Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

Дали бруто платата ќе донесе масовни отпуштања

 

Свесни сме дека системот на бруто плати треба да се донесе. Така е во повеќето земји, но начинот што го одбра Владата не е вистинскиот. Не е добро сите закони да се носат без разговор со социјалните партнери. Лесно може да се случи последиците да бидат страшни за десетици илјади работници на оваа земја.

Ова е поентата на претседателот на ССМ Ванчо Муратовски на тркалезната маса “Воведување систем на бруто плати во Република Македонија“ што вчера се одржа во Струга, во организација на фондацијата “Фридрих Еберт“.

Владата и понатаму носи проекти без обѕири кон другите фактори – не само на синдикатите, туку и на организациите на работодавачи, на цивилниот сектор, невладините организации. Едноставно во јули, на седница на Економско – социјалниот совет, ни беше поделен еден печатен материјал од Министерството за финансии, рече Лилјана Јанкуловска од ССМ, инаку член на Економско – социјалниот совет. На истата ароганција наидовме и при организирањето на тркалезната маса. На нашата покана од министерството добивме одговор дека не сакаат да учествуваат на овој собир.

Односот е навистина проблематичен, затоа што организатор е угледна германска фондација, со низа еминенетни учесници, меѓу кои беа Мирко Трипуновски, декан и професор на Економскиот факултет на Универзитетот ФОН, Марио Швигир, економски советник во Сојузот на слободните синдикати на Хрватска, Димитар Стојановски. претседател на Организацијата на работодавачи. Фондацијата “Фридрих Еберт“ ги покани и другите синдикални централи и организации, од кои дојде само Марјан Ристевски, претседател на Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија.

Токму Марјан Ристевски ги постави клучните прашања: што добиваат граѓаните од системот на бруто плати? Која е користа, каква е идејата на Владата? Дали ќе има позитивни или негативни последици?

Проблемот во Македонија не е начинот на пресметување на плата, туку висината на платите. Системот на бруто плати нема сам по себе да ги реши клучните проблеми. Во развиените земји се пресметуваат на тој начин, но едно е кога треба да распределиш две илјади евра, а сосем друго стотина и педесет. Луѓето овде треба да бидат магионичари за да опстанат со тие пари. Колку што знам поголемиот број од вработените се под статистичкиот просек од 15.000 денари - рече Мирко Трипуновски.

Некои од дискутантите изјавија дека мотивите се пропагандистички и популистички. Во бруто платите ќе се внесат патарината и хранарината, така ќе се добие привид на поголеми плати. Но прашање е дали тие примања ќе подлежат под оданочување, па ќе излезе дека платите ќе бидат пониски.

Присутните посебно се интересираа за искуствата во Хрватска, каде пред неколку години беше воведен истиот систем. Марио Швигер објасни дека најголемиот проблем е контролата на уплатените средства. Клучно е кој ќе контролира дали придонесите на работниците навистина се уплаќаат – дали даночната управа, дали инспекции од фондовите, или некој трет субјект. Сега обврзник ќе биде самиот работник, кој сигурно не може сам да ги врши пресметковните работи, туку го овластува неговиот работодавач. И сега тука настануваат проблеми: работникот добива хартија дека неговите придонеси се уплатени, а кога ќе стигне за пензија ќе види дека му недостасуваат толку и толку години стаж. Се открива дека работодавачот не му ги уплаќал придонесите, но тогаш е веќе доцна. Во Хрватска повеќето работници немаат пари да поведат судски спор и настануваат големи проблеми.

Не се само придонесите во прашање, туку минатиот труд, прекувремената работа, работењето во недела и празници, па додатокот за годишен одмор, евентуално новогодишниот додаток – дали тие приходи ќе влезат во бруто платата и дали ќе се оданочуваат? Службите на гранските синдикати СИЕР и СГИП побараа подетални информации од Министерството за финансии, но таму едноставно им било речено “не знаеме!

Неуплаќањето на придонесите е проблем дури и во Хрватска, па што ќе станува во Македонија може да насети. Швигир информираше дека во други земји работниците добиваат бруто плата и овластуваат банка да им ги распредели парите. Банката е трета, неутрална страна и таму нема прилики за криење податоци.

Дали системот може да се воведе брзо? Министерството најавува шест месеци за целосна инсталација на новиот систем, значи од јануари заклучно со јуни, но од ССМ сметаат дека рокот е премногу кус.

Следно прашање е дали бруто платата ќе создаде вишок работници. Работодавачите треба да дадат отчет за платите и придонесите, што значи дека работниците ќе станат - поскапи. Логично е да се очекува дека работодавачот ќе гледа да издвои што повеќе, што може да значи отпуштање на вработени лица.

Што всушност објаснува Министерството за економија, односно Владата? Системот на бруто плати е најавен како најзначајна реформа во македонската економија! Наброени се цели – воведување на системот, односно изедначување со земјите во ЕУ и ОЕЦД, намалување на стапките на социјалните придонеси (пензиско од 21,2 на 15 отсто до 2011 година, здравствено од 9,2 на 6 отсто, осигурување во случај на невработеност од 1,6 на 1 отсто). Тука се наведува и целосно усогласување на основиците, пресметките и наплатата, како и укинување на придонесот за здравство за првите 18 месеци од новото вработување.

Мерката изгледа популарна, но празнењето на фондовите има сериозни последици, предупреди Дарио Швигир. Во Хрватска беа воведени слични мерки, но фондовите, посебно двата најважни, пензиониот и здравствениот, станаа попразни. Ако работниците издвојуваат помалку не значи дека добиваат повеќе. Пензиониот фонд во некои моменти се судира со огромни проблеми да ги исплати пензиите, а здравството не може нормално да функционира.

Што имаме од новиот систем треба сериозно да се анализира, предупреди претседателот на Организацијата на работодавачи Димитар Стојановски. Мора прво да седнат социјалните партнери, што значи синдикатите и работодавачите со Владата. Нема подобро решение од претходен договор меѓу социјалните партнери. Ако Владата сака најдобри решенија нека ни ги остави нам, на синдикатите и на работодавачите. Ние сме во состојба да го понудиме најдоброто и на Владата да и дадеме најефикасен, најбезболен систем на пресметка на плати, посочи Стојановски.

Инаку Организацијата на работодавачи и Сојузот на синдикатите на Македонија по правило многу побрзо стигнуваат до заеднички ставови. Економските тенденции во општеството имаат своја природна логика и оттаму сличните погледи  на претставниците на работниците и на капиталот. Меѓутоа, во Македонија најголемите проблеми потекнуваат од самата Владата, третиот социјален партнер. Едноставно Владата не чувствува потреба да слушне други мислења, ги носи законите сериски, правдајќи се со условувањата на Светската банка и ММФ – што не е секогаш точно.

Сам по себе новиот систем нема да функционира без комплетно уредување на целата технологија. Лесно може да настане хаос, отпуштања, технолошки вишоци, шпекулации, изигрувања на прописите. Мора да има многу подазконски акти, со цел да се оневозможат злоупотребите од страна на работодавачите, заклучи хрватскиот синдикалец Швигер.

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2024 | Сите права се задржани.