Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

Кампања за намалување на бројот на непријавени работници

Поддршка во креирање на политики и механизми со кои ќе се намали бројот на непријавени работници е еден од главните приоритети на Економско-социјалниот совет (ЕСС). Во насока на унапредување на овој сегмент, ЕСС, преку Министерството за труд и социјална политика, Организацијата на работодавачи на Македонија и Сојузот на синдикатите на Македонија од денеска започна со реализација на кампања за подигнување на свеста за негативното влијание на непријавената работа врз економијата и општеството.

„ССМ е вклучен во сите активности за намалување и елиминирање на сите причини кои го предизвикуваат неформалното вработување. Но, намалување на неформалната економија и негативните последици од неа може да се очекува единствено доколку се спроведат интегрирани и заеднички активности на сите институции во државата. Апелираме до работниците да ја користат новата бесплатна мобилна апликација `ССМ – мои работнички права`, која ја изработивме заедно со Меѓународната организација на трудот, а преку која работниците можат анонимно да пријават прекршено работничко право за себе и за друго лице.“, истакна Дарко Димовски, претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија.

„Владата презема системски решенија кои даваат резултати и овозможуваат формализирање на неформалната економија. Анализите покажуваат поволен тренд на намалување на неформалната економија во официјалниот БДП, а верувам дека овој тренд ќе продолжи како резултат на повеќе процеси што Министерство за труд и социјална политика, како и Владата ги преземаат за намалување на неформалната економија. Во таа насока, подготвивме и Стратегија за формализација на неформалната работа за периодот 2018-2022 година, со цел да создадеме сеопфатен и конзистентен систем за ефикасно намалување на неформално вработените. Убедена сум дека и оваа кампања ќе даде значаен придонес во подигнување на јавната свест за придобивките од формална работа и со тоа работниците да се дел од системот.“, истакна Јагода Шахпаска, министерка за труд и социјална политика.

Целиот проект е финансиран од Европската Унија, а на прес-конференцијата присуствуваше и Фреек Јанмаат, раководител на одделот за операции во Европската Делегација во Скопје, кој истакна:

„Ангажирањето на непријавени работници создава нееднакви услови за субјектите на пазарот, а лицата кои од различни причини работат на ваков начин, не можат да ги остварат своите права. За да ја анулираме оваа појава мора заеднички да се заложиме и да создадеме силна системска рамка“.

Кампањата се реализира во рамки на проектот на Меѓународната организација на трудот – Зајакнување на социјалниот дијалог, финансиран од Европската Унија. За да се обезбеди системски пристап, неопходно е зајакнување на контролата и санкционирање на оние кои не ја почититуваат трудовата регулатива.

„Државниот инспекторат за труд врз основа на спроведените надзори на терен и анализа на извештаите ги разработува и подобрува алатките за справување и сузбивање на неформалната работа. Анализата резултираше со заклучок дека репресивната политика не даде задоволителни резултати во справувањето со неформалната работа и нејзината трансформација во формално вработување и затоа трудовото законодавство претрпе измени со ставање акцент на превенцијата пред репресивните мерки. ДИТ ке продолжи со своите активности во насока заштита на правата од работен однос, но и на формализацијата на неформалната работа како краен ефект во борбата со неформалната економија.“, истакна Јована Тренчевска, директорка на Државниот инспекторат за труд.

На прес-конференцијата присуствуваше и претседателката на Организацијата на работодавачи на Македонија, Владанка Трајковска, која истакна: „Намалувањето на неформалната економија претставува клучен чекор во воспоставување на предвидливо и стабилно деловно окружување и рамноправни услови за работа и здрава конкуренција, за работодавачите кои работат и ги почитуваат законите.

Формализацијата на неформалната економија и сузбивањето на даночните затајувања ќе доведат до зголемување на даночните приходи, а со тоа и можност на државата и институциите да пружаат поквалитетни услуги и поголема социјална сигурност на граѓаните“.

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2021 | Сите права се задржани.