Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

ОДРЖАН ЦЕНТРАЛЕН СОВЕТ НА МАКЕДОНСКИОТ ПОЛИЦИСКИ СИНДИКАТ

На ден 15.04.2026 година во салата за состаноци на ССМ, Централниот  совет на Македонскиот полициски синдикат ја одржа својата четврта 
редовна седница. По усвојувањето на записникот од третата седница на Централниот совет и верификацијата на одлуките донесени помеѓу двете седници, претседателот на МПС, Зоран Кузманоски, го информираше Советот за работата на Синдикатот во наведениот период.Како резултат на континуираниот дијалог и активностите на Синдикатот, во соработка со министерот г-дин Панче Тошковски, со прераспределба на финансиски средства од Буџетот на МВР, во април 2026 година беше обезбедено линеарно зголемување на платите на вработените во износ од 1.667 денари нето, односно 2.470 денари бруто. Зголемувањето се однесува 
на основната плата, со што ќе се зголемат и додатоците на плата на  вработените во Министерството за внатрешни работи. И покрај тоа, МПС останува на ставот дека е неопходно системско зголемување на платите од најмалку 20%, со цел обезбедување достоинствен животен стандард. МПС активно учествуваше и во синдикалните активности на национално ниво, давајќи поддршка на протестите организирани од Сојузот на синдикатите на Македонија, со барања за зголемување на минималната плата и подобрување на платите на сите вработени.

Во извештајниот период беа одржани и повеќе работни состаноци со советите на МПС на терен, на кои беа разгледани конкретни проблеми и предлози на членството. Предлозите добиени од членството, аргументирано  и во рамки на законот, се анализираат и надградуваат, почитувајќи ги 
сите социјални, професионални, нормативни и други стандарди неопходни за подобрување на условите за работа на вработените во МВР. Како заеднички заклучок се наметна потребата од континуиран дијалог и заедничко делување со цел унапредување на правата и условите за работа.

Во овој период потпишан е нов Колективен договор во Агенцијата за разузнавање. Дополнително, за подобрување на правата на вработените во Управата за финансиска полиција и во Агенцијата за национална безбедност, се преговара за изготвување измени и дополнувања на колективните договори.

Во рамки на точките од дневниот ред кои се однесуваат на работењето на Македонскиот полициски синдикат, Централниот совет ја верификуваше завршната сметка за финансиското работење на МПС за 2025 година.

Воедно, беа разгледани и усвоени извештаите на: Надзорниот одбор, Статутарната комисија, Нормативната комисија, Комисијата за Солидарен фонд, Комисијата за соработка со коминтенти, Комисијата за набавки, Пописната комисија, Секцијата на млади, Секцијата на жени и Секцијата на пензионери.

Дополнително, беше донесена одлука за распишување избори за пополнување на испразнетите места во органите и телата на МПС.

Во рамки на точката „Разно“, беа донесени повеќе одлуки кои се однесуваат на именување членови во органите и телата на Синдикатот, верификација на мандатите на новоизбраните претседатели, како и одлука за учество на МПС на традиционалниот Првомајски протест во организација на ССМ.

Од страна на претседателот на МПС беа најавени и претстојни средби со министерот за внатрешни работи, како и со директорите на Агенцијата за национална безбедност, Управата за финансиска полиција и Агенцијата за разузнавање, во насока на почитување на колективните договори и унапредување на платите на вработените во овие институции.

Во наредниот период, Македонскиот полициски синдикат ќе продолжи со реализација на активности насочени кон подобрување на статусот на вработените, интензивирање на институционалниот дијалог и проширување на меѓународната и регионалната соработка.

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2026 | Сите права се задржани.