Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

Дали ќе се среди хаосот во градежништвото

 

Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање (СГИП) изразува задоволство во предложените измени во законот за градење. Тоа е еден чекор во средувањето на хаосот што владее во градежништвото, вели претседателот на СГИП Павел Трендафилов.

Меѓутоа, за да се надминат негативните состојби, како корупцијата, постоењето на компании од типот човек – фирма, местењето на тендерите, работењето на црно, клучно е Република Македонија да ја потпише Конвенцијата број 94 на Меѓународната организација на трудот – вели Трендафилов. – Во месец септември во Истанбул ќе се одржи Регионална конференција на Светската интернационала на синдикатите од градежништвото, шумарството и дрвната индустрија. Ќе побараме меѓународна поддршка за прифаќање на Конвенцијата 94 од страна на македонската Влада. Домаќинот го знае значењето на документот и затоа барањето на македонскиот синдикат на градежници го стави на прво место, веднаш после излагањето на домаќините.

Во настојувањата за средување на односите во градежништвото СГИП има добиено начелна поддршка и од премиерот Груевски. Економско – социјалниот совет исто така ја поддржа идејата на трите последни седници. Во минатите три години синдикатот организираше две меѓународни конференции во Скопје и водеше кампања насочена кон државното раководство, со цел носење соодветни и корисни закони за градежништвото и за јавните тендери.

Што содржи Конвенцијата 94 и зошто синдикатот толку инсистира на нејзино прифаќање? Оваа конвенција налага тендери и воопшто јавни градежни работи да можат да добиваат само вистински градежни компании. Постојат критериуми, меѓу кои најважните се оние што се нарекуваат “социјални клаузули“ – вработените редовно да добиваат плата, да бидат здравствено и пензиско осигурени, односно нивниот статус да биде по сите законски норми. Со еден збор, на јавни проекти и тендери да не можат да се јават оние транзициски појави познати како “човек – фирма“. Инаку оваа конвенција е внесена во законодавствата на многу земји во светот, не само во најразвиените, туку и во Јужна Америка, Африка и Азија.

Со внесувањето на Конвенцијата 94 во македонското законодавство би се решиле практично причините кои ја изродија корупцијата, градежната мафија и кои во добар дел го предизвикаа пропаѓањето на градежната индустрија, некогашната гордост на македонското стопанство.

Каква е сегашната ситуација кажуваат податоците од Заводот за статистика. Регистрирани се околу 7.300 градежни фирми, но вистински претпријатија се неколку десеттини, додека другите се повеќе или помалку шпекулантски – без механизација, капитал, па и без вработени мајстори. Во градежништвото се ангажирани 37.100 лица, од кои уредно пријавени се 14.549. Останатите 22.564 работат на црно.

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2024 | Сите права се задржани.