Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

Мавровци протестираат против стечајот

 

 

Вработените на градежното претпријатие АДГ “Маврово“ за утре, 10 јули, закажаа јавен протест пред Основниот суд Скопје – 2, каде за 10 часот е закажано рочиште за предметот за отворање стечајна постапка. Од синдикалната организација најавија дека вработените ќе се собираат пред судот уште наутро, додека за 11 часот закажаа прес конференција за медиумите.

Проблемите со познатото градежно претпријатие “Маврово“, кое со децении беше меѓу најголемите македонски градежни оперативи, започнаа минатата година, кога сопственик на претпријатието стана компанијата “ИНГРА“ од Загреб, Хрватска. Дотогаш двете претпријатија, АДГ “Маврово“ и “Маврово инженеринг“ фактички функционираа како два дела на една целина. На формалните аспекти не се обрнуваше многу внимание, што не беше случај со новиот сопственик. “ИНГРА“ одлучи да го задржи профитабилниот “Маврово инженеринг“, додека не го интересираше судбината на АДГ “Маврово“.

На 27 март оваа година поднесена е пријава за стечај, со што околу 450 лица би завршиле на улица. Еден дел од вработените претходно се префрлени во “Маврово инженеринг“, но работниците се сомневаат дека таму е префрлен голем дел од капиталот на АДГ “Маврово“. Затоа тие се сомневаат во исправноста на постапката и не прифаќаат стечај за нивното претпријатие. Во месец април протестираа во кругот на претпријатието и бараа преиспитување на сите операции после доаѓањето на новиот сопственик. Тие бараа средби со премиерот и со Владата и го предупредуваа Управниот одбор на радикални протести.

Градежниците на АДГ “Маврово“ се претежно луѓе над 50 – годишна возраст и со намалена работна способност. Најголемиот дел се од Скопје, но има вработени во други градови во внатрешноста. Последните пет години платите и уплаќањето придонеси беа нередовни. Можно решение за проблемот е да им се исплати стажот за минатите години, со што најголемиот број од нив би можеле да одат во Агенцијата за вработување и да примаат надомест додека не го остварат правото на пензија.

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2026 | Сите права се задржани.