- Македонски
- English

Колку точно наставници се отпуштени од македонскиот образовен систем и дали ќе се организираат протести се двете прашања кои канцеларијата на ОБСЕ утринава ги постави на Мултиетничкиот синдикат за образование (МЕСО).
УСАИД, пак, сака да дознае на колку од наставниците кои минатите десет години се едуцирале на нивна сметка не им се продолжени договорите за работа, информира Кољо Најденов, секретар на МЕСО.
Ние не располагаме со точни податоци и списоци и можеме да го зборуваме само она во што сме сигурни. Имаме податоци дека не им се продолжени договорите на над една илјада наставници. Само од членови на СОНК досега забележивме 700 јавувања и молби за помош од повеќето региони во земјава, вели Најденов
Проблематично ќе биде документирањето на вистинската состојба, проценува Најденов. ОБСЕ и УСАИД можат да побараат податоци од СОНК и од други страни, но според досегашниот начин на замајување на јавноста се сомневаме дека ќе се соопшти вистината. Министерот Никола Тодоров ја префрла одговорноста на градоначалниците и дава изјави за различно толкување на спогодбата што министерството и СОНК ја потпишаа во декември минатата година.
Всушност се купува време и се мами целата јавност за партиските бркања во образованието. Веќе не може да се сокрие дека СОНК и Министерството за образование се во спрега. Неколку пати се изнесуваат лажни податоци, за само 274 наставници, а пред неколку дена, на 11 септември, претседателот на СОНК Дојчин Цветановски изјави дека сите наставници ќе бидат вратени на работа “до крајот на денот“. Но во училиштата ништо не е променето. Некои од наставниците се надвор од училиштата, други вршат настава, но фактички работат на црно, коментира Најденов. Лидерот на СОНК Цветановски, пак, откако ги немаше две недели излезе со произволни бројки па повторно некаде се изгуби.
Да се потсетиме дека според Законот за работни односи после пет години стаж на определено време работниот однос автоматски се трансформира на неопределено. Но имаме случаи на луѓе кои работат повеќе од пет години и кои станале жртви на чистките во образованието.
Во меѓувреме отпуштените наставници почнуваат да се организираат. Покрај секојдневните апели за помош до МЕСО, околу 240 наставници од седум градови од источна Македонија формираа координативно тело и ги повикуваат наставниците од целата земја да им се придружат против политизацијата на образованието.
Сметаме дека има основа да се интервенира кај народниот правобранител, затоа што се работи за кршење на основни човекови права. Во секој случај е добро што за настаните се заинтересира меѓународната јавност, објаснува Најденов.