- Македонски
- English
ДА ЗАСТАНЕМЕ ЗАЕДНО СО РАБОТНИЦИТЕ
Почитувани браќа и сестри,
Почитувани работнички и работници,
Почитувани синдикалки и синдикалци,
Работничкото движење во Македонија е исправено поред сериозен предизвик поради односот на креаторите на политиките кои покажаа дека водат грижа исклучиво за себе и за своите интереси, а не водат грижа за работниците, работничките права и работничките интереси.
Денеска, работниците во Македонија се соочуваат со се поголем притисок за нивната егзистенција поради високите трошоци за живот и ниските плати.
Синдикатите покажаа дека можат напорно да работат во интерес на нивните членови и во интерес на работниците. Синдикатите покажаа дека секој сам може да постигне резултат, но имаме можност сплотени да покажеме одлучност во работничката борба, онака како што вашите и нашите членови очекуваат и онака како што работниците очекуваат од нас.
Денеска, сите Ние, сите Вие, имаме и имате можност и шанса да покажеме дека сме незадоволни и дека сите тие кои претендираат да ја водат Државата треба да го слушнат гласот на работниците.
Имаме можност да го покажеме нашето, работничкото незадоволство и заедно да излеземе на голем работнички протест на 1 Мај, особено поради можноста, пораките, нашите и работничките барања да ги упатиме на неколку денови пред парламентарните избори до сите тие кои претендираат да ја водат Државата.
Како Претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија ве замолувам да покажеме одлучност во борбата, борбата која е заедничка, за подобро утре и за подобри работнички права.
Не го сметајте ова како повик од ССМ, туку повик од работниците на кој треба сите ние да одлучиме заедно да излеземе на работнички протест на 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот.
На протестот очекуваме да се придружат не само членовите на нашите синдикати, туку и работници, граѓани, синдикати, и други организации кои се со иста идеа, идеја дека НИЕ РАБОТНИЦИТЕ одлучуваме !
На Меѓународниот ден на трудот - 1 Мај, протестот ќе започне во 11 часот од пред Работничкиот дом до Собрание - Стопанска комора - Влада.
Со почит,
Слободан Трендафилов
Претседател на ССМ