- Македонски
- English

Македонскиот полициски синдикат (МПС) официјално се обрати до Собранието на Република Северна Македонија и до сите пратенички групи со барање во Буџетот за наредната фискална година да се предвидат средства за зголемување на платите за најмалку 20% за сите вработени во Министерството за внатрешни работи (МВР), Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Агенцијата за разузнавање (АР) и Управата за финансиска полиција (УФП).
Од Синдикатот нагласуваат дека полицајците и останатите безбедносни службеници со години се соочуваат со сериозен пад на куповната моќ, при што нивните примања не го одразуваат ризикот и одговорноста што ја носи професијата.
„Полицајците во Македонија имаат најниски плати во регионот и во споредба со соседните земји, што создава дополнителна егзистенцијална несигурност“, стои во соопштението на МПС.
Синдикатот потсетува дека припадниците на полицијата се соочуваат со неможност да ги покријат основните животни трошоци – сместување, исхрана, транспорт и образование на своите деца, и дека ваквата состојба се одразува врз мотивираноста и ефикасноста на системот на внатрешна безбедност.
„Да се биде полицаец не значи само да се носи униформа – тоа е служба за граѓаните, за државата и за законитоста. Безбедноста на државата почива врз задоволни и мотивирани полициски службеници“, нагласуваат од Синдикатот.
Од МПС бараат Владата и Собранието да обезбедат редовен механизам за годишна корекција на платите согласно инфлацијата и економските показатели, да се започне процес на усогласување на платите со земјите од регионот, со цел постепено достигнување на европските стандарди.
МПС укажува дека ова барање не е само финансиско, туку чин на признавање и почит кон оние кои секојдневно ја ризикуваат својата безбедност во служба на државата и граѓаните.
МПС очекува разбирање и поддршка од пратеничките групи во рамките на буџетските расправи и амандманските процеси, повикувајќи на општествена солидарност со припадниците на полицијата и безбедносните служби.