Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

АКТИВНОСТИ НА ССМ ВО 2022

АКТИВНОСТИ НА ССМ ВО 2022

Кога зборуваме за настаните кои за  ССМ се најзначајни во оваа  2022 година неминовно се наметнува потребата од потенцирање на тоа дека со напорна работа и континуирани активности ССМ ја задржа својата позиција на репрезентативен синдикат и национален социјален партнер.

Активностите на ССМ спроведени во изминатата година доведоа до зголемена видливост на синдикатите и ја вративме довербата на работниците и граѓаните што е потврдено и од последните независни анкети според кои Синдикатите се најпрепознаени, па речиси една четвртина од испитаниците сметаат дека тие даваат најголема поддршка и за нив лично и за заедницата.

ССМ е  најстар и најброен синдикат , репрезентативен на национално ниво и  единствен репрезентативен синдикат и во јавниот и во приватниот сектор. Сите овие карактеристики ги зголемуваат обврските и значењето на ССМ како активен учесник и  креатор на националните политики и стратегии.

Како конструктивен  социјален партнер во државата ССМ   се залага и предлага активности и мерки кои пред се се во правец на   заживување и развој на економијата како база за целокупен напредок на општеството,особено во оваа година кога бевме исправени пред предизвиците на економската, здравствената , енергетската и воената криза која ја почуствуваа државите на светот вклучително и нашата. Наша цел и наш  приоритет во изминатава година беше да се заштитат  правата, интересите и потребите на работниците и граѓаните. Целокупните активности кои ССМ ги преземаше во изминатава 2022 година имаа за цел да се обезбеди последиците од кризата ,пред се економска да не ги почуствуваат и поднесат само и единствено работниците ,туку товарот на кризата да го поднест сите чинители на општеството подеднакво. Во таа насока ССМ даваше свои прелози при креирањето на антикризните мерки на државата со цел да им се помогне на најранливите работници и граѓани.

Најзначајни  придобивки и активности  на ССМ  за тековната 2022 година , а кои се препознаени и респектирани од членството и работниците , се  :

МИНИМАЛНА ПЛАТА ВО ВИСИНА ОД 18.000 ДЕНАРИ И НЕ ПОМАЛА ОД 57 % ОД ПРОСЕЧНАТА ПЛАТА

На иницијатива на ССМ по пат на социјален дијалог беше донесен Законот за изменување и дополнување на Законот за минимaлна плата во Република Северна Македонија, Сл. весник бр. 41 /22

Со измените на законот минималната плата изнесува 18.000 денари, а се менуваат и критериумите за годишно усогласување на минималната плата со 50% од годишниот раст на просечната плата и 50% од растот на трошоците за живот, согласно податоците од Државниот завод за статистика.

Како резултат на законските измени околу 80.000 работници и граѓани добија покачување на платата од 15.194 на 18.000 денари.

Со цел системско решавање на прашањето на минималната плата, со законските измени се предвидува, висината на минималната плата да не може да биде пониска од 57% од просечната плата објавена од Државниот завод за статистика, за претходната година.

НЕДЕЛА ДЕН ЗА НЕДЕЛЕН ОДМОР

Сојузот на синдикатите на Македонија  беше иницијатор и најголем поддржувач на законските измени со кои денот недела е уреден како неработен ден за најголемиот број на вработени во државата .Работниците веќе го чуствуваат бенифитот од ова право,  кое е уредено во Закон за изменување и дополнување на Законот за работните односи Сл.Весник бр.288 од 21 декември 2021 година и Законот за изменување и дополнување на Законот за трговијата Сл.Весник бр.295 од 27 декември 2021 година што е во целост согласно горенаведеното и член 32 од Уставот на Република Северна Македонија дека секој вработен има право на платен неделен одмор и дека од тоа право работниците не смеаат да се откажат, а работодавачите не смеат да го ограничат.

РАБОТНИЧКИ ПРОТЕСТИ

Оваа 2022 година е година на работнички протести кои беа иницирани, водени или поддржани од  ССМ и синдикатите во неговиот состав .

ССМ е сериозен синдикат кој ги прати општествено – економските состојби во државата , но и европските и светските текови и односи кога станува збор за економско – социјалната положба на работниците и граѓаните .

Свесни за  економска, здравствена и енергетска криза  кои се присутни насекаде во светот , вклучително и во нашата земја , предлагавме мерки за  решавање на проблемите со ниските плати ,намалувањето на животниот стандард и  пораст на сиромаштијата , баравме социјален дијалог и унапредување на колективното договарање .

Одговорно тврдиме дека актуелната власт не одговори соодветно на нашите барања и иницијативи , а  игнорантскиот однос на власта кон нас работниците беше причина ССМ и синдикатите во неговиот состав на барање и иницијатива на членството да реализираат повеќе протести за изразување на оправдано незадоволство од наметнатите постапки за намалување на работничките права.

На 04.02.2022 година на сите​ штрајкувачки одбори и​ Претседателството и Совет на ССМ, заедно со членовите на органите и телата на синдикатите здружени во ССМ, излезлегоа на протест (ЗАСТАНИ И ТИ ЗА ТВОЈАТА ПЛАТА) пред седиштето на Организацијата на работодавачите на Македонија и Стопанската комора поддржани од работниците.

На 7 и 8 април беше организиран прекин на работниот процес од страна на Синдикатот на УПОЗ при ССМ со целосна поддршка од ССМ каде што членовите на Синдикатот на УПОЗ преку прекин на работниот процес го изразија своето незадоволство барајќи достојни плати за живот.

На 14 април ССМ, Синдикатот на Македонска пошта и Синдикалната организација на АД Пошта заедно со работниците организираа Штрајк во Македонска пошта.

На 1 мај ССМ со синдикатите здружени во ССМ, организираше првомајски протест за достоинствена плата, на протестот излегоа повеќе од 7.500 работници рамо до рамо марширајќи од пред зградата на ССМ преку Собранието, седиштето на Организацијата на работодавачи и Стопанска комора на Македонија до Владата на Македонија јасно ставајќи до знаење дека постои огромен револт кај работниците поради ниските плати.

28 и 29 јули ССМ заедно со СРСВМ и Синдикатот во фабриката за шински возила Колска од Велес организираа блокада на железничкиот транспорт на железничката станица во Велес и штрајк по улиците на Велес со блокада на центарот на градот и канцелариите на Управата за јавни приходи.

ГЕНЕРАЛЕН ШТРАЈК ВО ЈАВНИОТ СЕКТОР

Согласно Одлуката за повикување и поведување на штрајк донесена од Советот на ССМ, на 22.6.2022 г. во штрајк стапија вработените во јавниот сектор.Штрајкот е организиран за заштита на економските - социјалните права ,поточно за  остварување на следните барања од работен однос:

-склучување на Општ колективен договор за јавен сектор со утврдено зголемување на платите на вработените во јавниот сектор за 2806 денари во нето износ согласно зголемувањето на минималната плата објавена во Сл. Весник на РСМ бр. 41 од 24 февруари 2022 година и утврдено право на регрес за годишен одмор во висина од 30% до 100% од основицата.

Генералниот штрајк иако успешен во најголем број на сектори каде што работниците веќе ја добиваат покачената плата, истиот сеуште трае онаму каде што барањата за усогласување на платите не се исполнети.

13 октомври 2022 година протест на вработените во фабриката за шински возила Колска од Велес со поддршка од ССМ, пред Владата.

19 и 20 октомври 2022 година предупредувачки штрајк и протест на вработените во Македонска пошта организиран од страна на СО на АД Пошта на Северна Македонија и Синдикатот на Македонска пошта со поддршка од ССМ.

20 октомври 2022 година  од 04.30 часот Синдикатот СРСВМ со синдикатот во ЈСП започнаа протест, вработените во јавното претпријатие ЈСП Скопје не ги возеа автубустите и со тоа  градот Скопје за прв пат од постоењето остана без градски превоз. Протестот беше организиран поради неисплатена плата. Карактеристично е тоа што сите возачи застанаа и одбија да возат без да им се исплати платата и покажаа солидарност. Протестот беше поддржан од ССМ.

БЕСПЛАТНА ПРАВНА ПОМОШ

Во текот на првите шест месеци од 2022година во Сојузот на синдикатите на Македонија се евидентирани вкупно 34.674 обраќања за работници по разни основи за заштита на правата од работен однос од кои во Секторот за работни односи и правна заштита, РСП и СК, 22.052 обраќања за работници, а преку мобилната апликација ССМ – мои работнички права, 12.622 обраќања за работници.За сите овие обраќања службите на ССМ ги презедоа потребните мерки и активности согласно закон за заштита на работничките права.

ИНИЦИЈАТИВИ И ПОСТАПКИ НА ССМ И ЗДРУЖЕНИТЕ СИНДИКАТИ ПРЕД УСТАВНИОТ СУД

1.Врз основа  иницијативата поднесена на 28.12.2021 година  од  Сојузот на синдикатите на Македонија и Синдикатот за градежништво,индустрија и проектирање  кој функционира во составот на ССМ , Уставниот суд   го укина членот 12 од Законот за утврдување стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп – Битола) во Република Северна Македонија ,со кој меѓу другото беше предвидено дека работното време на секој работник во текот на целиот циклус на Проектот може да биде во просек 60 часа неделно во текот на годината.ССМ брзо и ефикасно реагираше со поднесување на иницијатива која  беше прифатена и спорниот член од законот е укинат од Уставниот суд  со што  неправдата врз работниците е исправена.

2.Уставниот суд застана на страната на вистината и правдата и  не ја прифати иницијативата           на Стопанската комора за намалување и ограничување на  право – недела да биде неработен ден за најголем број на работници во државата.Уставниот суд го одби барањаето на Стопанската комора   , односно го потврди ставот на Сојузот на синдикатите на Македонија  и  ги остави на сила одредбите од законските решенија со кои недела е неработен ден за најголем број на работници и на тој начин  придонесе за зацврстување на правниот поредок и правната сигурност на работниците и граѓаните во државата .

 Целата на ССМ како застапник  и преставник  на работниците е работниците да  ја искористат неработната недела за одмор и обнова на нивната работна сила во интерес на подобрување на нивната продуктивност од што бенефит ќе има целата држава. Во демократските држави каде претендира да биде вклучена и нашата држава, неработната недела е креативно време посветено на семејството , грижа за децата , но и време потребно за подигнување на културно , спортско и образовно ниво на работниците и граѓаните кои се најважниот ресурс на секоја држава.

АКТИВНОСТИ НА ССМ ВО ИЗМЕНИ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА РАБОТНО-ПРАВНОТО ЗАКОНОДАВСТВО ЗРО

Активностите започнати во 2018 година за донесување на нов ЗРО продолжија и оваа 2022 година .Претставници на ССМ учествуваат на расправите со другите социјални партнери , истовремено ССМ достави и писмени забелешки по последната верзија на новиот ЗРО до МТСП.Со своите предлози ССМ настојува да ги унапреди работничките преава по примерот на европските и светските законодавства.

ЗАКОН ЗА ВРАБОТУВАЊЕ И ОСИГУРУВАЊЕ ВО СЛУЧАЈ НА НЕВРАБОТЕНОСТ И ЗАКОН ЗА СТЕЧАЈ

ССМ има свој претставници и во работните групи за донесување на овие закони при што се води грижа за заштита на правата на работниците и граѓаните .

УЧЕСТВО ВО РАБОТАТА НА НАЦИОНАЛНОТО КООРДИНАТИВНО ТЕЛО ЗА СПРЕЧУВАЊЕ И ЗАШТИТА ОД ДИСКРИМИНАЦИЈА

ССМ ја следи состојбата и учествува во креирањето на политики за недискриминација по било кој основ  , целта е да се придонесе во подигнување на јавната свест за препознавање на дискриминацијата како негативна општествена појава , како и да се стекнат познавања за начинот и постапката за заштита и сузбивање на дискриминацијата .

УЧЕСТВО ВО РАБОТАТА НА НАЦИОНАЛНОТО КООРДИНАТИВНО ТЕЛА ЗА СПРЕЧУВАЊЕ НА РОДОВО БАЗИРАНО НАСИЛСТВО И СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО

Како дел од ова Национално координативно тело, ССМ е активен учесник во постапките за имплементација на Истанбулската конвенција за спречување на насилство врз жените и семејно насилство ратификувана од нашата држава. Промовирајќи ја родовата еднаквост на сите полиња вклучително и во работните односи сметаме дека ќе се придонесе за искоренување на родово базираното насилство кое особено негативно се одразува и ги руинира  семејните односи , но и општествените односи во целина.

ОБУКИ ,ИНФОРМИРАЊЕ И ОСПОСОБУВАЊЕ

Силата на синдикатот е и во неговата стручност, обученост и информираност. Обуките за подигање на капацитетите на синдикалното членство и синдикалните раководства за целосна синдикална активност и вклученост, се најзначајниот дел од активностите на ССМ. Тие овозможуваат синдикалното јадро да биде информирано и оспособено за препознавање на сите облици на кршење на работничките права и методите за нивно спречување и заштита. Тоа е наша цел и задача затоа што само оспособено членство може да биде респектиран социјален партнер во државата.

Активностите на ССМ спроведени во оваа насока се:

1.Во рамките на Твининг проектот „Зајакнување на заштитата на вработените во случај на несолвентност на нивниот работодавач“ во  ССМ се одржа  Информативен ден , за синдикалните членови и синдикалните раководства во врска со  заштита на правата на вработените во случај на стечај на нивниот работодавач.

 Проектот е насочен кон создавање услови за имплементација на Директивата 2008/94/ЕЗ. Целта на информативниот ден беше  да ги запознае учесниците со содржината и фокусот на Директивата 2008/94/ЕЗ, нејзиниот социјален опсег, формулацијата на нејзините поединечни членови и обврските на земјите членки кои произлегуваат од оваа Директива. 

 Директивата 2008/94/Е ги штити легитимните побарувања на вработените во случај на стечај (несолвентност) на нивниот работодавач. Нејзината  имплементација треба да биде предмет на преговори во социо-економскиот совет, а  за таа цел, преку овој информативен ден организиран во ССМ  присутните  претставници на синдикатите можеа  да добијат информации и  обука. На овој начин им се овозможи на синдикатите да се стекнат со сознанија за да ги информираат своите членови (како и другите вработени) за нивните права и за можноста на работниците да добијат соодветен надоместок во случај на стечај (несолвентност) на нивниот работодавач.

2. Во  Сојуз на синдикатите на Македонија, се одржа  дводневна обука за заштита на лични податоци за членови на синдикални организации со поддршка на Фондација Метаморфозис и Здружение Конект како дел од проектот „Техничка и интегрирана заштита на лични податоци-градење инклузивен дигитален екосистем“, поддржан од Европската Унија.

Учесниците на обуката  имаа можост да бидат информирани и запознаени со  правата во врска со заштитата  на личните податоци на работното место и надвор од него; обврските на вработените при обработка на лични податоци; мерки за безбедност на личните податоци и многу други теми од областа на заштита на лични податоци.

3. Сојузот на синдикатите на Македонија, во рамките на потребата од унапредување и зајакнување на капацитетите за колективното преговарање со поддршка од ITUC-PERK, UNION TO UNION, во Охрид и Кратово одржа две работилници кои беа посветени на утврдување на приоритетите и предлозите на синдикатите и ССМ за утврдување и дополнување на текст на предлозите на нов Општ колективен договор и за приватниот и за јавниот сектор.

4. Во охрид презентирани дигиталните алатки на ссм за заштита на работничките права -30.05.2022-01.06.2022

Сојузот на синдикатите на Македонија како единствен репрезентативен синдикат во Државата и како полноправна членка на Европската конфедерација на синдикати – ETUC и дел од Регионалниот синдикален совет солидарност задно со Европската конфедерација на синдикати – ETUC во рамките на проектот „Синдикати за правично закрепнување: Зајакнување на улогата на синдикатите во ублажувањето на влијанието на кризата КОВИД-19“ финансиран од European Commission, Directorate general for Employment, Social Affairs & Inclusion спроведува тридневна обука за тренери за користење на новите дигитални алатки на ССМ за правни застапници и синдикални раководства и за зголемување на медиумската видливоста на ССМ и зајакнување на соработка со МЕДИУМИТЕ преку процесот на дигитализација на синдикализмот во насока на тоа да се спречи кршењето на работничките и социјалните права на работниците и презентирање на новата дигитална алатка ССМ - мои работнички права, СИНДИ - е советник за работнички права.

На  обуката, присутните имаа можност да се запознаат со можноста за бесплатна правна заштита, дадената правна заштита од Сојузот на синдикатите на Македонија во изминатиот период.

ССМ организираше и еднодневна средба и обука, на која присутните имаа можност да се запознаат со можноста за бесплатна правна заштита, дадената правна заштита од Сојузот на синдикатите на Македонија во изминатиот период.

Заедно со претставници на медиумите, правни застапници и синдикални раководства од ССМ и синдикатите, претставници на Министерството за труд и социјална политика и Државниот инспекторат за труд, работници и граѓани беа споделени информации за начинот на функционирање дигиталните алатки на ССМ - мои работнички права и СИНДИ - е советник за работнички права, за тајноста на пријавите и начините на заштита на работниците кои пријавуваат прекршување на работничките права, а беше одржана и пресконференција.

5. Обука на тема дискриминација при вработување и на работно место

Центарот за солидарност од Вашингтон, канцеларија за Југористочна европа, во периодот 23-25 март 2022 во Скопје организира настан на тема дискриминација при вработување и на работно место.

На настанот учествуваат претставници од ССМ и синдикатите од регионот, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија.

Дел активности на синдикатите спроведени во изминатиот период се:

ПРАВЕДНАТА ТРАНЗИЦИЈА ВО ФОКУСОТ НА СИНДИКАТОТ ЗА ИНДУСТРИЈА, ЕНЕРГЕТИКА И РУДАРСТВО НА Р. МАКЕДОНИЈА

Синдикатот на индустрија, енергетика и рударство на Македонија-СИЕР во рамки на Проектот со Улоф Палме од Шведска, насловен како Повеќе активности =Посилен синдикат, во периодот од 14-16.11.2022 год. во Хотел Лаки во Охрид одржа семинар на тема Праведна транзиција.

Предавачи на семинарот беа: Corinna Zierol, претставник од Industriall-EU, Ивана Вучкова, ФЕС Македонија и Маре Анчева СИЕР.

 

 СИНДИКАЛНА АКАДЕМИЈА НА ПРЕТСТАВНИЦИ НА СГИП

Од 02-04.09.2022 година во Хотел Метропол - Охрид се одржа Синдикална Академија за претставници на СГИП на која учество земаа над 50 учесници. На оваа синдикална академија обучувач беше Проф.Д-р Александар Ристовски од Правниот факултет "Јустинијан Први" во Скопје. Учесниците имаа можност да се запознаат подобро со нивните права од работен однос, правата кои произлегуваат од Колективните договори како и да се дружат низ квиз на знаењe од областа која ја сработија.

 

ДИГИТАЛНИТЕ УСЛУГИ НА ССМ ПРЕЗЕНТИРАНИ НА ЗДРАВСТВЕНИТЕ РАБОТНИЦИ

На Светскиот ден здравјето 7, април од страна на тимот на ССМ на вработените и медицинскиот персонал во Специјалната болница по хируршки болести „Св. Наум Охридски“ во Скопје (поранешна Градска болница), беше извршена презентација на дигиталните услуги на ССМ (мобилната апликација  ССМ - мои работнички права) употребата на сицијалните медиуми на Сојуз на синдикатите на Македонија на FB и instagram, новиот чатбокс на веб страната на ССМ www.ssm.org.mk итн.

 

ЗИМСКА ШКОЛА ЗА МЛАДИ ВО ГРАДЕЖНИШТВО И ШУМАРСТВО

Синдикатот за градежништво - СГИП ја одржа својата 7 зимска школа за млади на тема ,,Платите и инфлацијата во државата наспроти синдикалната минимална кошница".

На зимската школа учествуваа 30 млади синдикалистки и синдикалисти од компаниите членови на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање на Република Македонија кои имаа можност да се запознаат со начинот на пресметување на Синдикалната минимална кошница и за начинот на кој ќе се зголеми минималната плата во март идната година.

Учесниците беа запознаени и со дигиталните алатки на ССМ кои како млади синдикалци можат да ги употребуваат.

 

МПС-Трибина на тема ,,Мултисекторски пристап за ефикасна заштита на жени и девојчиња изложени на насилство “

На ден 28.11.2022 год. во конференциската сала на општина Прилеп се одржа трибина на тема ,,Мултисекторски пристап за ефикасна заштита на жени и девојчиња изложени на насилство ” по повод 16 дена активизам во борбата за заштита на жените од насилство. Македонскиот полициски синдикат уште еднаш потврди дека има капацитет да се справи со предизвиците на модерното време таргетирајќи го насилството како глобален проблем.Трибината имаше за цел да укаже на мултисекорскиот пристап кон овој проблем и изнаоѓање на соодветни одговори во борбата за негово санкционирање и елиминирање.

На трибината свое поздравно обраќање имаше Министерот за внатрешни работи г-дин Оливер Спасовски, Деканот на факултетот за безбедност г-дин проф. д-р Никола Дујовски и Претседателот на Македонски полициски синдикат г-дин д-р Марјан Кицев. Свое обраќање имаше г-ѓа проф. д-р Стојанка Мирчева, Претседателката на Ехо г-ѓа Бети Пејева, г-ѓа м-р Емилија Велкова, г-дин Дејан Тошевски и г-ѓа м-р Афродита Денковска. На овој начин Македонскиот полициски синдикат даде свој допринос во одбележувањето на меѓународниот ден за борба против насилството врз жените.

 

МПС-ТРИДНЕВНА РАБОТИЛНИЦА НА ОБСЕ И МПС

Во периодот од 26-28.10.2022 година во организација на ОБСЕ и Секцијата на жени на Македонскиот полициски синдикат се одржа тридневна работилница во хотел Романтик-Велес како дел на Алумни програмата за родово менторство.

Тема на работилницата беше Академско пишување и јавно говорење.Учеснички на работилницата беа 25 менторки членови на МПС од двата циклуси, генерација 2018 и 2019 година.

 

УПОЗ-НОВА СИЛА НА МЛАДИНСКОТО ОПШТЕСТВО

Од 26. до 28. октомври, во Охрид, Секцијата на млади при Синдикатот на УПОЗ, одржа работилница насловена "Нова сила на младинското општество".

На оваа работилница, учество зедоа 25 млади членови на Синдикатот на УПОЗ, кои преку работа во групи и неформално образование, разменија идеи за натамошниото делување на оваа секција. Целта на оваа работилница, беше да се обучат што повеќе млади членови, како да пристапат до младите лица во своите работни средини, и да го пренесат своето искуство за членувањето во Синдикатот.

 

УПОЗ- 32-ра СИНДИКАЛНА ШКОЛА НА СИНДИКАТОТ НА УПОЗ

Од 28 до 30 октомври, во Охрид, се одржа 32-рата Синдикална школа на Синдикатот на УПОЗ, на која тема беше "Новини во Предлог - Законот за вработените во јавниот сектор, Предлог - Законот за административни службеници како и нивната рефлексија врз правата на вработентие во управата, локалните самоуправи и правосудните органи". 

Повеќе од 100 учесници беа дел од првиот работен ден на 32-рата Синдикална школа на Синдикатот на УПОЗ.

 

24 СИНДИКАЛНА ШКОЛА НА САМОСТОЈНИОТ СИНДИКАТ ЗА ЗДРАВСТВО, ФАРМАЦИЈА И СОЦИЈАЛНА ЗАШТИТА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

На синдикалната школа учествуваа 200 синдикалци членови на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита на Република Македонија

ИНФОРМИРАЊЕ

Сојузот на синдикатите на Македонија информирањето на членството го спроведува преку својата веб страна, преку употреба на социјалните медиуми (ФБ страната, инстаграм страната, твитер страната; мобилната апликација ССМ – мои работнички права и СИНДИ – е советник за работнички права, како и преку одржување на пресконференции, учество на дебатни емисии, изјави за вести, објави за медиуми и сл.

Во рамките на зголемување на видливоста на синдикатите на регионално ниво излезе првото издание на регионалниот е-билтен ГЛАСОТ НА РАБОТНИЦИТЕ кој го издава РСС СОЛИДАРНОСТ, а првата тема која се обработува е „Плата која не обезбедува достоинствен живот, најниска плата во регионот“ и во кој може да се најдат информации за состојбата со минималната плата во земјите членки на РСС Солидарност ( Словенија, Македонија, Хрватска, Црна Гора, Србија и Босна и Херцеговина).
Е-билтенот ќе им помогне на работниците и синдикатите навремено да се информираат за состојбите поврзани со работничките права од регионот особено од земјите од поранешна Југославија.

Е - билтенот е во електронска форма и истиот има можност да се чита на јазиците земјите од кои доаѓаат синдикатите.

Сојуз на синдикатите на Македонија

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2024 | Сите права се задржани.