- Македонски
- English
Во организација на Меѓународната организација на трудот се одржа конференција на тема Управување со недостигот на работната сила во одредени занимања во Македонија.
На конференцијата беше презентирана Студијата изработена од МОТ за недостигот на работната сила со цел да придонесе до подобро разбирање на појавата на неурамнетеженоста во и недостигот на работната сила.
Свое обраќање имаа Миниатерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, директорката на МОТ за Централна и Источна Европа, Клер Харасти, постојниот координатор на ОН, Рита Колумбија, Нацооналниот координатор на МОТ Емил Крстановски, Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов како и претставници на работодавачите, универзитетите и др.
Додека Министерството за економија и труд во наредниот период развива системски пристап за усогласување на понудата и побарувачката на работната сила на домашниот пазар, Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) со порака дека недостигот на работна сила е резултат на ниските плати и злоупотреби од страна на газдите од Стопанската комора.
Министерот Дурмиши во своето воведно обраќањеистакна дека студијата изработена од МОТ овозможува длабински да се навлезе во проблемот и претставува патоказ за негово решавање.
– Недостигот на работна сила е предизвик со кој се соочуваат сѐ повеќе земји, особено во Европа, а кој не ja одминува ниту Северна Македонија. Додека од една страна се соочуваме со релативно високи стапки на невработеност и неактивност, од друга страна, секојдневно сѐ повеќе работодавачи пријавуваат проблеми со наоѓање и задржување на работна сила и се огласуваат испразнети работни позиции. Оваа студија и анализата на податоците спроведени од страна на Меѓународната организација на трудот ни овозможува длабински да навлеземе во проблемот и да креираме одржливи политики. Истовремено, тие претставуваат одличен патоказ за пристапот што треба да се применува во решавањето на оваа појава – истакна Дурмиши.
Според претседателот на ССМ Слободан Трендафилов, недостигот на работна сила во Македонија е резултат на ниските плати и злоупотребите на газдите од Стопанската комора.
– Да не заборавиме дека недостасува работна сила во Македонија поради ниските плати и злоупотребите на газдите од Стопанската комора кои ги прават веќе 34 години. Поради ниските плати работниците заминуваат од Македонија во некои други држави и да градат други економии и мислам дека тоа треба да биде најголемиот пораз за овие газди. За потсетување, толку што сме продуктивни им створивме огромен капитал, огромни богатства, а тие ги покрадоа компаниите во минатото, ги задржаа за себе… Ако вие ги плаќате мизерно, вие може да очекувате дека тие имаат пари за билет во еден правец, а тоа е надвор од Македонија – рече Трендафилов.
За него, многу загрижувачки е обидот на претходната влада за увезување работници, кои газдите ќе ги плаќаат помалку од домашните.
„Македонија стана една туристичка агенција, која ги носеше работниците од Непал, од Индија, од Пакистан, од Бангладеш и потоа од тука заминуваа во некоја од земјите во Европската Унија, каде што, се разбира, заработуваат подобро отколку во Македонија“, рече Трендафилов.
Директорката на МОТ, Клер Харасти, пак, посочи дека студијата опфаќа три главни области, односно искористување на неискористената работна сила, зголемување на продуктивноста преку инвестирање во политиките за образование и подобри услови за работа, како и миграција на работна сила за избрани сектори.
– Потребно е да се искористи неискористената работна сила, така што оние луѓе кои сè уште не се активно вклучени на пазарот на трудот, но би можеле да се вработат. Станува збор за жени со обврски за згрижување деца, млади луѓе кои не се вработени, лица со попреченост и исто така голем број постари работници кои се во најдени во ситуација да не се доволно вработливи, но би можеле да бидат вратени на пазарот на труд. Втората област на политики што треба да се разгледа е да се зголеми продуктивноста преку инвестирање во политиките за образование и вештини, како и во подобри услови за работа за да можеме да ги затвориме овие недостатоци. И третата област која може да биде дел од решението е миграција на работна сила за избрани сектори, избрани професии, добро регулирана и уредна миграција со правични практики за регрутирање – истакна Харасти.