Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

НА 1-ВИ МАЈ ПРОТЕСТИРАМЕ ЗА ПЛАТА!

На повик на Сојуз на синдикатите на Македонија, на 1ви Мај , на протестот под мотото ПРОТЕСТИРАМЕ ЗА ПЛАТА , се приклучија помеѓу 6.000 и 7.000 работници, синдикалци, синдикати, активисти и борци за работнички права, граѓани, пензинери, студенти, сите кои му мислат добро на работникот.

Протестот започна пред Работничкиот дом во Скопје, продолжи пред Собранието, Стопанската комора и заврши пред Владата на Македонија.

Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов , прв се обрати на учесниците на протестот.

“Денеска работниците имаат многу причини да протестираат, а малку да празнуваат” рече пред Работничкиот Дом на ССМ, Претседателот Слободан Трендафилов и со тоа го отвори првомајскиот протест во организација на Сојузот на Синдикатите на Македонија (ССМ). Минимална плата од 500 евра, повисоки останати плати за 100 евра за сите работници, но и почитување на колективните договори и работничките права побараа насобраните синдикалци, работници, граѓани, активистите за работнички права кои присуствуваа на протестот предводени од раководството на ССМ.

„Денеска пред Работничкиот Дом нагласувам дека протестираме за плата, денеска одиме пред Собранието, пред Стопанската комора и пред Владата да кажеме дека бараме 500 евра минимална плата, дека бараме за 100 евра зголемување на сите останатите плати, дека бараме почитување на колективните договори и дека бараме пристојна плата за секоја работа“, истакна Трендафилов заблагодарувајќи се за бројното присуство и поддршката на огромен број на работници, синдикалци, активисти, граѓани како и на сите оние кои му мислат добро на работникот замолувајќи ја толпата да се упати кон Собранието.

Оттаму со транспаренти во рацете синдикалниот протест продолжи пред Собранието, каде претседателот на ССМ Слободан Трендафилов го повтори барањето за измени на Законот за минимална плата и побара од присутните работници да го свртат грбот кон Собранието за да можат пратениците да почувствуваат какво е чуството кога работникот ќе ти го сврти грбот, на истиот начин како што и тие сите овие месеци го вртат грбот на работниците, игнорирајќи ги нивните барања.

„Денеска на оваа страна од барикадите сме ние кои бараме достоинствена плата за достоинствена работа, од другата страна на барикадите се тие кои уживаат привилегии”. Луксузот ваш е трудот наш. Ве молам, макар и симболично, да им го завртите сите грбот како што им го вртам јас, за да почувствуваат како е кога работник ќе ви заврти грб. Им ветивме дека ќе дојдеме во поголем број, а ќе дојдеме и многу повеќе од денеска, доколку не донесат измени на Законот за минимална плата и не ги зголемат сите останати плати, во спротивно предлагаме и на работниците и на пратеницити да им биде исплаќана минимална плата“, кажа Трендафилов.

Како што рече, жално е што на 1-ви Мај, кога се одбележува работничката борба за осумчасовно работно време, дел од пратениците учествуваа во донесување на закон со кој се овозможи во Македонија денес да има можност за 12-часовен работен ден, нешто што го нема во светот уште од 1886 година.

„Жално е пратениците да ги уживаат привилегиите, 79 проценти зголемени плати, проценти за превоз повисоки од минималната плата, собраниско бифе поевтино од работничка менза, а да одбиваат да донесат измени и дополнувања на Законот за минимална плата со што ќе се овозможи нејзино зголемување на 500 евра, како и зголемување од 100 евра на платите на сите останати работници, како и потребните измени за да се овозможи и на работниците, исто како и пратениците, да имаат право на трошоци за превоз и на трошоци за храна. Бараме најбрзо што може пратениците да се заложат за нашите барања и со тоа да покажат дека се за работниците и дека се со работниците“, рече Трендафилов.

Протестот продолжи кон Стoпанската комора каде присутните на работодавачите им ја испратија следната порака:

„Овие позади не се работодавачи , овие се газди безкичмењаци , кои што 30 години ни ја пијат крвта со памукче и на кои што да дадат минимална плата од 500 евра за нас работниците им се многу, а сега во Грција на продолжен викенд ќе потрошат по 5000 евра и тоа им е малку. Ова не е само за “УА”, туку треба секој ден да сме тука на улица додека не ни ги покачат платите. Ова “УА” е за сите фамилии што ни се отселија да бараат леб во странство и нагласуваме дека Македонија била и ќе биде плодна само со вас и само со работникот може да се создаде капиталот, па така работниците имаат удел и право од тој капитал” –истакна Иван Пешевски – Претседателот на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање на Македонија (СГИП).

„Држат прес-конференции со министри, со владини функционери, потпишуваат некои непостоечки декларации, но верувајте дека ние во наредниот период ќе бидеме уште погласни, ќе си ги бараме нашите права, ќе ги повикаме токму работодавачите да не се кријат овде, и тие да излезат бидејќи ние работниците работиме и им го заработуваме нивниот леб, а за нас само остануваат трошки” – рече Игор Ѓерасов – Претседател на Синдикатот за индустрија, енергетика и рударство (СИЕР).

Задржувајќи се речиси еден час синдикалните лидери заедно со присутните работници, граѓани и активисти за работнички права, најглавните пораки ги испратија токму пред креаторите на политиките, односно пред Владата.

 

Претседателот на синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски, истакна дека работниците се тука не само за да го одбележат празникот, туку и да им порачаат на владините функционери и на сите работодавачи што заборавија дека без работници нема економија, без работници нема развој, без работниците нема иднина.

„Ветуваа дека ќе има повиски плати, ќе има социјални права, ќе има безбедни работни места, а што добивме? Неисплатени плати, скратени додатоци на плата во обвинителството и во судството, 200 луѓе во правосудството се без договор за работа, добивме зголемени цени, иселени млади, па дури и обид за убиство на работно место нешто што до сега во Македонија го немало“, рече Деаноски, додавајќи дека оваа влада ветувала дека ќе биде на страната на работникот, а денес не само што молчи, туку и ги напаѓа работниците кои бараат повисоки плати.

„Но, да им биде јасно, не не плашат нивните напади, не не плашат нивните лаги и прес конференции полни со манипулации. Ништо од тоа што го прават нема да не сопре, а ние ќе продолжиме понатаму затоа што бараме достоинствени плати за достоинствен живот“, рече Деаноски.

Кристина Ампева од „Гласен текстилец“, рече дека иако неколку синдикати учесници на протестот имаат различни гледишта, сепак денеска се сплотени со иста цел, а тоа е борбата за повисока плата:

„Денеска нема делби меѓу нас, а тоа е борбата за повисока плата“, рече таа, додавајќи дека денеска сакаат да им кажат на функционерите од сите политички партии кои што земаат 79 отсто зголемена плата, патни трошоци, разни додатоци, итн, дека платата за работнциите не може да биде доволна со 1.800 денари зголемување, како и дека се должни да ги почитуваат Колективните договори. Станавме земја со највисока инфлација, станавме земја со најниска стапка на раст на економија и станавме земја со најниска плата” додаде Ампева.

Таа исто така посочи дека се срами од тоа што некои синдикати вчера го славеле 1-ви Мај во луксузен хотел.

„На оние синдикати што вчера на 30-ти Април славеа 1-ви Мај во луксузни хотели исто да им честитам 1-ви Мај ако може да им честита...тие очигледно мислеа дека ако денеска дојдат и бидат заедно со своите колеги, со своите браќа и сестри, со работниците од кои што земаат членарина ќе погрешат во умилкувањето на власта“– нагласи Кристина Ампева од „Гласен текстилец“.

Во продолжение Томислав Гиевски, претседател на Независниот синдикат на образованието (НСОН), од политичарите побара да ги почитуваат колективните договори и тоа што го ветиле:

„Неисполнето ветување е лага, а лагата мора да биде казнета. Лагата врз работници е најголем грев што може да ѝ се препише на една политичка елита. Бараме патни трошоци исто како нивните, хранарина исто како нивната, истите бенефиции, оти ние тоа го заслужуваме. Со што сте вие поважни од нас и зошто тоа ние не го заслужуваме? Нема да има мир додека не се исполнат барањата на работниците“, рече Гиевски.

Претставници на гранските синдикати на ССМ порачаа дека бараат надлежните да си стојат на зборот и тоа што го ветиле пред една, две или три години да го исполнат, затоа што неисполнето ветување е лага, а лагата мора да биде казнета.

„Лагата врз работници е грев. Нема да има мир додека не се исполнат барањата на работниците“, порачаа синдикалците.

За крај Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов се обрати пред присутните, нагласувајќи:

„И минатиот 1-ви Мај баравме исто, и овој 1-ви Мај бараме исто. И следниот ќе бараме исто“, истакна пред Владата, првиот синдикалец, Слободан Трендафилов, кој додаде дека за разлика од минатата година кога имаше друга влада во заминување и нова во доаѓање, сегашната кога дојде на власт, води грижа само за бизнисот, само за газдите и само за олигарсите, на штета на работниците.

„За прв пат од 2011 година, спротивно на закон, Владата утврди минимална плата еднострано и на штета на работниците. Денеска сме тука затоа што бараме Владата да биде на страната на работниците, на страната на граѓаните, на стана на нејзините гласачи, а не на страната на газдите, на олигарсите и на работодавачите“, рече Трендафилов.

„Денеска сме тука да бараме Владата да предложи измени на Законот за минимална плата со која минималната плата ќе ја зголеми на најмалку 30 илјади денари или 500 евра, онака достоинствено како што го направија владите насекаде во регионот, во Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска и Словенија“, рече Трендафилов, додавајќи: „Во спротивно ќе сметаме дека Владата сака да има најсиромашни работници за да ги нуди на странските инвеститори, како евтина работна сила, како робови“, нагласи тој.

„Тука сме собрани за да се избориме за минимална плата од 500 евра, помножена по коефициент за сложеност затоа што 500 евра плата не е доволно“, истакна Слободан Трендафилов, претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ). „Повеќе од јасно е дека две минимални плати не овозможуваат покривање на основните трошоци за живот на едно четиричлено семејно домаќинство. Ние не бараме ништо повеќе од пристојна плата за пристојна работа, плата со која ќе можеме да ги прехраниме нашите семејства. Ќе дојдеме и многу повеќе ако не ги зголемат платите, бидејќи со 160 илјади денари плата лесно се кажува дека со 24 илјади плата може пристојно да се живее. Владините претставници четири месеци се борат против синдикатите и против сите нас само за да не ги зголемат платите. За тие да уживаат, а ние да преживуваме. Нè напаѓаат за да ги одвратат работодавачите да преговараат со нас и со тоа да овозможиме повисоки плати за сите македонски работници“, рече првиот човек на ССМ барајќи од присутните исто како и пред Собранието да и го свртат грбот и на Владата испраќајќи и порака на власта да си ги исполни ветувањата кои ги дала за достоинствен животен стандард на работниците и граѓаните.

Трендафилов упати и предупредување до Владата дека доколку не се исполнат барањата на синдикатот за зголемување на платите, протестите ќе зачестат, а не е исклучен и генерален штрајк.

„Ќе се гледаме почесто, ќе бидеме побројни и ќе преземаме и други мерки. ССМ штрајкуваше 365 дена за да добие зголемување на платите и право на регрес за годишен одмор за 120 илјади работници. Може ќе штрајкуваме во целата држава, макар и на еден ден“, рече Трендафилов, повикувајќи ги присутните да упатат „УА за Владата“ и „УА за газдите“ нагласувајќи дека не отстапуваат од барањата за минимална плата од 500 евра.

Претседателот Трендафилов рече дека денеска претставниците на ССМ и работниците се присутни со своите семејства, а некои, како што ги нарече, „квази синдикалци“ се дома, и со тоа јавно и гласно го искритикува отсуството на КСС, откако тие во нивните изјави кажаа дека нема да организираат протест, бидејки според нив немало проблем со социјалниот дијалог и платите во државата.

„Оваа влада нема проблем со такви синдикалци, но ние работниците имаме, во изминатиот период владините претставници вршеа притисок врз работниците да се приклучат во вакви квази синдикати затоа што тие не бараат зголемување на платите и не се спремни да протестираат“– нагласи тој.

На крај, Претседателот на Сојузот на Синдикатите на Македонија (ССМ) Слободан Трендафилов им се заблагодари на сите работници и на сите оние кои му мислат добро на работникот за нивната поддршка и присуство, уверувајќи ги сите присутни дека синдикатот ќе ја продолжи борбата како и дека ќе продолжи да биде на браникот на работничките права. Им се заблагодари и на новинарите и снимателите кои го проследија протестот на ССМ и кои неуморно и објективно ги следат и Известуваат за активностите кои ги превзема Сојузот на синдикатите на Македонија. Исто така ги предупреди работодавачите, дека медиумските работници како и сите други работници кои денеска работат на празник, треба да добијат 250% празнична дневница.

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2025 | Сите права се задржани.