- Македонски
- English

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) учествуваше на регионалниот настан „Праведна транзиција и Национално утврдени придонеси – Премостување на климатската амбиција и социјалната правда“, со поддршка на Меѓународната организација на трудот (МОТ) и ГИЗ.
На тридневниот настан учествуваа претставници на владите, синдикатите и работодавачите од Македонија, Србија и Црна Гора, кои дискутираа за предизвиците и можностите што ги носи процесот на праведна транзиција — префрлање кон економии со ниски јаглеродни емисии на начин што ќе обезбеди социјална правда и сигурност за работниците.
Во фокусот на сесиите беше улогата на синдикатите во обезбедување праведна транзиција и потребата од постојан социјален дијалог меѓу владите, бизнис-заедницата и синдикатите.
Елена Петрова: „Ниту една транзиција не може да биде праведна без работниците и нивните синдикати“
Претставничката на ССМ, Елена Петрова, во своето излагање ги презентираше предлог-политиките и активностите на ССМ во областа на праведната транзиција и ја истакна успешната соработка со Канцеларијата на МОТ во Скопје, која преку стручна поддршка помага во процесите што ѝ претстојат на земјата.
„Ниту една транзиција не може да се нарече и да биде праведна доколку не ги вклучува сите социјални партнери. Синдикатите мора да бидат гласот на работниците, обезбедувајќи дека нивните потреби и грижи се слушнати пред да се донесат било какви национални политики или одлуки,“ – истакна Петрова.

ССМ ја нагласи и потребата процесот на праведна транзиција да стане дел од годишната програма на Економско-социјалниот совет (ЕСС) за 2026 година, како и барањето синдикатите активно да учествуваат во Советот за праведна транзиција и во сите новоформирани работни групи поврзани со оваа тема.
Директорката на Канцеларијата на МОТ за Централна и Источна Европа, г-ѓа Клер Харасти, го истакна значењето на ваквите регионални средби, кои овозможуваат споделување искуства и добри практики меѓу социјалните партнери:
„Овој настан има за цел учење едни од други, користење на реални докази и практики за поддршка на донесување подобри политики, како и подготовка за следната фаза на национално утврдените придонеси, кои мора да имаат поголем и посилен фокус на пристојната работа и праведна транзиција,“ – нагласи Харасти.
МОТ: Социјалниот дијалог е клучен за успешна транзиција
Вишиот специјалист за работнички активности на МОТ, Гоча Александриа, потсети дека социјалниот дијалог и трипартизмот се централни во политиките за одржлив развој и нагласи дека колективните договори треба да добијат поголема тежина при спроведувањето на транзицијата.
Според него, токму преку колективните договори може да се предвидат и ублажат ризиците од губење работни места, потребата од преквалификации и да се зајакне социјалната заштита на работниците.
ССМ: Заедничко делување за заштита на работните места
ССМ во своите излагања потенцираше дека синдикатите и бизнис-заедницата имаат експертиза и капацитет што можат да ја надополнат работата на Владата, особено преку националните и локалните економско-социјални совети. Целта е да се задржат работните места, да се обезбеди заштита на работничките права и да се одржи економско-социјалната стабилност во периодот на транзицијата.

На крајот, учесниците се согласија дека само преку активен социјален дијалог и заедничко дејствување може да се обезбеди праведна транзиција – со сочувана социјална сигурност на работниците и грижа за животната средина и идните генерации.
МОТ ја потврди својата заложба и понатаму да ги поддржува ваквите иницијативи и обуки, кои овозможуваат земјите во регионот да учат едни од други и да ги унапредуваат своите политики за праведна транзиција.