- Македонски
- English
Европската конфедерација на синдикати денеска им даде поддршка на синдикатите во земјава за да издејствуваат што поголема минимална плата со која работниците ќе може достоинствено да живеат. Претставниците на Европската конфедерација на синдикати на прес-конференција оценија дека барањата на синдикатите за зголемување на минималната плата се повеќе од оправдани и дека минималната плата во Северна Македонија е најниска во регионот.
За случувањата во земјава, ќе ја информираат Европската комисија и тоа ќе влезе во извештајот за напредокот на државава.
Теа Јарц, Конфедерален секретар на Европската конфедерација на синдикати (ЕКС), упати порака дека да се биде синдикалец е демократско право и дека ниту работодавачите, ниту Владата не смее да ги напаѓаат синдикатите.
Теа Јарц,Конфедерален секретар на ЕКС, ја потсети македонската Влада дека битката за работничките права, во конкретниот случај за повисока минимална плата е легитимна и праведна и дека синдикалните права се еден од најважните сегменти за пристапувањето кон ЕУ
Европската конфедерација на синдикатите одблиску ги следи притисоците на кои е изложен Сојузот на синдикатите на Македонија и ја предупреди македонската Влада дека е во тесна соработка со Европската комисија, која во наредниот Извештај за напредокот на Македонија кон ЕУ, детално ќе го образложи „начинот на кој се одвива социјалниот дијалог“. Теа Јарц, секретарка на ЕКС, ја потсети македонската Влада дека битката за работничките права, во конкретниот случај за повисока минимална плата е легитимна и праведна и дека синдикалните права се еден од најважните сегменти за пристапувањето кон ЕУ.
Посочи дека социјалниот дијалог е начело на демократијата и дека треба да го почитуваат не само земјите членки на Европската унија, туку и оние кои претендираат да станат дел од неа.
– Ги повикуваме сите влади да ја почитуваат автономијата на социјалните партнери, да ги почитуваат синдикатите и да ги вклучуваат во сите процеси. Социјалниот дијалог мора да се почитува и не смее да има ниту еден работодавач и ниту една Влада што ги напаѓа синдикатите. Тоа е неприфатливо и противно на законите во вашите земји и на правната рамка на Европската унија. Како Европска конфедерација на синдикати ќе стоиме рамо до рамо со синдикатите и ќе ги поддржуваме, рече Јарц.
За протестите, претставниците на Европската конфедерација на синдикати, рекоа дека е легитимно право доколку не функционира социјалниот дијалог.
Европската конфедерација на синдикатите чиј полноправен член е Сојузот на синдикатите на Македонија преку механизмите кои ги има на располагање, наредниот вторник на состанок ќе информира за состојбата со социјалниот дијалог, работничките права, како и почитувањето на синдикатите во државите кандидати за влез во Европската унија на кој ќе се вклучи и претседателот на ССМ Трендафилов, а дополнително ќе бидат информирани и Европските институции состојбите и случувањата во Македонија.
-Тука сме да ги поддржиме македонските синдикалци, кои се соочуваат со огромен политички притисок во нивната борба за чесно и соодветно платен работнички труд. Инфлацијата врши притисок врз граѓаните, ним им требаат достоинствени примања. Затоа ја повикуваме Владата да ги почитува синдикатите и да не ги напаѓа. Бидете сигурни дека сето ова што се случува тука ќе најде место во следниот Извештај за напредокот на Македонија кон ЕУ но во негативна смисла – порача Јарц, која заедно со претставниците на Регионалниот синдикален совет СОЛИДАРНОСТ, деновиве можеше одблиску да ги чуе проблемите во социјалниот дијалог во државава.
И Душко Вуковиќ од независниот Синдикат на Србија оцени дека ако нема друго решение, ССМ ќе мора на улица да ги извади работниците во што е можно поголем број.
-Штрајкот е последното решение, но ако нема друг начин, со притисок треба да се одговори на притисоците. Владите во регионот не реагираат никако поинаку, како да се направени од ист материјал. Тие треба да сфатат дека ништо што се однесува на нас, не смее да биде усвоено без наше одобрување – додаде Вуковиќ.
Најпластичен пример за тоа каков е односот на владите во регионот кон синдикалната борба даде Фикрет Алиќ од Синдикатот на БИХ. Според него се работи за „тоталитарни режими, од кои и некои други поранешни како оној на Пиноче, можеле да научат“.
-Македонските работници со право бараат достоинствена плата, која сега е најниска во регионот. Владите од регионот решија да ги поддржат работодавачите за да може да се богатат уште повеќе врз нивниот грб. Притисоците со кои се служат се исти – не бришат од регистрите, не ни ја оспоруваат репрезентативноста, не одржуваат седници на Економско-социјалниот совет, не сакаат да преговараат. Изгледаат како да ги родила иста мајка – поентираше Алиќ.
Слободан Трендафилов, претседател на ССМ, рече дека добиле сесрдна поддршка од регионалните и европските синдикати, а ако продожи политичкиот притисок и тие ќе возвратат соодветно.
Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов, одговарајќи на новинарски прашања за притисоците на кои е изложен во изминатиот период, рече дека синдикатот и во минатото бил изложен на притисоци и дека и во иднина ќе биде, но дека тука се да се борат за работничките права.
-Минималната плата сега е околу 365 евра, а со евентуалното законско усогласување од април ќе биде 395 евра, што е најнизок можен износ во регионот. Синдикатите се солидаризираат со нас, а ние нема да застанеме во нашите барања – додаде Трендафилов.