Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

Мултиетничкиот синдикат за образование го осудува работењето на црно во градинките

 

Проблемот со хонорарните воспитувачки и негователки во градинките не е карактеристичен само за градинките во општината Карпош, туку исти состојби постојат и во други општини. Ги повикуваме и останатите кои работат со договор на дело да се обединат и заедно да се изборат за решавање на нивниот работен статус. Овие вработени се дискриминирани по однос на работата и на нивните плати. Недопустливо е во градинки да се работи на црно, затоа што во прашање се деца.

Ова е изјавата на Кољо Најданов, секретар на Мултиетничкиот синдикат за образование ((МЕСО), по повод штрајкот на 44 воспитувачки, негователки и други лица во градинките “Мајски цвет“, “Орце Николов“, “Распеана младост“ и “Пролет“, кои се наоѓаат на територијата на општината Карпош.

Тие од петокот започнаа штрајк, поради тоа што со години се ангажирани со договор на дело, што всушност значи дека работат на црно, и тоа за месечен надомест од околу 5.000 денари. Хонорарните негователки доаѓаат на работа, ги згрижуваат децата, но не ги извршуваат нивните секојдневни обврски, кои им ги оставаат на редовно вработените, инаку околу половина од вкупниот персонал. Нашиот проблем се игнорира и затоа се решивме на штрајк, а можно е штрајкот да се префрли пред Владата и пред Министерството, изјавуваат воспитувачките.

Неразбирливо е молчењето на Министерството за труд и социјална политика, од каде нема најмал знак дека некој размислува за решавање на проблемот. Портпаролката на министерството Ерзана Јакупи вчера не даде одговор на медиумите дали ќе се средува хаосот во градинките.

Воспитувачките сметаат дека проблемот со нивниот статус може да се реши, затоа што во градинките постојат работни места ослободени со пензионирањето на старите кадри.

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2026 | Сите права се задржани.