Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

МИНИМАЛНА ПЛАТА ВО МАКЕДОНИЈА, КАДЕ БЕВМЕ, КАДЕ СМЕ СЕГА

Прва обработена тема во Е-БИЛТЕНО

МИНИМАЛНА ПЛАТА ВО МАКЕДОНИЈА, КАДЕ БЕВМЕ, КАДЕ СМЕ СЕГА

Сојузот на синдикатите на Македонија во 2011 година во рамките на одбележувањето на Први мај – Меѓународниот ден на трудот започна кампања и покрена Иницијатива за започнување преговори со социјалните партнери за утврдување на минимална плата, односно донесување закон за минимална плата во Република Македонија. Став на ССМ беше дека утврдувањето на минималната плата ќе обезбеди материјална сигурност за работниците и ќе биде силен мотив за поефикасно извршување на нивните работни задачи, што ќе има позитивно влијание вкупно врз економијата.

Основнатата намера на минималната плата е да ги заштити работниците од премногу ниското поставување на платите, кое што не обезбедува покривање на трошоците за живот.

Во февруари (2011) година, Сојузот на синдикатите на Македонија ја претстави Синдикалната минимална кошница, која ги претставува најнеопходите и минимални трошоци за живот на едно четворочлено домаќинство и претставува основа за донесување на Закон за минимална плата.

Законот за минимална плата во македонската економија е за прв пат воведен во 2012 година (Службен весник број 11/12) на иницијатива на Сојузот на синдикатите на Македонија. Во него минимална плата е дефинирана како најнискиот месечен износ на основна плата која работодавачот е должен да му ја исплати на работникот за работа извршена за полно работно време и исполнет нормиран учинок. Минималната плата е поставена за сите работници во економијата, а од законот се исклучени самовработените лица. Притоа, минималната плата на работникот кој работи со скратено работно време, се пресметува сразмерно на поминатото време на работа. Надзорот на примената на законот е доделена на Државниот инспекторат за труд.

Во оваа прва верзија на законот, минималната бруто плата се постави да изнесува 39,6 проценти од просечната бруто плата во македонската економија за претходната година. Минималната плата  во нето-износ изнесуваше 8.050 денари за 2012 година. Меѓутоа, за трите оддели со најниски просечни исплатени плати (производство на текстил, облека и кожа), се дефинираше пониско ниво на минимална плата, преку следните коефициенти од нето платата: 0,778 за 2012 година, 0,852 во 2013 година и 0,926 за 2014 година. Овие коефициенти се применија само во првите две години, така што миналната нето-плата во одделите за производство на текстил, облека и кожа изнесуваше 6.263 денари во 2012 година и 6.859 денари во 2013 година.

Иако пониското ниво на минимална плата требаше да постои само во првите три години, со измените на законот во 2014 година (Службен весник број 30/14)., тоа се продолжи до 2018 година. Во оваа измена на законот се напушти определувањето на минималната плата како процент од бруто-платата, и наместо тоа беа дадени конкретни износи за висината на минималната плата. Така, минималната нето-плата на ниво на целата економија беше утврдена да изнесува: 8.800 денари во 2014 година, 9.590 денари во 2015 година и 10.080 денари во 2016 година. Исто така, беа дефинирани и износите  на минималната плата во трите оддели со најниски плати: 7.500 денари во 2014 година, 8.050 денари во 2015, 9.000 денари во 2016, 9590 денари во 2017 и 10.080 денари во 2018 година.

Најголемо зголемување на минималната плата во Северна Македонија досега е направено со измените на законот во 2017 година (Службен весник број 132/17), кога во нето износ таа беше зголемена за 19 проценти. Тогаш минималната плата беше поставена на 17.130 денари во бруто-износ, што одговара на 12.000 денари во нето износ. Исто така, со измените од 2017година беше отстрането пониското ниво на плата и минималната плата за одделите за производство на текстил, облека и кожа беше изедначена со нивото на целата економија. Зголемувањето на минималната нето-плата за овие три оддели изнесуваше 25%.

За да нема ризик за отпуштање на работници, на барање на ССМ беше предвидена и можност за финансиска помош за фирмите за исплата на минималната плата во периодот од една година, која беше дизајнирана постепено да биде повлечена. Синдикатите  имаа важна улога за преземање на овие активности  зa зaштитa на работниците. Висината на финансиската помош зависеше од претходно исплатената плата. Постоеја и услови кои треба да ги исполнува работодавачот: да не е во постапка на стечај или ликвидација; работникот за кој се обезбедува финансиската помош да не е ослободен од плаќање персонален данок на доход или придонеси од задолжително социјално осигурување; работодавaчот во 2016 година да остварил загуба или нето-добивка по оданочување во износ помалa од 10 проценти од вкупните расходи; и работодавaчот треба да ги има намирено обврските за вработените по основа на плата, придонесите од задолжителното социјално осигурување и даноците заклучно со последниот ден од месецот, кој претходи на месецот за кој се обезбедува финансиската помош. Финансиската помош можеше да се обезбеди само по исплатена плата, а работодавачот имаше обврска да го задржи работникот најмалку уште една година.

Новина во законот беше и тоа што детално беше дефиниран нормираниот учинок. Беше определено дека нормираниот учинок се утврдува од страна на работодавецот секоја година и тоа врз основа на критериуми на ефикасност на производствениот процес, кои мора да се исти за секоја техничко-технолошка целина кај работодавецот. Нормираниот учинок треба да е остварлив за најмалку 80 проценти од бројот на вработените за секоја техничко-технолошка целина одделно. Подоцна во 2018 година, Уставниот суд по повод иницијативата на  Сојузот на синдикатите на Македонија на седница одржана на 18 април 2018 год со Одлука У. Бр. 133/2017-1   ги  укина  член 2 став 1 во делот: „и исполнет нормиран учинок“ и ставовите 2, 3 и 4 и член 7-б ставови 1 и 3 од Законот за минимална плата во Република Македонија, односно ги укина одредбите од законот поврзани со нормираниот учинок.

Со измените на законот во 2017 година беше дефинирано и дека усогласувањето на минималната плата ќе се врши секоја година и тоа една третина  од порастот на просечната исплатена плата, една третина од индексот на трошоците на живот и една третина од реалниот пораст на бруто-домашниот производ за претходната година. Преку оваа одредба минималната плата се усогласи во периодот август 2018 – март 2019 година на 12.165 денари и во периодот април 2019 – ноември 2019 година на 12.507 денари во нето износ.

Второто позначајно зголемување на минималната плата е остварено со измените на законот во 2019 година (Службен весник број 239/19) кога минималната нето-плата во периодот декември 2019 – март 2020 година е поставена на 14.500 денари, што претставува зголемување за 15.9 проценти. Потоа со уредбата (Службен весник број 88/20) за време на вонредната состојба во периодот август – јуни 2020 година, нивото на минималната плата беше задржано на 14.500 денари. По завршувањето на вонредната состојба, заради усогласувањето со просечната плата, трошоците на живот и реалниот бруто-домашен производ, минималната плата изнесуваше 21.776 денари во бруто износ, односно 14.934 денари во нето во периодот до март 2021 година.  Последното усогласување ја постави минималната плата на 22.146 денари во бруто износ и 15.194 денари во нето износ во периодот од август 2021 година.

Покрај претходно наведените, законот за минимална плата претрпе и уште неколку други измени и дополнувања (Службен весник, бр. 180/14; бр. 81/15; бр. 129/15; бр. 140/18 ; и бр. 124/19). Поважно во нив е подобро уредување на инспекцискиот надзор во врска неисплатата на минималната плата и казнените одредби

На крајот важно е да се истакне дека во нашето законодавство, основата за уредување на минималната плата се добива од законот за работни односи, чии што член 107 гласи: „ Платата на работникот за работа со цело работно време не може да биде пониска од минималната плата утврдена со закон и колективен договор”. 

Според член 4 во Службен весник на Република Македонија“ бр. 11/2012, 30/2014, 180/2014, 81/2015, 129/2015 и 132/2017), исплатената висина на минималната плата во бруто износ за претходната година се усогласува во март секоја година со:

 

  •  една третина од порастот на просечно исплатената плата во Република Македонија
  •  една третина од порастот на индексот на трошоците на живот
  •  една третина од реалниот пораст на бруто домашниот производ, за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика.

Сојузот на синдикатите на Македонија во континуитет се залагаше и бараше зголемување на минималната плата се со цел подобрување на стандардот на работниците со најниски плати и на нивните семејства.

Сојузот на синдикатите на Македонија  изминатиот период укажуваше и бараше минималната плата да изнесува најмалку во висина од 60% од просечната плата, што се и направи анализа од страна на ССМ покажува дека фирмите кои биле повеќе „погодени“ од претходното зголемување на минималната плата немале поголемо намалување на бројот на вработени од останатите фирми односно минималната плата не довела до отпуштање на работниците.

Зголемувањето на минималната плата нема негативен ефект врз фирмите и не влијае врз намалувањето на нивната профитабилност. Напротив, со растот на платите на вработените, кај нив се зголемува мотивацијата, а со тоа и продуктивноста со што не се забележуваат промени во профитабилноста на фирмите, покажува анализата што е изработена на барање на Сојузот на синдикати на Македонија.

Сојузот на синдикати на Македонија бараше итно зголемување на минималната плата на 18.000,00денари и спирално зголемување на сите останати плати земајќи ги предвид зголемувањето на животните трошоци, енергетската и топлинската криза. Како аргумент го посочуваат и зголемувањето на минималната синдикална кошничка во декември за 1500,00 денари во однос на декември 2020 година.

Наодите до кои што дојдоа тројцата професори Бранимир Јовановиќ, Драган Тевдовски и Виктор Стојкоски кои ја изработија анализата, покажуваа дека за да се зголеми продуктивноста треба да се зголеми минималната плата, а со тоа ќе се зголеми и додадената вредност на фирмите, односно БДП.

Слика 1: Анализа-Минималната плата во Република Северна Македонија и нејзините ефекти врз работењето на фирмите

– Подобро платените работници се позадоволни и помотивирани да работат, па затоа и се пропродуктивни и поизведуваат повеќе.

Резултатите до кои дојдоа тројцата професори, анализирајќи ги ефектите од зголемувањето на минималната плата од септември 2017 година кога е забележано најголемото покачување, покажуваат дека фирмите кои биле повеќе „погодени“ од покачувањето на минималната плата немале поголемо намалување на бројот на вработени од останатите фирми односно минималната плата не довела до отпуштање на работниците. Немало ниту кратење на платите на останатите вработени, но исто така ниту спирално зголемување на останатите плати.

– Не треба да има стравувања дека идните покачувања на минималната плата ќе имаат штетни ефекти по работењето на фирмите. Штом големото покачување во 2017 година немало никакви штетни ефекти, нема причина да се очекува ниту дека некои помали покачувања во иднина би имале. Втората работа е дека минималната плата всушност може да биде инструмент за подобрување на продуктивноста на македонските фирми – велат тројцата професори во анализата.

Слика 2: Презентација на анализата за минимална плата пред Министерката за труд и социјална политика

ССМ за обезбедување на зголемувањето на минималната плата организираше голем работнички протест на 12.12.2021 година на кој учествуваа повеќе од 5.000 работници, а потоа на 04.02.2022 година на сите​ штрајкувачки одбори и​ Претседателството и Совет на ССМ, заедно со членовите на органите и телата на синдикатите здружени во ССМ, излезлегоа на протест (ЗАСТАНИ И ТИ ЗА ТВОЈАТА ПЛАТА) пред седиштето на Организацијата на работодавачите на Македонија и Стопанската комора поддржани од работниците за да се изврши дополнителен притисок врз Владата и работодавачите да го прифатат предлогот на ССМ за зголемување на минималната плата на 18.000 денари и истата да не изнесува помалку од 60% од просечната плата.

Слика 3: Протест на над 5.000 работници за минимална плата декември 2021година

На иницијатива на ССМ по пат на социјален дијалог беше донесен Законот за изменување и дополнување на Законот за минимaлна плата во Република Северна Македонија, Сл. весник бр. 41 /22.

Слика 4: Претставници на ССМ на седница на ЕСС

Со измените на законот минималната плата изнесува 18.000 денари, а се менуваат и критериумите за годишно усогласување на минималната плата со 50% од годишниот раст на просечната плата и 50% од растот на трошоците за живот, согласно податоците од Државниот завод за статистика.

Како резултат на законските измени околу 80.000 работници и граѓани добија покачување на платата од 15.194 на 18.000 денари.

Со законот за измени и дополнување на законот на минимална плата Службен весник на РСМ  број 41од 24.02.2022 е уредено дека минималната плата во наредниот период ќе се утврдува  на следниов начин:

  • 50%од порастот на просечната исплатена нето плата во РСМ, за претходната година, според податоците на СТАТ
  • 50% од порастот на индексот на трошоците на живот според податоците на СТАТ

Со цел системско решавање на прашањето на минималната плата, со законските измени се предвидува, висината на минималната плата да не може да биде пониска од 57% од просечната плата објавена од Државниот завод за статистика, за претходната година.

ССМ континиурано ја следи економската состојба во државата, а посебно од аспект на обезбедување на основни егзистенцијални права за достоинствен животен стандарт на работниците и граѓаните.

Како најголем и репрезентативен синдикат загрижени сме, и сметаме дека работниците и граѓаните ке бидат доведени до тешка економска социјална положба со престанокот на владините мерки за субвенционирање на основните животни производи, што ке доведат до сериозно зголемување на овие производи а со тоа и пад на животниот стандардот на населението.

Зголемените цени на основните животни произвиоди исто така ќе предизвикаат и значително зголемување на минималната сидикална кошница која што е показател за основните потреби за едно четиричлено семејство.

Како што веќе од месец во месец, драстично се зголемува трошоците за живот на едно четиричлено семејно домаќинство, а платите не го следат истиот раст по зголемувањето на минималната плата во март 2022 година.

Синдикалната минимална кошница која ја пресметуваме енормно расте и која во август изнесува 48 243,00 денари Две минимални плати не ја покриваат минималната синдикална кошница, реално ни трабаат уште 12.234,00 денари за да се покрие истата.

Порастот на цените и растот на инфлацијата која во моментов изнесува 16,8% влијаат врз намалувањето на куповната моќ на работниците, затоа ССМ со право бара зголемување на платите на сите вработени како во јавниот така и во приватниот сектор и покрај евидентите  противања на одредени субјекти кои се против зголемување на платите на работниците.

Очекуваме оваа пресметка на синдикалната минимална кошница, како и зголемувањето на трошоците за живот да бидат будење за сите работодавачи, локалната и централната власт и веднаш да пристапат кон зголемување на платите на работниците согласно порастот на минималната плата, а ССМ во наредниот период ќе преземе конкретни активности за остварување на ова барање.

 

 

 

 

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2022 | Сите права се задржани.