Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

ГОЛЕМ РАБОТНИЧКИ ПРОТЕСТ НА 1 МАЈ

ГОЛЕМ РАБОТНИЧКИ ПРОТЕСТ НА 1 МАЈ

Првомајскиот протест започна во 11 часот пред Работничкиот дом каде што се собраа повеќе од 5.000 членови на синдикатите здружени во ССМ, членовите на синдикатите здружени во КСОМ, активисти и борци за работнички права, работници, пензионери и граѓани.

 

Денеска ние работниците се собравме пред Работничкиот дом, домот кој сакаат да го конфискуваат од нас за да го уништат синдикалното движење. Работничкиот дом пред кој повеќе од 70 години ги започнувавме сите протести, сите штрајкови и денеска го започнуваме големиот работнички протест. Ние работниците дадовме црвен картон на судот заради тоа што направи обид да изврши притисок врз синдикатите да ги уништи, дозволи функционерска чизма на вратот на работниците за да молчат, да бидат понизни, тоа што го направија денеска го гледаме на дело. Ние синдикатите, ние работниците, ние граѓаните, пензионерите сме сите тука денеска за да покажеме дека колку повеќе не наплаќаат посилни не прават и колку повеќе пробуваат да ги уништат синдикатите ние се повеќе сме силни ! – изјави Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов на почетокот на Протестот кој потоа продолжи пред Собранието, Стопанската комора и кој заврши пред Владата.

Свои обраќања пред Собранието имаа Претседателот на СИЕР, Игор Ѓерасов, Претседателот на НСОН, Томислав Гиевски, Генералниот секретар на КСОМ, Гоце Делчев Тодев и Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.

Денеска сме тука да им кажеме на тие што ќе седнат во удобните фотељи дека не може да се одлучува за нас, без нас, дека ние работниците бираме и потоа очекуваме од нив да ги почитуваат нашите барања. Да им порачаме да не се грижат само за себе, да не го злоупотребуваат европското знаменце кога е на штета на работниците, а за 24 часа да се изгласаат 78 проценти зголемени плати, тие да уживаат, а ние да патиме, истакна претседателот Трендафилов пред Собранието.

Пред Стопанска комора се обрати потпретседателот на ССМ, Иван Пешевски, кој посочи дека секој час некој работник го губи животот на работното место, дека младите не можат да се одлучат на семејство со договорите на дело и договорите на определено време и дека платите на работниците не се доволни за пристоен живот.

Да знаат газдите и власта дека се лопови на сите наши браќа и сестри кои што не гледаат од странство, кои си заминаа поради егзистенцијални причини затоа што немаа леб на своите деца да им дадат, одете прошетајте слушнете ги реалните проблеми на овие луѓе, на оние кои ве ставија во вашите фотелји, и што треба да ве гласаат прашајте ги за проблемите, а не да кажувате кој што направил или не направил, посочи Пешевски.

Да им свртиме грб на оние кои уживат. Лопови, лопови, поради нив секој час ни гине некој на работното место, да знаат дека младите не можат да се одлучат за семејство со тие договори на определено време и договори на дело, да знаат дека ни го украдоа правото на пауза, дневен, неделен и месечен одмор, да знаат дека не се живее со 22.500, рече Иван Пешевски, потпретседател на ССМ.

Пред Владата, свои обраќања имаа Марјан Ристевски претседател на КСОМ, Стојанче Кашиковски претседател на СУТКОЗ, Трпе Деаноски потпретседател на ССМ за јавен сектор и претседател на УПОЗ и Слободан Трендафилов Претседател на ССМ.

„Бараме најниската плата да биде иста како таа во регионот односно минимум 450 евра. Исто така, бараме враќање на загубеното право во 2009 година, додаток за храна и превоз“,

„Работниците од занаетчиството бараме измена на законските прописи, даночни и финансиски олеснувања за да може како гранка да опстанеме и да ги сочуваме традиционалните занаети од изумирање од напливот на модерната технологија. Работниците од јавните-комунални претпријатија бараме соодветно вреднување на нашиот труд, исплата на К-15, усогласување на нашите плати со порастот на минималната плата“ – изјави Претседателот на СУТКОЗ Стојанче Кашиковски

Претседателот на УПОЗ, Трпе Деаноски своето обраќање пред колегите го започна со потсетување дека кој и да седне фотелјите во зградата на Владата ќе има 78 отсто поголема плата.

„На тие што сега ќе седнат во Владата сакам да им порачам да не им текне да го пипнат Општиот колективен договор бидејќи таму пишува дека и ние ќе добиеме просечна плата, а не минимална како сега. Да не им текне да ги пипкаат правата на работниците дали е во приватен или во јавен сектор. Доста работиме за ‘ситна боранија’, за минималец“, - Трпе Деаноски, претседател на УПОЗ

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов нагласи „Ние работниците дадовме црвен картон на судот заради тоа што направи обид да изврши притисок врз синдикатите, да ги уништи, да стави функционерска чизма на вратот на работниците за да молчат, за да бидат понизни, за да ги слушаат.

Денеска ја користиме приликата како никогаш досега, на само осум денови пред избори, да им ги упатиме главните барања на работниците кон оние кои планираат да ја водат државата во наредните пет години, а ние ги бираме нив“

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов рече дека не се задоволни од ниту една влада досега оти, како што рече воделе грижа само за себе.

„Ни покажаа дека само за нив важат правилата во државата, а за нас не. Им порачуваме на оние што ќе дојдат во новата влада дека без нас нема да има социјален дијалог на кој толку многу сакаат да се фалат и дека додколку не седнат заедно со нас и не не слушаат дека ќе имаат проблем соочен со работниците и дека на таков начин ќе покажеме повторно црвен картон“.

Денеска луѓето се излезени за да кажат дека не се задоволни од тоа што ни се случуваше во минатиот период и дека креаторите на политиките треба многу повеќе да водат грижа за работниците и за нивните работнички права“ – нагласи претседателот на ССМ Трендафилов.

Ние повеќе немаме време за чекање, се повеќе наши колешки и колеги заминуваат од државата. Минималната плата да се зголеми веднаш на најмалку 450 евра, како и во регионот. Правото на храна и превоз треба да биде подеднакво важно за работниците во Македонија, како што е важно за функционерите“, рече претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.

„НИЕ РАБОТНИЦИТЕ сметаме дека Владите до сега покажаа дека не се спремни да се борат со корупцијата, криминалот и непотизмот во државата, а сето тоа доведува до депопулација и заминување на младите надвор од државата во потрага по подобра работа и живот.“ – подвлече Трендафилов

„На идната Влада, НИЕ РАБОТНИЦИТЕ И ПОРАЧУВАМЕ дека партнерски треба да ги градиме меѓусебните односи со активно учество на синдикатите во креирањето на националните стратегии и политики и доследно почитување на работничките и граѓанските права, во спротивно ќе продолжи трендот на штрајкови и протести како единствен облик на синдикална борба за работничките права и интереси“ – заврши претседателот на ССМ Слободан Трендафилов пред да ги истакне главните барања на работниците.

НИЕ РАБОТНИЦИТЕ БАРАМЕ :

  •  Градење на системско решение и обезбедување на континуиран пораст на платите во приватниот и во јавниот сектор врз основа на егзистенцијалните потреби на работниците и нивните семејства и реалната состојба на економските и пазарни параметри, економскиот развој, инфлацијата, трошоците на живот и цените на основните животни продукти.
  • Минимална плата во износ од најмалку 450 евра во првите 100 денови на новата Влада како гаранција за заштита на најранливата категорија на населението како и за спречување на одливот на работната сила во Државите од регионот.
  •  Исплата на трошоци за храна на сите вработени во висина од 20% од просечната плата
  •  Исплата на трошоци за превоз на сите вработени во висина на реалните трошоци за доаѓање и враќање од работа
  •  Ограничување на работата на определено време во исклучителни околности и на максимум една година и преферирање на работата на неопределено време како одраз на егзистенцијалната сигурност на работниците
  •  Право на неработна сабота и зголемена контрола на прекувремената работа
  •  Намалување на полното работно време на 35 часовна работна недела, а со тоа ќе се создадат можности за похумана работна средина и повеќе време за одмор на работниците, за потребите на нивните семејства и сопствен образовен и стручен развој, што е особено важно затоа што човечкиот потенцијал е најважниот ресурс на секоја држава.
  •  Укинување на 72 часовната работна недела за работа на стратешките проекти
  •  Зголемено породилно отсуство , поголеми родителски права и поголеми права и флексибилност за усогласување на семејните прилики и потреби на работниците со потребите на работниот процес
  •  Целосно почитување на правата од работен однос со посебен акцент на лицата кои работат на онлајн платформи кои ги има се повеќе, а се надвор од системот на грижа и социјална сигурност
  •  Здрави и безбедни услови за работа согласно новите актуелни техники и технологии применети на работните места
  •  Целосно информирање и консултирање на работниците и синдикатите во компаниите за сите прашања поврзани со економско социјалната положба на работниците
  •  Унапредување на синдикалното организирање и колективно договарање и јакнење на социјалниот дијалог на сите нивоа
  •  Враќање на Работничкиот дом на ССМ на работниците

НИЕ РАБОТНИЦИТЕ НЕ СМЕ ЗАДОВОЛНИ

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2024 | Сите права се задржани.