- Македонски
- English
Денеска се одржа првата седница на новиот состав на Економско - социјалниот Совет (ЕСС).
Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов заедно со Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши и Претседателката на Организацијата на работодавачите на Македонија Владанка Трајкоска ја потпишаа Спогодбата за конституирање на новиот состав на ЕСС.
На денешната контитутивна седница претставниците на ССМ на Економско-социјалниот совет ги истакнаа нивните главни очекувања и барања од новата Влада како и од Организацијата на работодавачите на Македонија.
На денешната прва седница социјалните партнери се согласија за потребата од зачестени средби на седниците на Економско-социјалниот совет на кои ќе ги дискутираат сите важни прашања.
На седницата, изнесени беа следните ставови и барања на ССМ во насока на:
- Потреба од раст на платите, вклучително и раст на минималната плата
- потпишување на Спогодбите и Анексите на Колективните договори до крајот на декември во јавниот сектор за утврдување на коефициентите на сложеност за работните места по просечната плата
-потпишување на Општиот колективен договор за приватниот сектор со регулирање на правото на годишен одмор над 20 работни денови и уредување на критериумите, како и бришење на одредбата со која работници кои не се синдикално организирани добиваат Регрес за годишен одмор под 40% со што ќе биде исправена голема неправда, и др.
Сметам дека тоа што го дискутиравме денеска на седницата на Економско-социјалниот совет би требало да даде резултати во многу скоро време, имајќи во предвид дека во подготовка е и буџетот за наредната година за што добивме уверување дека штом ги помине филтрите ќе седнеме на заедничка маса да го погледнеме и да ги видиме можностите на државата. Без оглед на тоа, социјалниот дијалог, седниците на Економско-социјалниот совет, треба да бидат местото каде што заеднички ќе ги градиме ставовите. Ние ќе ги кажеме нашите барања и очекувања, ќе ги видиме нивните можности и на крај ќе дојдеме до некакви решенија кои ќе значат добро за работниците, помош за работодавачите и просперитет на државата. Ние како претставници на работниците очекувавме оваа седница на Економско-социјалниот совет да се случи порано, меѓутоа сметам дека зачестените седници кои веќе ги најавија владините претставници ќе надоместат за времето кое ги загубивме и сметаме дека таа можност ќе ни овозможи нам да ги доближиме ставовите со Организацијата на работодавачи како единствена репрезентативна организација и претставник на работодавачите, со Владата и ССМ како единствен репрезентативен синдикат во државата. Нашите очекувања се дека треба навистина да седнеме и сериозно да ги разгледуваме сите информации кои ги имаме ние но ги има и државата и работодавачите. Свесни сме дека работниците со забрзано темпо се иселуваат и сите сме согласни дека многу ретко се враќаат. Треба да се потрудиме сите заедно преку растот на платите, преку подобрување на животниот стандард да направиме сериозен исчекор кој ќе овозможи останување на квалификуваниот работен кадар во Македонија, како и враќање на оние луѓе кои заминале од земјава, особено поради ниските плати – рече Претседателот на ССМ Трендафилов во изјава за медиумите.
\
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски на седницата на Економско социјалниот совет потенцираше дека за да има стабилна економија мора да има владеење на правото. Тука е дијалогот помеѓу синдикатите и работодавачите во делот на креирање услови за да можеме да функционираме како што треба и мислам дека со оваа денешна конститутивна седница ќе започнеме еден таков процес којшто ќе не води во таа насока да имаме, најпрво одржлива економија, владеење на правото и квалитетен дијалог помеѓу овие три страни, синдикатите, работодавачите и Владата.
Владата е партнер во којшто синдикалните здруженија и работодавачите ќе имаа доверба и ќе соработуваат нагласи Претседателот на Владата, Мицкоски.
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши истакна дека за Владата од клучно значење е транспарентниот социјален дијалог.
Економско социјалниот совет е трипартитно тело на национално ниво преку кое ние во наредниот период ќе го водиме социјалниот дијалог, ќе ги слушнеме барањата и на работодавачите и барањата на синдикатите и ќе носиме заеднички одлуки и мерки кои ќе имаат главна цел да се подобри животниот стандард на граѓаните.
Сакам да порачам дека во наредниот период сите одлуки, мерки, закони ќе се носат транспарентно во рамки на Економско социјалниот совет и ние ќе ги слушнеме и ќе ги разгледаме сите барања - истакна Министерот Дурмиши