- Македонски
- English
Главна причина поради која има недостиг на работна сила во земјата се ниските плати и злоупотребите што ги прават газдите во последните 34 години, вели Слободан Трендафилов, претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ). Ниските плати, според него, се главна причина што работниците заминуваат од Македонија
„Тоа што денес работниците поради ниските плати заминуваат да работат во некои други држави, да градат некои други економии, мислам дека треба да биде најголемиот пораз за овие газди што ја злоупотребуваа работната сила. За потсетување, толку колку што сме продуктивни, им створивме огромен капитал, огромни богатства. Ги украдоа компаниите во минатото, ги задржаа за себе и токму тоа е причината да зборуваме 34 години од независноста на Македонија повторно за недостиг на работна сила. Ако вие ги плаќате мизерно, тогаш тие имаат пари само за билет во еден правец, а тоа е надвор од Македонија“, вели Трендафилов.
За него, многу загрижувачки е обидот на претходната влада за увезување работници, кои газдите ќе ги плаќаат помалку од домашните.
„Македонија стана една туристичка агенција, која ги носеше работниците од Непал, од Индија, од Пакистан, од Бангладеш и потоа од тука заминуваа во некоја од земјите во Европската Унија, каде што, се разбира, заработуваат подобро отколку во Македонија“, рече Трендафилов.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов рече дека на големиот работнички протест на 1-ви мај побарале на минималната плата и тогаш како синдикат сметале дека 450 евра е неопходно бидејќи минималните плати во соседството биле во тие граници.
Според него, потребен е поголем исчекор за раст на платите, иако, како што вели, има позитивни сигнали од Владата, а како пример го наведува зголемувањето на платите на здравствените работници и донекаде со платите во образованието, со што Владата исправи една голема неправда кон овие работници кои заради изборите не добија никакво усогласување на платите оваа година.
„Денеска, во Македонија, според последните податоци, 25.000 работници примаат плата во висина на минималната, а 10.000 работници земаат плата од 1 денар до 22.567 денари. Она што е поразително е што сите овие работници примаат плата во плик за која газдите не плаќаат придонеси од задолжителното социјално осигурување и 250 милиони евра на годишно ниво ја чини државата во однос на неплатените придонеси во Фондот. Ги очекуваме последните податоци од Управата за јавни приходи за тоа колку работници во државата примаат минимална плата од 22.567 денари до 27.000 денари или пет илјади денари зголемување на минималната плата што го бараше ССМ. Сакаме да ѝ покажеме на државата, впрочем, дека во јавниот сектор многу мал број работници примаат минимална плата и за многу мал број работници ќе биде оптоварен буџетот. А газдите во приватниот сектор не треба никој да ги жали, најмалку ние, Синдикатот“, вели Трендафилов.