Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

Безбедноста и здравјето при работа – инвестиција во луѓето и економијата: Започна проектот „Кон безбедна и здрава работна средина“

Намалување на бројот на повреди и заболувања на работните места преку зајакнување на законската и регулаторната рамка, модернизација на системот за инспекција на трудот, воспоставување национален информациски систем за безбедност и здравје при работа и унапредување на националните капацитети за управување и обезбедување услуги во оваа област, е клучната цел на проектот „Кон безбедна и здрава работна средина во Северна Македонија“.

„Безбедноста и здравјето при работа не се трошок – тоа е инвестиција во луѓето, во продуктивноста и во иднината на економијата“, порача Милан Петковски, национален проектен координатор, истакнувајќи дека реализацијата на овој Проект ќе овозможи создавање на модерна, интегрирана и превентивна национална БЗР рамка што е предуслов и своевидна гаранција за посигурни, поздрави и поодржливи работни места за сите граѓани.

Директорката на Регионалниот центар на МОТ во Будимпешта, Клер Харасти, преку видео порака, нагласи дека успехот на секоја економија зависи од тоа колку го вреднува здравјето на своите луѓе. „Северна Македонија направи значаен чекор со овој проект кој ги обединува сите – Владата, синдикатите и организациите на работодавачи – во заедничка цел: да создадат побезбедни, поздрави и поправедни работни места. МОТ со гордост ја поддржува оваа иницијатива која ја спојува експертизата, превенцијата и дијалогот. Преку обуки, техничка поддршка и споделување на добри практики, ќе работиме на надградба на системот . Нашата мисија е јасна, да го претвориме правото на безбедно и здраво работно место во реалност за секој работник, во секој сектор“, истакна Харисти.

Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, рече дека здравите и безбедни услови за работа на работниците се приоритет во фокусот на ангажманот на Сојузот на синдикатите на Македонија кој како единствен реперезентативен синдикат е активен учесник во креирањето на националната Стратегија за БЗР при што ССМ се залага за континуирано унапредување на стандардите на полето на здравјето и безбедноста при работа , како и за креирање на политики за безбедност и здравје при работа кои ќе дадат приоритет на превентивните пред корективните мерки. Напомена дека овој проект треба да ги поттикне сите институции да започнат од себе за ревидирање на процедурите, плановите, изјавите за БЗР, процена на ризици и смета дека проектот да создаде одржлив систем, а не само да биде „спроведен проект и потрошени средства“.

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, посочи дека овој проект отвора ново поглавје во националната политика за безбедност и здравје при работа. „Заштитата на здравјето и животот на работниците е темелна вредност и законска обврска, но пред сè морална должност на сите. Со овој проект почнуваме нова фаза во која ќе создадеме модерен систем, со јасна стратегија, дигитални алатки и посилна инспекција. До 2028 година, нашата цел е земјата да има нова, современа рамка за безбедност и здравје при работа, усогласена со највисоките стандарди на МОТ и ЕУ. Превенцијата е најдобрата инвестиција – во луѓето, во компаниите и во иднината на економијата“, порача Дурмиши.

„Безбедноста и здравјето при работа не се само технички или административни категории. Тие се основни човекови права и показател за тоа колку едно општество навистина се грижи за својот човек.

Владата останува целосно посветена на изградба на систем кој ќе гарантира сигурни, здрави и продуктивни работни места за сите граѓани. Со поддршка на меѓународните партнери, со социјалниот дијалог и со знаењето на нашите експерти и академици, уверен сум дека ќе изградиме одржлива и современа култура на превенција – достојна за земја што чекори кон Европската Унија“, истакна заменик претседателот на Владата за политички систем, Љупчо Димовски, во своето обраќање на официјална промоција на Проектот.

Директорот на Државниот инспекторат за труд, Гани Маскути, информира дека шест работници го загубиле животот на работното место до септември оваа година, што е намалување во однос на 13 жртви лани.

Регионалната координаторка на Обединетите нации, Рита Колумбија, во своето обраќање додаде дека безбедноста при работа е директно поврзана со глобалните Цели за одржлив развој. „Безбедноста и здравјето при работа се суштински дел од Агендата 2030. Тие не се само прашање на заштита на животите, туку предуслов за достоинствен труд, еднаквост и социјална правда. Обединетите нации стојат зад Северна Македонија во нејзината определба да создаде општество во кое секој човек ќе може да работи без страв од повреда, болест или дискриминација. Со овој проект, државата го зајакнува својот капацитет да ги претвори меѓународните стандарди во реалност, што ќе се чувствува во секоја компанија и на секое работно место“, потенцираше Колумбија.

Клучни активности и очекувани резултати од Проектот

Проектот предвидува:

• Изработка на Национална политика и стратегија за БЗР 2026–2030;

• Целосно усогласување на домашната законска рамка со конвенциите на МОТ и директивите на ЕУ;

• Засилен инспекциски систем преку нов центар за обука и воведување нови методологии, дигитализација на инспекциските процеси и нов систем за управување со предмети;

• Воспоставување национален ИТ-систем за пријава и анализа на повреди и професионални заболувања;

• Поддршка на социјалните партнери со обуки, прирачници и мали грантови;

• Интеграција на БЗР во образованието и национални кампањи за подигање на јавната свест.

Очекуваните резултати до 2028 година вклучуваат: усвоена Национална стратегија за БЗР, модернизиран инспекциски систем, оперативна БЗР-платформа со реално-временски податоци, посилно партнерство меѓу Владата, работодавачите и работниците и подобрена култура на превенција во компаниите и образовните институции.

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2025 | Сите права се задржани.