Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

ПРОМОВИРАН ТРУДОТ„КОЛЕКТИВНО ПРЕГОВАРАЊЕ И СИНДИКАЛНО ВОДСТВО“

19.5.2016


Слика 1. Претседателот д-р Митревски на промоцијата

Во академска и пријатна атмосфера во присуство на познати гости и истакнати општествени работници, денес во библиотеката на Меѓународен Славјански Универзитет „Г. Р. Державин“ – Свети Николе се одржа свечена промоција на книгата „Колективното преговарање и синдикалното водство“ од авторот доц. д-р Живко Митревски, претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија и воедно професор по предметот Трудово право на Факултетот за правни науки при МСУ.

Ова претставува шести труд коишто претседателот на ССМ д-р Живко Митревски го издава од неговата колекција на трудови во кои главна тема е синдикализмот.

Слика 2. рецензенти на трудот

За книгата говореа рецензентите проф. д-р Тодор Каламатиев, професор по предметот Трудово право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ од Скопје и проф. д-р Александар Илиевски, Декан на Факултетот за правни науки при МСУ.

На промоцијата обраќање имаше и Претседателот на УО на МСУ, д-р Јордан Ѓорчев, а посебен осврт за книгата даде и самиот автор.

Во својата рецензија проф. д-р Тодор Каламатиев истакна: „Трудот се одликува со сериозен пристап кон третираниот проблем и опфаќа обработка на сите релевантни аспекти, аргументација за поставените тези и илустрација на релевантните податоци. Ваквиот пристап е надополнет со користење на релевантна најнова домашна и странска научна и стручна литература. Изразеното критичко размислување, базирано на сеопфатна компаративна анализа, како и емпириско истражување - значајни за конципирање на заклучоците, насоките и препораките му даваат посебен придонес на трудот. И на крајот, трудот претставува основа за натамошни истражувања од оваа област, што е потврда за неговата стручно - научна вредност и токму затоа топло го препорачувам на пошироката стручна јавност, особено на оние кои се занимаваат со проблемите на синдикатот, со процесот на колективното преговарање и на сите оние кои сакаат и мислат дека се синдикални лидери“.

Проф. д-р Александар Илиевски истакна дека има голема чест што ваков истакнат кадар предава на катедрата за Правни науки на Меѓународниот Славјански Универзитет „Гаврило Романович Державин“ и го искажа своето задоволство што токму студентите од овој универзитет ќе ја имаат први можноста оваа книга да ја користат како дополнителна литература.

За самиот труд осврт даде и д-р Живко Митревски кој се задржа на идејата за тоа како настанал овој труд, основната потреба и намена на истиот.


Слика 3. Потпишување на книгите

На крај, со голема чест и задоволство од страна на авторот за присутните беа потпишани и поделени примероци од книгата.

 

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2026 | Сите права се задржани.