Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

КОГА РАСТАТ ПЛАТИТЕ, РАСТЕ И БРОЈОТ НА НОВИ ФИРМИ

Сојузот на синдикатите на Македонија изминатиот период спроведе истражување кое уште повеќе се потврдува ставот дека зголемувањето на платите и зголемувањето на минималната плата не придонесува за затварање на компаниите и не ја уништува економијата, туку создава услови за развој и отворање на нови компании и нови работни места, наспроти тезата и манипулациите дека растот на платите предизвикува колапс на компаниите и губење на работни места.

Тврдењата дека ќе се затворат фирмите ако се зголемат платите, се целосно невистинити, а податоците и фактите од Централниот регистар тоа јасно го потврдуваат и покажуваат дека:

• Во 2022 година, кога минималната плата ( за потсетување, преку протести и штрајкови) ја зголемивме од 15.194 на 18.000 денари, имаше 7.062 новоосновани фирми, а избришани или затворени 5.694.

• Во 2023 година, со зголемување на минималната плата од 18.000 на 20.175 денари, бројот на новоосновани фирми остана 7.062, а избришаните се намалија на 3.372.

• Во 2024 година, со растот на минималната плата од 20.175 на 22.567 денари, имало 6.627 нови фирми, а само 2.891 затворени.

Овие бројки јасно докажуваат дека секое зголемување на минималната плата е придобивка, а не закана за економијата и ги побиваат ставовите на газдите, владините претставници и на одредени експерти кои беа прилично гласни на ова поле за да спречат раст на платите.

Ова е причина повеќе, да не се сопре процесот за зголемување на платите, вклучително и зголемување на минималната плата, ова е уште еден силен аргумент за континуиран раст – не само на минималната плата, туку и на сите останати плати!

Работниците не смеат да живеат со минимални примања и да имаат најниски плати во регионот, а Владата е должна да ја поддржи потребата од раст на платите, праведната распределба на профитот и да застане на страната на достоинствениот труд на работниците.

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2025 | Сите права се задржани.