Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

НИЕ РАБОТНИЦИТЕ ОД МАКЕДОНСКИ ШУМИ НА ПРОТЕСТ ЗА ПЛАТА!

НИЕ РАБОТНИЦИТЕ ОД МАКЕДОНСКИ ШУМИ НА ПРОТЕСТ ЗА ПЛАТА

Вработени во 30 подружници на ЈП „Национални шуми“ денеска протестираа пред дирекцијата на претпријатието, бидејќи втор месец немаат плата, а со оглед на тоа што голем процент од нив се теренски работници, не им се исплатува ниту теренскиот додаток. Станува збор за околу 1.800 вработени, кои бараат исплата на платите веднаш или, во спротивно, во содејство со синдикатите, ќе го радикализираат протестот, следниот пат пред Владата.

– Веќе третиот месец тече и доколку има само една исплатена плата, повторно ќе немаат здравствено осигурување – изјави претседателот на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање (СГИП), Иван Пешевски.

Тој потсети дека вработените во претпријатието се гневни на менаџментот, директорот и на своите раководители, како и на сите претставници од власта, затоа што „сите земаат за 80 отсто зголемени плати, а тие втор месец не земаат“.

– Ставот на менаџментот на јавното претпријатие е дека зимскиот период е секогаш тежок. Доколку е така, како можеа да набават нови возила во тој период и да потрошат милионски суми, а да не обезбедат плата за вработените? – истакна Пешевски.

Тој посочи дека пред избори, во претпријатието биле вработени 355 лица за кои треба да се обезбедат плати и ги повика претставниците на власта и на политичките партии, кога одат по градовите во рамките на изборната кампања, да ги прашаат луѓето за нивните проблеми, а не да кажуваат што ќе направат или што не направиле тие пред нив.

– Ако продолжат вака, нема да дочекаат да има народ на изборите. На работникот во Македонија му е згорчено од политика и од сето она што го живее секојдневно и оди на работа за плата и за додатоци на плата. Срамно е во 21 век да се молиме за плата за месеци што луѓето ги изработиле. Ако се прашуваат некои или кажуваат дека има крадци во „Национални шуми“, јас оттука им кажувам дека крадците се во дирекција и во фотелји, крадците не се ни сеча, ни дотур, ни сите шумари, кои и онака земаат мизерни плати – рече Пешевски.

Од Синдикатот сметаат дека во ЈП „Национални шуми“ не треба да има сезонски вработувања од 10 месеци годишно, туку вработените треба да работат 12 месеци, да земаат плата и да им бидат платени придонесите.

Од Синдикатот планираат да го радикализираат протестот во следните денови, пред Владата и да го заокружат и 1 Мај, како Меѓународен ден на трудот.

– Во следните денови ќе бидеме сè побројни и погласни, особено вработените во јавниот сектор, бидејќи врие и во „Паркови и зеленило“, во Комунално, во „Водовод“, „Водостопанство“, „Македонски пошти“, кај културните работници и секаде каде што има мизерни плати – истакна Пешевски.

Синдикат за градежништво - СГИП

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2024 | Сите права се задржани.