Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

ЈАВНА ПОДДРШКА ЗА СИНДИКАЛНАТА БОРБА, СЕ ПОВЕЌЕ СИНДИКАЛЦИ МЕЃУ ПОЛИТИЧАРИТЕ

Синдикатот СУТКОЗ при ССМ ја поздравува јавната поддршка искажана од професорот, Трајко Славевски, претседавач на Советот на град Скопје.

Синдикатот СУТКОЗ и ССМ апелираат останатите јавни функционери да го следат примерот на проф. Славевски и да го осудат анти-синдикалното однесување на поединци, поради тоа што колку повеќе синдикалисти, толку помалку анти-синдикалисти.

Трајко Славевски по повод незаконското и нечовечкото отпуштање на претседателот на Синдикалната организација при СУТКОЗ во ЈП Водовод и канализација Скопје, во време на отпочната постапка за штрајк за да се изврши притисок врз синдикатот изјави:

Со неверување ја добив веста дека претседателот на синдикатот во ЈП Водовод и канализација е избркан од работа. Без разлика кои причини ќе ги наведе градоначалничката Арсовска, и не спорам дека тука ќе бидат креативни во обвинувањата, и без разлика дали некој се согласува со ставовите на синдикатот или не, бркањето од работа поради изразен став и поради борба за заштита на работнички права го сметам за нецивилизиран чин на самоволие и дрско нарушување на интегритетот на работничките права и на работниците воопшто.

Бруталното замолчување на гласот на синдикалното движење е одлика на исплашен систем, кој масовно ги крши правата. Ваквата одлука е спротивна на моите уверувања како претседател на Совет на град Скопје, а верувам дека е спротивна и на огромното мнозинство советници чиј интегритет и заштита на верувањата се во преден план. Тоа не е начинот на кој градот треба да се води, преку газење на слободата и правата на другите, колку и тие да се различни и спротивни.

Колку и да е тажно, ова буди асоцијации на некои од најмрачните времиња од историјата на ХХ-тиот век. На 2. мај 1933 година беа окупирани канцелариите на синдикатите во Германија, беа конфискувани нивните средства и синдикатите беа официјално укинати, а нивните лидери уапсени. Голем број синдикални лидери беа претепани и испратени во концентрациони кампови, вклучително и такви кои претходно се беа согласиле на соработка со Нацистите.

Погазувањето на синдикалните права на работниците заслужува најостра осуда! Тоа е нешто во што силно верувам

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2024 | Сите права се задржани.