоа било на иницијатива на ССМ или пак на седници кога имаме состојба на протести или штрајкови за зголемување на платите.
„Политичките партии не зборуваат во врска со тоа колку работници примаат просечна или до просечната плата од една причина, а тоа е дека ќе ја изгубат моќта, со маркетинг и себе промоција да го убедуваат работникот кој не добил зголемување на плата, кој има плата во висина на минималната плата која е далеку под просечната плата, дека треба да биде среќен и задоволен од растот на просечната плата, или фигуративно објаснето, работниците треба да бидат среќни со глодање на коската, а функционерите и политичарите со јадење на месото. Доколку политичарите зборуваат отворено ќе треба ова да им го кажат на работниците, а тоа ќе значи за нив губење на големи политички поени, па поради тоа изостанува и вистинската дебата по однос на ова прашање“, вели лидерот на ССМ Слободан Трендафилов.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинар: Горан Теменугов
Истата можете да ја прочитате на линкот
СамоПрашај.мк
https://samoprasaj.mk/.../dali-visinata-na-prosecnata.../...