- Македонски
- English

Одлука за одржување на Совет на ССМ донесува претседателот на ССМ. Според Деловникот иницијатива за одржување на Совет можат да побараат една третина од членовите на Претседателството или претседателите на синдикатите кои имаат две третини од вкупното членство. Тоа не е сторено и оттаму денешниот собир е нелегитимно одржан, изјави на денешната конференција за печат претседателот на ССМ Ванчо Муратовски, по повод одржаниот собир на неколку грански синдикати во хотелот “Континентал“ во Скопје.
Ништо не е испочитувано од законската процедура, од Деловникот и другите акти на ССМ и затоа нивните денешни одлуки немаат правни последици, рече Муратовски. Со цел да се сочува интегритетот на ССМ Советот, чија седница е закажана наскоро, може да донесе одлука за одржување вонреден Конгрес. Инаку единствено Конгресот го донесува претседателот и само Конгресот може да го смени. Но со цел да го сочуваме интегритетот на ССМ на скорешната седница ќе го поставиме прашањето за одржување вонреден Конгрес, кој може да се одржи во месец септември, додаде Муратовски.
Ова не е прв обид за смена на претседателот. Очигледно е дека позади стои власта, која сака да го стави Синдикатот под контрола. Во државата останаа уште неколку независни организации и мотивот е што побрзо да се стави контрола и врз ССМ. На прашањето на новинарите дали станува збор за обид на смена од страна на гранските синдикати или од власта, Муратовски појасни дека ова е обид на неколку грански синдикати обилно потпомогнати од власта. Исто така ни стигнаа поплаки од членови на Советот за притисоци врз нив.
Воопшто не е важно колку грански синдикати учествувале на собирот. Собирот е одржан без потпис на претседателот и службен печат и затоа е нелегитимен, рече портпаролот на ССМ Милан Живковиќ. Незванично дознаваме дека не учествувале 40 членови на Советот, туку 15 до 20. Видовме и неколку лица од синдикати кои од порано се одделија од ССМ, а учествуваа лица од стручните служби на тие синдикати кои не се членови на Советот, објасни портпаролот.