Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

ДЕНЕСКА, ССМ ГИ БЛОКИРАШЕ И ГАЗДИТЕ!

ВТОРАТА ФАЗА СИНДИКАЛНИ АКТИВНОСТИ ЗА ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА РАБОТНИЧКИТЕ ПЛАТИ ПРОДОЛЖУВА....

Втората од најавените три блокади на Сојузот на Синдикатите на Македонија и работниците се одржа денеска точно во 12 часот пред Организацијата на Работодавачи, Бизнис Конфедерацијата и Стопанската Комора....

Денеска синдикалните претставници во име на работниците ги блокираа газдите!

Денеска беа блокирани газдите кои изминатите 36 години упорно ги блокираат работниците без срам, газдите кои ги игнорираат своите работници, а потоа се богатат од нивната работничка пот и мака... денеска беа блокирани газдите кои одбиваат да ги зголемат работничките плати, газдите кои одбиваат да ја зголемат минималната плата, а потоа лицемерно се жалат дека работниците не биле продуктивни, дека квалификуваните работници заминувале од државата и дека тие не можеле да ги задржат. 

Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов пред Стопанската Комора испрати порака дека работниците веќе не се плашат и дека работниците нема да престанат се додека не бидат слушнати и дека газдите ќе бидат блокирани се додека не престанат да ги игнорираат работничките барањата и се додека не донесат одлука за зголемување на минималната плата на најмалку 600 евра и за зголемување на сите останати плати за најмалку 6.000 денари, и изјави:

“Добар ден на сите…. освен на газдите и на следачите!” 

“Сигурно се прашувате зошто сме тука 21 човек на оваа локација и 21 човек подолу на раскрсницата. 21 човек сме затоа што не следат, затоа што ги заокружуваат луѓето и затоа што им се закануваат на луѓето да не дојдат на протестите. Одлучивме дека и во вторник Владата ќе ја блокираат на две места по 21 човек или математички прецизно кажано по познатата математичка формула x+y=z.

Денес тука сме кај газдите, кај истите оние кои ги избркаа цели наши семејство во странство. Кај газдите кои одбиваат да ја зголемат минималната плата и кои одбиваат да ги зголемат останатите плати, само затоа што законот не се променил. Кај газдите кои се слепи послушници на Владата, а Владата веќе кажа дека си се договарала со своите вработени, па ги остави газдите да бидат виновни за идниот генерален штрајк како во јавниот, така и во приватниот сектор. Газдите мора да сфатат дека имаат пријатели само во работниците, но можат да имаат и непријатели.

 Владата не им е пријател затоа што ги казнува, институциите ги даночат, им праќаат контроли и како што им кажуваат тие се договараат со своите вработени, а ги оставаат газдите да се договорат сами со своите вработени. Но, проблем е тоа што истите газди кои се наоѓаат тука позади нас не дозволуваат синдикално организирање во најголемиот дел на приватниот сектор. Односно, забрануваат организирање на синдикат. 

Но, ќе упатам порака и до работниците: 

Само еден на 10 ваши колеги се бори за вашите плати. Можете да замислете што ќе се случеше ако се боревме 8 од 10 вработени, можете да замислите што ќе беше ако од 540 илјади работници само 100.000 работници излезевте на улица и дали денеска ќе требаше да продолжуваме со блокадите, дали ќе треба да организираме уште еден голем работнички протест и дали ќе треба да организираме генерален штрајк во јавниот и во приватниот сектор. 

И покрај сите притисоци кои се обидуваат да ни ги направат, ние нема да се откажеме. Намерата со по 21 човек на улица е само почитување на Законот за јавните собири. Да немаше ограничување од најмалку 20 луѓе на улица денеска ќе стоев тука сам за да немаат можност да снимаат и да сликаат ниту еден работник.

Денес сум информиран, иако не ја гледав изјавата дека било кажано дека сега сум господин, дека било кажано дека сега веќе не сум бил политички определен. Но, дека било кажано уште пострашно, а тоа е дека сега ќе ги заокружувале луѓето кои доаѓаат на протестите и кои бараат корка леб, дека сега ќе ги објавувале како што го објавуваа моето семејство. 

Никој на никого не му должи ништо во оваа држава и никој на никого не смее да му се плаши.

Но, ќе упатам порака и до работодавачите дека имаа можност минатата година кога предлагаа, а ние на трипартитните состаноци баравме во нивно име, а Владата не напаѓаше поради тоа… да си подадеме рака, да ги зголемат платите на сите работници за најмалку 6.000 денари и да ја задолжиме Владата од едниот џеб во другиот џеб да ги плаќа придонесите на тие вработени кои ќе добијат за најмалку 6.000 денари зголемени плати.

Понудата е уште на маса и им ја кажуваме од улица, а следниот пат нема да доаѓаме со понуда. Следниот пат ќе дојдеме со генерален штрајк кој ќе ги чини нив многу повеќе од нашите работнички плати. Само еден ден затворање на компаниите, затворање на институциите и затворање на државата, државата ќе ја чини многу повеќе од цело годишно зголемување на работничките плати. Сето тоа државата ќе ја чини многу повеќе од тоа што може да го направи сега, односно да прифати да ги покрие придонесите за задолжително социјално осигурување. Не бараме тие да уплаќаат за газдите како што некој сака да каже, не бараме тие да ги плаќаат платите на работниците како некој што сака да каже.

Работодавачите ќе ги платат платите, но тие да се откажат од делот од колачот, затоа што доколку го прифатеа тоа лани кога работодавачите го бараа од нив заедно со ССМ, денеска во буџетот на Владата ќе имаше најмалку 10 милиони евра на месечно ниво или 120 милиони евра на годишно ниво. Но, некој заради неговата самобендисаност го одби тоа, некој одлучи да ги напаѓа синдикатите, некој одлучи и денеска да не замолчува. Ако се плашат од еден човек веројатно се плашат и од 21, веројатно се плашат и од 2.000, веројатно се плашат многу повеќе тие 12 илјади кои учествуваа на Големиот Работнички Протест на 28-ми јануари. Но, ние веќе одлучивме дека ќе организираме уште еден голем работнички протест во неработен ден. За тој голем работнички протест ќе има организиран превоз за работниците со цел да се даде даде шанса на секој еден работник да ни се придружи, затоа што ги слушаат политичарите и газдите како изминатите денови зборуваат дека нема да се договараат со работниците, а работниците сами да се договорат. 

Во тој случај ќе ги повикаме сите работници на улица, па ние работниците да се договориме какви плати ќе имаат функционерите и во која насока ќе им ги развиваме бизнисите во приватниот сектор”.

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2026 | Сите права се задржани.