- Македонски
- English

Нашите проценки, нашите видувања говорат дека минималната плата не треба да биде пониска од 160 евра и тоа е износот за минимална плата од кој Сојузот на синдикатите сака да ги почне преговорите. Притоа лицитирањето за основицата на минималната плата од 5.200, 5.700 или 6.000 денари, за која мислам дека е премногу ниска и воопшто не ја одразува целта што сакаме да ја постигнеме, а тоа е утврдување на материјална и социјална сигурност на работниците во Република Македонија. Ние остануваме на долната граница за минимална плата што ја утврдивме, изјави за медиумите претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија Живко Митревски вчера во Охрид.
Бидејќи основицата за плаќање придонеси е повисока дури и од оваа што ние ја предлагаме за минимална плата не знам каква е логиката дека некој не може да ја плати оваа плата, а претходно плаќа придонеси повисоки од износот што самите го нудат. Тоа значи дека или доаѓа до злоупотреби, или има тенденција за злоупотреби во плаќањето на работниците, објасни Митревски. Тој додаде дека утврдувањето минимална плата со закон е добро за сите социјални партнери и дека ќе се стави ред во сивата економија и во нелојалната конкуренција.
Висината на минималната плата од 160 евра е утврдена врз основа на повеќе параметри и е во рамките на загарантираните плати во соседните држави, објасни Митревски. При утврдувањето на износот водевме сметка за претходно анимираната синдикална кошница и актуелните состојби во државата во контекст на кризата.
Да потсетиме дека завчера, на 6 јуни, Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи завчера изјави за медиумите дека минималната плата не треба да биде повисока од три износи на социјалната помош. Бидејќи висината на социјалната помош изнесува 2.200 денари произлегува дека минималната плата би изнесувала 6.600 денари.
Токму на оваа тема на 30 мај беше остварена средба на премиерот Никола Груевски со Живко Митревски, Раско Мишкоски и Слободан Антовски, претседателите на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) и Унијата на независни и автономни синдикати (УНАСМ). Груевски истакна дека утврдувањето на минималната плата ќе биде меѓу приоритетите на новата влада и дека ова децениско прашање наскоро ќе се реши. Трите синдикални унии изразија задоволство од средбата, посебно со оглед на фактот што во изминатите дваесет години не се постигна договор за утврдување на минимална плата.
Митревски вчера исто така изјави дека износот што го бара ССМ се движи во рамките на минималните плати во соседните држави. Во Србија таа изнесува 155 евра, во Романија од 160 до 170 евра. Може да се користи модалитетот во Хрватска, каде на секои четири години доаѓа до усогласување на износот на минималната плата.
Според статистичките податоци од 638.000 вработени 2,3 отсто имаат плата до 3.000 денари, 17,8 отсто до 8.000 денари, 27,6 отсто од 8.000 до 12.000, додека 30 отсто имаат плати од 12.000 до 20.000 денари.
При утврдувањето на минималната плата посебен проблем се ниските плати во текстилната (5.500 денари) и кожарската индустрија (5.200 денари). ССМ смета дека треба да се најде начин платите во овие две гранки да се зголемат. ОРМ предлага воведување стимулации за извозно ориентираните гранки, додека ССМ смета дека проблемот на ниските плати во двете гранки треба веднаш да се реши на било кој начин.